Живееме интензивна анксиозност и блокираност на повеќе рамништа, и фактички, и симболички, и економски, и здравствени, но и психолошки и политички, заради пандемијата на COVID 19, која се чини, не стивнува, не барем во нашата земја. Токму затоа сите треба да бидеме одговорни, и да размислуваме како можеме да придонесеме за справувањето со оваа криза.
За жал, повеќе од очигледно е дека Македонија е на опашката од сите самостојни држави во светот, кои успешно се справуваат со оваа пандемија, Ковид-19. Покажавме неспремност и како држава но и како совесни граѓани да се справиме со оваа закана.
Факт е дека во изминативе декади човекот успешно се справуваше со слични пандемии како вариола вера, птичји грип, свински грип и други, меѓутоа за жал со актуелниов вирус во моментов не можеме да се справиме, односно не умееме да се однесуваме соодветно кон него на начин на кој ќе ја добиеме битката.
На понеделничкиот редовен прес на Министерот за здравство Венко Филипче, министер во Техничката влада на Република Македонија, каде што присуствуваа и претставниците од советодавното тело на министерството, Др. Караџоски, претседател на комисијата и Др. Зибери, бев непријатно изненаден од новинарите од сите медиуми кои влошената состојба со вирусот во нашата земја, целосно, не размислувајќи малку подлабоко, ја префрлија врз плеќите на овие стручни луѓе, кои, сепак, прават најмногу што можат согласно сопствената експертиза и согласно сопствените лекарски етички кодови. Дали навистина неуспехот со борбата против панедмијата треба да се лоцира кај овие луѓе?
Сакам да ги убедам моите сограѓани да погледнат подлабоко во генезата во самото справување со овој опасен вирус. Јас лично одговорноста би ја лоцирал и префрлил на Техничката влада, која беше создадена со цел да организира предвремени парламентарни избори, бидејќи оваа Влада функционира како РОГОВИ ВО ВРЕЌА, бидејќи партиите на власт и опозиција се толку спротивставени и ги гледаат исклучиво партиските интереси. Моето мислење е дека дури и министерот Филипче, и неговиот тим се заложници на една неспособна и безизлезна политичка замка и неукост, која почива на популистички предизборни императиви.
Со цел да се додворат сите политички партии на гласачите, сведоци сме за хаотичноста и неодговорноста на Владата, која не функционира по ниеден основ, а особено на релација Влада-Министерство за внатрешни работи каде принципот на подметнување и напаѓање е единственото нешто што постои меѓу нив, а не заедништвото кое ќе нѐ обедини во борбата против оваа пандемија.
Партиските препукувања во македонскиот и албанскиот блок се толку силни што верувајте ми, а убеден сум дека и многумина го делат моето мислење, не се за доброто на граѓаните на Република Македонија. Во ваквата лимбо состојба на севкупната политичка сцена во Македонија, врв на хипокризијата е занемарувањето на граѓанинот.
За надминување на оваа ситуација според мене постојат три можни опции.
Првата опција е избори по секоја цена и да проголтаме кнедла дека не е периодот за избори, меѓутоа ќе бидеме сигурни дека тоа го правиме во интерес за иднината на граѓаните на Република Македонија.
Втората варијанта е отповикување на Техничката влада во која учествуваат само политички партии и со консензус на сите политички партии формирање на Експертска влада, составена од еминентни експерти од сите области, без политички back ground, која ќе има ингеренции и можности да презема и поригорозни мерки во справување со оваа пандемија и секако работење на реализација на предвремени парламентарни избори, кога за тоа ќе се создадат услови.
Длабоко сум убеден дека Експертската влада многу поуспешно ќе се справи со оваа пандемија, применувајќи ги законите кои ќе бидат во полза на граѓаните а не во полза на партиите и стриктно придржувајќи се кон бараните мерки и услови, предложени од експертите во епидемиолошката област, за спречување и натамошно ширење на овој вирус.
Третата варијанта е Претседателот на РМ да прогласи воена вонредна состојба. Можеби звучи изненадувачки, меѓутоа за тоа имам и образложение зошто.
Во нашиот уставен систем имаме две тела кои функционираат во заштита на граѓаните и државата. Полицијата е таа која ги штити граѓаните, а војската е таа која ја брани државата.
Сведоци сме дека во изминатите две декади буџетот на РМ, одвоен за МВР или просто кажано полиција беше повеќекратно зголемен отколку буџетот на МО, односно армијата на РМ. Ваквото зголемување и арчење на народните пари само повеќе ја отвори Пандорината кутија за поголем криминал и корупција. Ова го кажувам најискрено бидејќи ниту еден политички субјект од осамостојувањето на РМ, па до денес не покажа принципиелен однос со располагањето на народните пари.
Од друга страна хиерархијата во Министерството за внатрешни работи и хиерархијата во Министерството за одбрана се толку различни што мене лично кај првите 10 важни позиции во МВР, кои имаат политички предзнак и хиерархијата и унапредувањето е по желба на налогодавците, додека во АРМ хиерархијата неможе да се достигне без да се исполнат минимум стандарди за унапредување во хиерархијата и впрочем ние со АРМ влеговме во НАТО каде постојат вистински вредносни системи.
Сакам да ги потсетам читателите и граѓаните на РМ за случајот со село Стајковци, август 2016 година, кога поради потценување на природата која може да биде брутална, не беше земена предвид при градење на обиколницата во Скопје. Во тие моменти единствено војската успеа да влезе во село Стајковци и колку-толку да почне да го средува македонското цунами во овој регион. Нивната интервенција по мене беше благослов од Господ, бидејќи Агенцијата за справување со кризи и Полицијата неможеа да влезат ниту во селото, а камо ли да ги решаваат настанатите проблеми.
Почитувани читатели, убеден сум дека доколку се направи анкета меѓу граѓаните на РМ во кое министерство од Владата имаат поголема доверба, дека тоа ќе биде Министерството за одбрана, односно Армијата на Република Македонија. Простете доколку грешам, меѓутоа АРМ има посебно место кај секој поединец во РМ, ако некој незнае зошто да му одговорам: ниту еден граѓанин не почувствувал каков било притисок или криминал или корупција од внатрешните институции на АРМ.
Почитувани граѓани, сакам да го завршам текстот со желба и указ за разумот да надвладее меѓу нас граѓаните на РМ за справување со оваа пандемија, од која економските последици допрва ќе ги почувствуваме сите. Ниту розови очила нема да ја сменат реалноста дека ќе има пад на економијата, пад на стандардот кај луѓето, што секако не е најубава перспектива.
Отстапување од оваа борба не смее да има бидејќи животот на секој поединец е еден и единствен и тој мора да биде победник.