Детство

Романтично минато

Секогаш кога се посетувам на моето детство, не знам, можеби времето си го чини своето, ме враќа во некое романтично минато кое длабоко е врежано во нашето сеќавање.

Јас сум роден скопјанец, од мајка гевгеличанка и татко скопјанец. Роден сум во Ново маало, кај амбулантата на РСВР, близу до Црвениот крст.

Кога сум бил многу мал, сум бил многу мрзлив. Ништо не сум сакал да правам. До својата втора, трета година не сум сакал ниту да зборувам. Морале да ме купат со бонбонче за да ми го слушнат гласот. Исто така бев и многу мирен. Кога сум бил бебе, брат ми, кој е постар од мене пет години, за да ми го слушне гласот дошол до оригинална идеја. Тогаш се греевме во кујна каде што се готвеше, и ми го ставил прстот на печката за да ми го слушне гласот. И ден денес ми стои белег од изгореницата.

Роден сум во улица во која немаше олуци по куќите, а немаше ниту асфалт. Покрај мојата куќа поминуваше јаз кој се спушташе од Водно и како канал одеше кон реката Вардар. Многу се радувавме кога ќе дојдеше зима. Иако беше многу ладно, тогаш немаше други обувки освен обложени од долу со ѓон, ние се радувавме на зимата, на долгите мразулци кои ги имаше многу ако беше посебно ладна зима. Тоа се убави нешта.

Летата беа прекрасни. На улиците кои беа со пепел, немаше бетон, игравме фудбал, прво со топка од чорапи, потоа успеавме тие чорапи да ги затвориме со најлонска женска чорапа, а потоа излегоа пластични топки, па фудбали. Како деца игравме се – почнувајќи од фанта, челик, џамлии, игри на мор, на шлајка, мавање од контрук …

Во нашето соседство имаше и голубари, па често одевме да ги гледаме гулабите и правевме многу прекрасни нешта на кои се сеќавам и ден денес. Во нашето маало имаше и една ковачница, до рампата имаше, така да го наречам „паркинг“ за стоката со која се носеше роба на зелено пазарче и имаше еден мајстор што ги потковуваше коњите, ги поправаше колите … Имавме и фурна и тоа беше ритуал за нас како деца. Особено во сабота или недела.

Детството ни беше мирно, вообичаено за целото маало, немаше отскокнување во поглед на стандардот, ниту меѓу луѓето. Едноставно се делеше сè … Се беше заедничко. Во повеќето домаќинства реткост беше и сопругата да работи, така што сите беа дома и меѓусебната комуникација на позајмување, на пример една чаша шеќер, една чаша зејтин, па „ќе ми дадеш малку маст и ќе ти го вратам“, беше толку вообичаено што ние често пати како деца бевме разнесувачи на позајмици од една на друга куќа и тој социјален живот се одвиваше на улица. Посебно во летните или есенските денови.

Бидејќи социјалниот живот на нас децата ни беше улицата, обично во летните денови се јадеше на улица. На кришка леб ќе ти намачкаат маст, па одозгора ќе стават сол или алпипер, ако сакаш слатко ќе ти стават шеќер и водичка одозгора, ако имаше мармалад или некој џем, беше многу убаво.

Татко ми од воената болница каде што работеше како администратор носеше сируп за грло и кога мајка ми немаше што да ми намачка, на лебот ќе ми ставеше од сирупот и онаков сладок и горчлив, мене ми беше многу убав. И тоа често пати сум го јадел на улица. А на улица, како на улица, првата работа беше некој да чепне, да ти земе гриз-чепарлук.

Од желбата да има девојче, мајка ми до моја седма година ме третираше како девојче. Имав долга руса коса и таа ми врзуваше машни.

Кога татко ми еднаш ме однесе на натпревар на Вардар, не се сеќавам со кого играше во прва југословенска лига, јас, бидејќи како мало дете не ме интересираше многу, се изгубив. После натпреварот татко ми ме барал, викал по мене, но мене никаде ме нема. Јас сум го запомнил патот од кај сме дошле и сум тргнал назад од стадион кон Ново Маало. Во тоа време тоа беше многу далеку, особено за мало дете од претшколска возраст. Сите ме барале, ме немало никаде. Татко ми се јавил во полиција рекол „синот ми се изгуби“, а тие му рекле „немаме син, имаме едно девојче“. Моите родители дојдоа, ме земаа од полициска станица и тоа длабоко ми е врежано во меморијата.

Летата ги минувавме во Гевгелија. Од таму беше мајка ми, имаа имот, зарзават, овошје и летата беа убави и честопати ги поминувавме таму. Уживавме во овошјата и зеленчуците, особено во петровката, таа најрано зрееше уште во јуни. А на есен сите правеа зимници… Од смокви ги имавме сите можни слатка и џемови. Многу сум поврзан со тој регион, со Гевгелија.

Кога наполнив седум години, пред да тргнам на училиште, тетка ми ме ишиша во Гевгелија. Кога се појавив на железничката станица во Скопје, кога мајка ми ме препозна, почна да плаче. Со тоа заврши моето третирање како девојче и станав машко.

Кога потпораснавме, бевме фантаџии. Прво наоѓавме место каде што можеме да се коцкаме, условно кажано, па се фрлаш на линија, а јас бев добар фрлач, секогаш бев меѓу првите.

Додека бев градоначалник на Скопје, маџармаалците практикуваа секоја година на 1 јануари да играат фанта. Мене како градоначалник ме поканија да одам на нивниот собир, отидов, играв и дојдов до финале. И во финалето на фрлањето изгубив. Така требало да биде.