Конечно меѓу партиите кои ја водат Република Македонија во изминативе 30 години, и после долго натегање се утврди датумот за предвремените парламентарни избори.
Не преостанува ништо друго освен да си посакаме среќа и да се надеваме дека ќе имаме фер и демократски избори, без валкани игри и подметнувања. А најмногу од се, посакувам веднаш после изборите новоизбраната влада да се фати во костец со справувањето со пандемијата на COVID 19, која за жал, во Макеоднија излезе целосно од контрола и станува се поопасна и по човечките животи, но и по економијата на земјата. Новата влада ќе има два големи предизвика пред себеси. Воедно, ќе има и еден, би рекол, предизвик над предизвиците – да се справи со целосна реформа и подобрување на образовнаиот систем. Бидејќи, да не се лажеме – ова што ни се случува во мигов на ниво на политичка и на граѓанска култура, а што има реперкусии врз неодговорното однесување и на политичарите и на граѓаните, кое резултира во неконтролирано ширење на пандемијата, е поврзано со лошто образование и воспитание, кое започнува уште во предучилишната возраст.
Постојат повеќе рамништа кои се оправдани за загриженост. Но во мигов мене ме загрижува вокабуларот на лидерот на ДУИ, што на многу непримерен начин ја пласираше идејата за албанец премиер. Ова е дотолку повеќе вознемирувачко, бидејќи доаѓа од устата на еден од ветераните на македонската политичка сцена. Убеден сум дека многумина од вас го делат моето мислење дека на етничкиот и националистички поглед треба да му кажеме ЗБОГУМ. Време е Македонија да ги напушти едно-националните реторики, кои служат за популистичка манипулација и ги поттикнуваат ретроградните процеси. Време е да говориме за граѓански концепти кои почиваат не на етно-националните идентитети туку на културните, плурални идентитети.
После војната во 2001 година и со потпишувањето на Рамковен договор, кој е комплетно имплементиран во Уставот на РМ и уште поважно се практикува во нашето секојдневие повеќе од јасно е за какво општествено уредување на нашата држава се работи.
Со Охридскиот договор сите страни се договоривме дека ќе правиме граѓански концепт на мултиетничка Македонија. Да биде јасно – немам никакви предрасуди за етничката припадност на идниот преиер на РМ, но начинот на кој што партијата ДУИ на чело со господинот Али Ахмети, Артан Груби и Изет Меџети, највисоко рангирани во самата партија, не е ништо друго туку навестување на говор на омраза со силен националистички акцент, и тенденција за повторни поделби.
Бев убеден дека национализмот е длабоко закопан и дека градиме вистинска модерна држава со граѓански концепт, со што можам слободно да кажам дека е уникатна не само на Балканот, туку и во Европа.
Моето разочарување е уште поголемо, бидејќи тоа доаѓа од лица кои досега на зборови, па и со некои свои дела, го градеа овој граѓански концепт со цел да се обезбеди мир и спокојство на сите граѓани во нашата држава.
Почитувани мои сограѓани, почитуван Господине Ахмети, најмалку од Вас го очекував овој националистички истап на кревката македонската политичка сцена. Со тоа нанесовте голем удар во и онака распуканото по сите шевови општество.
Политолозите би рекле дека ова е парламентарен трик за привлекување на гласачкото ткиво. Јас апсолутно не се согласувам со тоа.
Свесно или несвесно ја отворате Пандорината кутија на национализмот во кој што нема победник туку сите сме губитници. Зошто ова го велам? Денешната територија на Македонија беше повод за Балканските војни во почетокот на минатиот век, во кои што најповеќе страдаше домиционото население. Се плашам дека со ваквиот вокабулар ќе ги распламтите идентичните желби на нашите соседи како Бугарија, Србија и Грција и ќе предизвикате повторно кошмар во кој губитници ќе бидеме сите ние, граѓаите на РМ.
Дали извлековме поуки, бидејќи само после 80 години од тие војни, ние станавме самостојна држава, а ние граѓаните на Република Македонија мора посебно да внимаваме на прашањата поврзани со национализмот.
До кога треба да учиме од минатото? Зарем уште не научивме дека мирот е најголема победа на секој поединец и општество, а за остварување на тој посакуван мир има нешта што ниту во сон не смееме да ги помислиме, а уште помалку јавно да ги изречеме.
Од тој аспект, апелирам до сите учесници во предизборната кампања на предвремените парламентарни избори, во нивната реторика национализмот да го заменат со зборовите на респект, почит и љубов. Националната граматика да ја заменат со достоинствен граѓански вокабулар.
Жалосно е што морам да констатирам дека најголема е љубовта на политичарите кон сопствениот народ токму во предизборието.
Живееме во еден хаотичен моментум справувајќи се со непознатиот вирус, со нефункционалноста на техничката Влада, бидејќи и поради предвремено закажаните парламентарни избори, на 12 Април Собранието беше распуштено, а лидерите на водечките политички партии дополнително ја наелектризираа севкупната состојба во Македонија околу датумот за одржување на предвремените парламентарни избори..
Во целиот овој хаос, без исклучок, беа вовлечени сите легитимни институции, па дури и Претседателот Пендаровски, кој што непотребно го присилија политичките актери да менува изјави комплетно спротивставени, во период од 24 часа.
Би сакал да заклучам и испратам порака до секој поединец во нашата земја, а посебно до политичките лидери дека се наоѓаме во еден навистина невидено тежок период, во справување со многу суштински проблеми за нашето опстојување.
Мудроста и разумот треба да победат, а дали ќе победат? Сметам како што вели старата поговорка за нашата недораснатост, треба да изедеме уште многу фурни леб.
И на крајот би завршил со порака до сите лидери на политичките партии кои учествуваат во предвремените парламентарни избори “КАЖЕТЕ МУ ЗБОГУМ НА НАЦИОНАЛИЗМОТ, ТОА Е КАНЦЕР НА АКТУЕЛНИОВ ЦИВИЛИЗАЦИСКИ РАЗВОЈ”.