За мене единствена партија е Македонија
Во 2002 година учествував на парламентите избори заедно со СДСМ како независен кандидат и сметам дека моето присуство им помогна да ја извојуваат најголемата победа во историјата на парламентарните избори во Македонија. Мојата популарност со Кометал, мојата филантропија, моето секојдневно живеење, луѓето ги препознаваа како позитивно и доблесно, и сметам дека не погрешија кога тогаш гласаа за мене. Затоа што јас ги немам измамено.
За разлика од СДСМ и целата коалиција, кампањата ја водев на мој начин, со мој речник и мои ветувања. Подобро кажано не ветував, туку говорев дека ќе направам сè што е во моите можности, во интерес на секој поединец и заедницата.
Бев во изборна единица 2 и сам си ја финансирав кампањата.
Незадоволен од односот на тогашната коалиција којашто победи и веќе беше во Парламентот, се дистанцирав на самиот почеток, кога инсистирав во Владата на Црвенковски да се формира посебно Министерство за евроинтеграции со времен мандат како по теркот на патот кој го изоде Хрватска во нејзината европска агенда. Уште повеќе се разделивме кога почнаа да ја имплементираат територијалната организација, која не беше правена по терк на економските потреби на поединецот, туку се направи политички договор во кој повеќе се водеше сметка за националните ентитети во општините, одошто заедничкиот интерес во развојот на децентрализацијата.
Третото мое недоразбирање со тогашната актуелна власт беше кога се расправаше во Парламентот и се формираше тело за справување со кризи под капата на Владата. Поради специфичноста, мојот став беше дека ова тело треба да биде управувано од структурите на АРМ, а не како во случајов од структурите на МВР. Зошто? Затоа што, едукацијата во воените структури е многу посилна отколку едукацијата во полицијата. За овој мој став говори и фактот што случајот со поплавата во Стајковци во 2016 година, армијата на Република Македонија беше таа која влезе во селото и овозможи брзо да се санира оваа природна непогода. Моја лична благодарност до армијата на РМ за овој чин.
Ние го потценивме местото и улогата на армијата, но тоа е тема на којашто допрва ќе дадам свои видувања.
Јас трагам или застапувам луѓе кои имаат во себе вградени човечки и корпоративни вредности. Дали е Македонец, Албанец, Бошњак, Србин, Ром, за мене тоа не е битно …
Сè уште ми е во свежо сеќавање, референдумот, распишан по прашање врзано за територијалната поделба во 2004 година, однесувањето на тогашната партија на власт-СДСМ. Крајно дегутантно беше од страна на челниците на оваа партија, кои му забранија на своето членство да излезе на гласање. Референдумот не успеа, затоа што политичките барања беа посилни од потребите на севкупната популација во Република Македонија. На денот на референдумското изјаснување, флоскулите од типот „седете си дома“ и ден денес не ми се јасни. Градиме демократско општество? Не!.градиме авторитарен режим.
После тоа се случи несреќата во која загина претседателот Трајковски. Јас веќе бев член на Меѓународната кризна група и член на советот за надворешни работи на САД. Се наметна прашањето за кандидат за претседател кој требаше да го промовира тогашната партија на власт, односно СДСМ. Со тогашниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски имавме тричасовен разговор во неговата вила и во принцип добив уверување дека доколку не се случи нешто непредвидено, јас ќе бидам кандидат за претседател. Заминав за Америка и во Вашингтон, како денеска се сеќавам, бевме гости на Институтот за демократија кој будно ја следеше ситуацијата во Македонија. Луѓето ми пријдоа со огромни симпатии, отворено ми рекоа „вие најверојатно ќе бидете следниот кандидат за претседател“, и додека пиевме кафе, стигна вест дека Бранко Црвенковски едногласно е избран за претседателски кандидат на СДСМ. Ме навреди и ме повреди. Да ми кажеше дека има такви намери, немаше причина да не го поддржам. Но не беше чесно. И ден денес не му замерувам, познавајќи ја човечката желба за достигнување на некои висини, за достигнување на некои високи позиции во животот.
Со оглед на тоа што сфатив дека во Парламентот не можам да делувам, иако настапив со своја програма, меѓу другото и за евроинтеграција, уште на првата собраниска седница јас се судрив со мојата коалиција. Кога се формираше владата, јас барав по примерот на Хрватска да направиме посебно Министерство за евроинтеграции кое требаше да се опреми со најквалитетниот кадар во Република Македонија за што побрзо да се доближиме до евроинтегративните процеси. Со тоа ќе пратевме порака и дома во земјата и надвор – дека сме одлучни. Но бев дочекан „на нож“. Ме обвинија дека имам некакви свои намери, дека за министри ќе поставувам некои свои луѓе. Јас немав никави свои предлози за луѓе кои требаше да ја заземат таа позиција. Тоа го барав во интерес на државата. Но не бев сфатен и тогаш станаа тие недоразбирања и одлучив да се кандидирам за градоначалник на град Скопје.
Прв кој дозна за мојата кандидатура беше тогашниот актуелен премиер Владо Бучковски, после го информирав и тогашниот претседател Бранко Црвенковски и барав поддршка од сите. Но Бучковски искрено ми кажа: Ние сме во коалиција со Либералдемократската партија и ќе го поддржиме Пенов.
Тогаш се кандидирав како независен кандидат и ме поддржа ВМРО иако многу неволно, затоа што веројатно и тие си имаа свој кандидат, но во тој момент мојата тежина во јавноста беше многу силна и едноставно се приклучија на победничкиот воз.