Вардар

Прекрасно пакување


Морам да кажам дека под влијание на мојот постар син, го напуштивме Работнички и се преселивме во Вардар и сфативме дека тука веќе ѓаволот ја отерал шегата затоа што Вардар е навистина прекрасно пакување, меѓутоа кога ќе го отворите многу мириса и не е пријатно да го имаш до себе.

Кога симпатизерите или навивачите, после третото, четвртото коло од преземањето на Вардар, ги тепаа своите фудбалери на Стража по враќањето од натпреварот во Кичево реков „доста е, јас се повлекувам“.

Ќе ги покријам сите потреби на Вардар до крајот на сезоната, меѓутоа понатака веќе не сметајте на мене.

И тоа беше мое последно збогување со сите спортови во Република Македонија.

Задоволен сум. Со Вардар не успеавме од проста причина што едноставно или има тим кој ќе го води, или нема. Не може работнички совет да ми ја води екипата, а некој да спонзорира. Некој да дивее по стадионите и да прави лоша сцена. Не може така. Фудбалот сепак за мене е игра, достоинствена игра, надигрување. Меѓутоа навреди од каков било вид не смеат да бидат дел од фолклорот.

Потоа веќе почна војната, сите работи почнаа да се развиваат на национална основа и јас едноставно реков „не, тука веќе не ми е местото“. Тоа не беше иницирано од моја страна, туку беше иницирано од навивачите. Навивачите на Вардар одиграа многу ретроградна улога во моето менаџирање со клубот. Местото на навивачите секојпат треба да биде на трибините, нивните барања треба да се земат предвид, ама не и секој пат да се имплементираат.

Денес мораме да говориме со јазикот на иднината. Националните каузи треба длабоко да ги закопаме кога е во прашање спортот. Политиката и политичките актери не треба воопшто да се идентификуваат со спортот, бидејќи спортот е само надградба во човечкото битисување. Тоа беа моите последни ангажмани во спортот.