ЗАБЕГАНОСТ

Веќе не е време за задскривање, за еуфемизми, и за говор во ракавици. Денес ќе ги симнам белите ракавици и најотворено, без заддршка ќе проговорам за темите кои мене длабоко ме засегаат и се однесуваат на нашата држава.

Како што е општо познато предвремените парламентарни избори се закажани за 15 јули, а веќе е отпочната валканата кампања помеѓу големите партии кои претендираат за власт.

Верувајте ми неможам да се ослободам од чувството на глупоста што во моментов ни влегува во нашите домови и нe вознемирува, а тоа е прашањето КОЈ ЌЕ БИДЕ ИДЕН ПРЕМИЕР? Небаре премиерското место е наследство на семејството, небаре станува збор за потекло од кралска лоза или пак, како премиерското место е резервирано за определена група на луѓе кои за жал неможат да ја сфатат големата слика за местото и улогата на таа функција.

Многу невообичаено за Господинот Ахмети кој ја фрли мамката за албанец премиер, а моите македонски лидери се фатија на таа мамка како кленови на јадица, а впрочем кленовите во Велес ги викаат УТМАНИ.

Дури сега ја сваќам идејата на Господинот Ахмети, а тоа е да ги видиме вистинските лица на нашите идни премиери. Со еден збор ги натера да се „соголат“ пред гласачите за да видиме за каква политичка елита се работи во нашата земја.

Жалосно е да се биде дел од ова политичко милје во Македонија, а уште потешко за народот кој сакал или не, треба да ги гласа.

Почитувани читатели, секој од нас различно го сфаќа поимот Премиер, меѓутоа во едно ќе се согласиме – тоа е првиот човек во Владата, кој треба да е креатор, организатор и познавач за развојот на нашата земја, секако со неговиот стручен тим. Во нашиот политички систем, премиерот е најважната и најодговорната функција на чело на државата.

Премиер по мене треба да биде визионер, добар организатор на човечки, експертски рсурси, но и на сите општествени разгранувања, тимски играч, доволно демократски ориентиран и отворен да слуша, но и доволно самосвесен за нештата кои се одвиваат на политичката сцена и секако мора да поседува доволно знаење и познавање на човечката психологија и да постави луѓе во ресорните министерства кои ќе  ја сработат својата работа најдобро што можат.

Дали имаме такви луѓе во Македонија?.. ДА, убеден сум дека постојат, но дали се тоа тие кои пред изборната кампања се крунисуваат како премиери?… Не сум сигурен. Можам само да заклучам дека единствена нитка која ги поврзува сите политичари во Македонија е нивната забеганост, нивната опседнатост со партикуларните интереси и отсуство на демократски и граѓански капацитет да го поимаат општеството – повеќето од нив, ако не и сите, се однесуваат како ова да е монархија или приватна фирма, а не држава.

Да почнам по ред… Кој е тимот на Господинот Заев, кој ќе ја направи Македонија просперитетна и економски силна држава? Кој е тимот на Господинот Мицкоски, што ќе донесе нова пролет во Македонија и, дефинитивно, кој е тимот на Господинот Ахмети?!

Опкружувањето кај сите овие лидери е со неопитни луѓе, без животно искуство и знаење и редок е случајот некој од нив да го заработувал парчето леб со сопствен труд. Од друга страна веќе истрошени политичари кои независно од нивната речитост, гледајќи наназад, ништо не направиле за оваа навистина напатена држава, а живеејќи од народните пари и тоа мошне добро, немаат ништо направено за оваа држава. Таквите треба да си заминат од политичката сцена, а за жал ги има многу.

Дали забеганите идни премиери ќе смогнат сили да дадат вистински кадровски решенија за луѓе кои се доблесни, стручни и ефективни?

Нека ми простат сите актери на политичката македонска сцена, по мои лични убедувања идниот Премиер треба да биде обединител, кој покрај животното искуство ќе умее да го состави најдоброто од тоа што го имаме во Македонија.

Нe чекаат тешки предизвици со справувањето со тешката пандемија, а уште повеќе и со поткрепата и равојот на економијата.

Личноста Премиер по мене треба повеќе да слуша од експертите на одредени области, а помалку да биде лиферуван катадневно во нашите домови со популистички флоскули кои немаат никакво суштествено значење, и се само го загадуваат и трујат мачниот и неизвесен живот на граѓаните.

Од даденава политичка структура по моите критериуми личноста која ги исполнува условите за Премиер е Никола Димитров, актуелниот Министер за надворешни работи, дипломат и човек со огромен детектирачки сензибилитет на вистинските општествени проблеми во нашата земја и дефинитивно неизвалкан со криминал.

Ајде, Господине Заев, Господине Мицкоски и Господине Ахмети, земете го во предвид мојот предлог и имајте малку доблест во себе за доброто на државата, а не само за потхранување на сопствените суети, и уште полошо, лошото стопанисување со народните пари.

Ајде да пораснеме веќе еднаш за доброто на граѓаните на оваа земја и за иднината на идните генерации, да покажеме пример како треба да се управува државата. Излезете од прангите на вашата забеганост и неодговорност. Политиката не е за задоволување на нарцистички желби туку таа е сериозна одговорност од која зависи историјата на целата држава.

Share:

Остави коментар