Здравје

Само образован и здрав човек може да креира здрава иднина


Здравјето на поединецот е најтемелната основа на која може да се гради иднината на личен и општествен план. Само здрави луѓе можат да творат, создаваат и остават траги зад себе.

Здравјето само по себе, не е само збор, туку многу повеќе.

Говориме за сегмент кој е неодминлив во општествениот развој. Само здрави луѓе може да бидат креатори и да се справуваат со идните општествени динамики. Од тој аспект мора да посветиме посебно внимание на здравјето на поединецот и на севкупното општество.

Човекот пред сè има три атрибути. Тоа се: образование, здравство и здравје и иднина која мораме самите да си ја креираме согласно реалните можности кој ни ги дава самата природа и ние луѓето како дел од таа природа.

Само образован и здрав човек може да креира здрава иднина.

Мојот став е дека нашата држава не смее да штеди на сметка на здравјето на моите сограѓани.

Едуцираме, медицински персонал на сите нивоа, меѓутоа мораме да ги доопремиме со неопходното дообразување и технологија за нивно натамошно делување на овој план.

Употребата на фармацевтските производи, наменети за граѓаните мора да бидат од врвен квалитет. Не смее цената на фармацевтскиот производ да биде главниот елемент при набавката на фармацевтските производи.

Составот на фармацевтските производи мора да биде од примарно значење! Го застапувам ставот дека мојот сограѓанин мора да користи најдобри фармацевтски производи, бидејќи малите аномалии, меѓу еден или друг производ можат да предизвикаат додатни несакани појави по здравјето на поединците кои го користат тој фармацевтски производ.

Нам ни требаат здрави граѓани.

Здравјето на поединецот од секој аспект посебно за луѓето кои се занимаваат со политиката мора да биде ставено како врвен приоритет. Впрочем поучени од праксата во САД, каде кандидатите за претседател пред отпочнувањето на своите изборни кампањи, мораат да го презентираат пред јавноста историјатот на сопственото здравје. Тоа е еден од условите дека на клучна позиција ќе дојдат здрави луѓе.

Современата култура го налага барањето на заедницата да знае кому ќе ја довери високата политичка позиција.

Од лично искуство сакам да споделам со јавноста дека моето детство и пубертет ги минав вообичаено со пропратни аномалии. На 15 години добив чир на дванаесетпалечното црево и ми се појавија вени на мојата лева нога. На 18 години на прва година на Економскиот факултет во Скопје, ми прсна чирот и имав ургентна операција. Вените кои со годините се влошуваа ги отстранлив со операциски зафат на 34 години. Денес на својата возраст овие девијантни појави по моето здравје се комплетно санирани и функционирам како вистински здрав човек, а здрав човек, умее да запее, да спортува, да се забавува со своите пријатели. Поттикот е уште поголем бидејќи со своето искуство можам да дадам пример на следните генерации дека и здравјето како сегмент во нашето живеење зависи од нашата култура и филозофија на живеење. Вообичаено секоја година го проверувам моето здравје. Благодарност до институциите во здравството кои ја овозможуваат оваа животна обврска.