Градоначалник на Скопје

  • Home
  • Градоначалник на Скопје

Функцијата Градоначалник е обврска, а не привилегија

Откако во 2005 година победив на изборите за градоначалник на Скопје, веднаш се зафатив со функцијата. Бидејќи бев независен кандидат, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, мојот мандат почна со многу премрежија.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ имаше свои барања за поддршката и јас тие барања ги реализирав во рамките кои требаше да овозможат функционалност, меѓутоа не можев да испорачам нешто што длабоко во мене е спротивно на потребите за извршување на мојата функција Градоначалник на град Скопје, каде морав да водам сметка за сите мои сограѓани. Советот на градот беше арената каде што се кршеа сите копја. 

Бела Книга – Извештај за Град Скопје 2005-2009

 

Во моето менаџирање со градот посебно внимание морав да посветам на политичките интереси на партиите кои имаа свои членови во Советот на Град Скопје.

Настојував и од позицијата и опозицијата во советот да создадам единство и успеав на тој план. Успеав затоа што при носењето на мојот годишен план за буџетот на Град Скопје во 2009 година, истиот беше изгласан со акламација, а знаете зошто? Затоа што во изминатите три и половина години советниците на Град Скопје ја тестираа мојата човечност, хуманост и праведност и сфатија дека пред себе имаат вистински човек.

Во вршењето на мојата функција имаше моменти кога политичките интереси во советот надвладуваа и создаваа многу тешки моменти за мене лично.

Никогаш нема да го заборавам денот кога разочаран од советниците од најголемите партии во Советот на Град Скопје, а тоа беше во првата година од мојот мандат, отидов кај мојот пријател и другар, веќе починат, академик, скулптор Томе Серафимовски со цел да побарам совет, како понатаму треба да функционирам, бидејќи сериозно размислував и за мое заминување од оваа функција. Тој ми кажа две мудрости; првата баба дава 5 денари да се фати за оро, а 100 денари за да излезе од орото, и втората мудрост која ја практикуваат далматинците во Хрватска вели: није се таки родија који је свима угодија. Пораката беше јасна, машки ќе го изнесам мандатот и ќе работам по својата чиста совест. Вечна благодарност за овој прекрасен совет до покојниот Серафимовски.

Градот го водев домаќински, тоа значи доверените пари на моите сограѓани морав домаќински да ги трошам и штитам. На овој план сметам дека ги оправдав очекувањата на моите сограѓани. Долговите на градот од цирка 20 милиони евра ги санирав за една и половина година. Да биде јасно! Во мојот мандат буџетот на Град Скопје се движеше од 30-35 милиони евра на годишно ниво.

Во втората година од мојот мандат, Градот Скопје беше финансиски стабилен, а заедно со градот и сите јавни претпријатија и администрацијата на градот кои се нераскинлив дел во функционирањето на градот.

Противпожарната Бригада со децентрализацијата премина во владение од тогашното МВР во ингеренции на Градот Скопје. Посебен акцент дадов на оваа бригада и настојував да ја осовременам и механизирам во рамките на можностите на градот, бидејќи мене ми беше многу јасно за каква институција се работи и колку треба да биде поддржана. Во современите урбани средини безбедноста на граѓаните, нивните имоти, како и имотот на општеството се од врвно значење. Потребна е високо професионална и механизирана институција. Горд сум што моите пожарникари ја имаа честа да ја добијат најдобрата опрема за лична безбедност на пожарникарите.

Мојата независност како човек ме чинеше скапо. Убеден сум дека и двете најголеми партии во македонскиот блок и ден денес гледаат на мене како недоверлив партиски војник. За мене единствена партија е Македонија. Мојот глас на било какви избори ќе го добие тој кој има визија за нашата заедничка иднина, но и искуство таа визија ја имплементира. Слободоумен сум, искусен и вљубеник во мојата татковина Македонија.

Во самото поимање на функцијата Градоначалник, јас првенствено ја чувствував како обврска, а не како привилегија. Во суштината на оваа функција е менаџирањето со администрацијата, јавните претпријатија и секако желбата ама и знаењето како да им го подобриме животот на моите сограѓани во градот.

Зафатите кои се однесуваат на овој план се над земја и под земја. Жално е што градоначалниците кои доаѓаат од редовите на политичките партии, сакајќи да се додворат на граѓаните, посегнуваат по активности кои се забележливи од самите граѓани. Вистинските проблеми во Градот Скопје се под земја и во самата земја. Фекална, атмосферска канализација, водовод и водоснабдување, квалитетна вода, кабелско поврзување до домовите и институциите, се работи кои се далеку од окото на граѓаните.

Според мене, нерешавање на сите овие подземни потреби ќе значи живот небезбеден по здравјето на граѓаните во големите урбани средини. Инфраструктурата е многу битна за функционалност на урбаната средина, меѓутоа здравјето на граѓаните за мене има највисок приоритет. Каков воздух дишеме, каква вода пиеме и од која почва ја консумираме храната во нашето секојдневие.

Азбестот којшто е сеприсутен во нашето секојдневие е приоритет за секој Градоначалник кој треба да работи на негово отстранување, а за овој проблем убеден сум дека ќе имаме поддршка и од нашите идни сограѓани, членките на ЕУ.

За загаденоста

Во мојот мандат, тогаш отворено кажував и денес велам: проблемите на Скопје не се над земјата, туку под неа.

Во тоа време немаше мерни единици за загадување на воздухот, а денес приодот кон решавањето на тој проблем е многу површен. Говорам од позиција на поранешен градоначалник и познавач на индустријата и стопанство на поранешна Југославија … Денеска имаме инструменти за мерење на загадувањето, а ја немаме проанализирано длабоко, како што тоа го прави современиот свет, почвата и водата којашто ја консумираме, па да дојдеме до уште покатастрофални податоци дека навистина живееме во многу загадена средина.

За загаденоста само ќе набројам неколку примери: Скопје беше единствен главен град во поранешна СФРЈ во кој гравитираше севкупната валкана индустрија почнувајќи од рудници и железарници Скопје, Алумина која беше во центарот на Скопје и голем загадувач, Цементара, Годел – кожарската индустрија која е исклучително опасна индустрија затоа што во преработката на кожа се користат тешки хемикалии, Купрум … Во однос на Охис, на пример, за да се стави тоа земјиште во употреба, да биде урбанизирано, мора најмалку два метри земјата да се отстрани и да се депонира некаде каде што ќе нема допир со воздух и земја, а потоа да се нанесе нова земја за да се користи за живеење.

Преработувачката индустрија во поранешна Југославија не беше со ништо заштитена во однос на загадување на животната средина.

Генезата на загадувањето на Скопје е многу подлабока од она што мислиме дека загадуваат старите возила, или греењето на дрва. Скопје отсекогаш се греело со дрва.

Ние сме соучесници во уништувањето на земјината топка.

Решение има и мора да има, но мора да ја поставиме точната дијагноза. Постојат институции и институти кои се занимаваат со оваа материја. Ова е животно прашање за секој граѓанин на град Скопје, па и на Македонија. Не е само Скопје загаден град, туку и Тетово, Велес, Битола и други.

Владата треба да ангажира најеминентна истражувачка компанија која ќе утврди кои се причинителите за ова загадување. Тврдам дека загадувањето потекнува од почвата и водата, а честичките кои паѓаат и се креваат во воздухот се само сегмент кој ние го чувствуваме во одредени моменти.

Едукацијата на граѓаните е најважна

Јас поаѓав од примерот на Виена која е прекрасен град за живеење, чист, урбан, со висока култура. Да ги донесете жителите од Виена да живеат во Скопје, Скопје за една недела нема да бие толку убав, ама ќе биде чист град. А да ги однесете Скопјани во Виена, за една недела ќе биде валкан град како што е Скопје. Се е до едукацијата и културата на луѓето. За жал, главната поента е што едукацијата кај нас е занемарена, ставена е на маргините на интересот на ова општество.

Едукација на секој човек почнува од неговото раѓање. Тоа е најголемата инвестиција на секое општество. И никогаш не е доцна за едукација, ако јас на мои години велам дека и јас сакам да се доедуцирам и гладен сум за знаење, сакам да ги осознаам и потребите на младиот човек, сакам да ги освежам и потребите на мојата генерација – да сфатат дека животот е еден и единствен. Додека човекот функционира и е здрав и прав со чиста мисла, тој треба секогаш да се надоградува. И тоа во многу сфери.

Вистински градоначалник

Како вистински градоначалник се чувствував после втората година затоа што ги осознав сите проблеми на градот и умеев да ги менаџирам. Ги сфатив местото и улогата на јавните претпријатија, на противпожарната бригада, и секогаш настојував да ги анимирам да дадат повеќе и ги користев сите можни алатки од финансиски средства, преку организација на игри, до летувања. Се обидував да создадам поголема симбиоза меѓу јавните претпријатија за да се поддржуваат, затоа што во нив работат околу 10.000 луѓе кои зависат од таа плата. Денес нема да најдете ниту еден човек од вработените во тоа време додека бев градоначалник кој ќе каже нешто лошо за мене.

Во мојот мандат успеав да вратам 20 милиони евра долг, успеав да убедам фирми да отпишат четири милиони евра побарувања. Успеав да ја стабилизираме касата на Скопје, во која за разлика од Владата, имаше еден плус повеќе кредитен рејтинг. Немаше неподмирени обврски, секогаш нормален проток на готовина, вработените во администрацијата и во јавните претпријатија беа задоволни, и јас прв го имплементирав начинот на поддршка на јавните претпријатија. Почнав со дополнителни инјекции за јавните претпријатија со цел градот да го направиме урбана средина во која и граѓаните ќе се чувствуваат подобро, и ќе имаме подобра флора и фауна.

Иако наследив празна каса, ги расчистив сите долгови на градот и го почнав проектот трамвај, кој за жал не беше дозволено да се имплементира. Убеден сум дека тој проект беше единственото решение во градот Скопје како алтернатива на автобускиот сообраќај.

Касата ја оставив со осум милиони евра коишто беа наменети за отпочнување на проектот трамвај.

Претставништво на Градот Скопје во Брисел

Моја идеја беше и градот Скопје да отвори свое претставништво во Брисел за да ги „нападнеме“ фондовите кои можат да се користат за инфраструктурни работи во урбаните населби. ВМРО не ми дозволи, затоа што мислеа дека ќе поставувам свои луѓе. Јас немав никакви луѓе. Поучен од искуството на балтичките земји Литванија, Летонија, Естонија кои државите се изградија со помош на Европска Унија, јас сметав дека ние ќе можеме да искористиме барем дел. Тие дури ни се понудија во нивните канцеларии да сместиме свој претставник. Мојата идеја беше да го направиме најсилниот интелектуален сектор кој ќе ги детектира и ќе направи проекти за сите подземни проблеми. На пример со азбестот, кој е канцероген материјал. Во Скопје го има под земја, над земја, го има секаде. Начинот на справување со овој неметал е многу специфичен. Тоа е проект кој денес, само за Скопје ќе чини милијарда евра. Сите земји овој проблем го расчистија во 60-те и 70-те години од минатиот век.

Мене не ми дозволија да формирам претставништво на Скопје во Брисел каде имав јасна визија што треба тоа претставништво да работи, и после моето заминување од функцијата Градоначалник на Град Скопје, тогашната партија на власт ВМРО, отворија претставништво на ЗЕЛС во Брисел. Факт е дека немале визија што требало да претставува овој истурен пункт на локалната самоуправа во Брисел, затоа што не донесе никакви резултати. Заклучувам дека идеја може да се купи, меѓутоа за таа идеја да се реализира потребна е стратегија, а за такво нешто, потребни се луѓе со знаење и искуство.

Ние мора да поставиме цели. А потоа ќе ги бараме луѓето и инструментите со кои ќе ги постигнеме тие цели. Ние од осамостојувањето до ден денес неискористуваме фондови на ЕУ поради нашето незнаење.

За Матка

Матка за мене е Света Гора, македонскиот Ерусалим. Има 11 активни манастири и темели на разурнати 65 манастири. Прекрасен кањон со посебна флора и фауна. Со посебни подводни и надземни пештери. Мојата идеја беше заедно со МПЦ и локалното население, да го обновиме сиот тој манастирски живот, не како манастири, туку како една приказна за раното христијанство која денес ќе беше продадена многу подобро и ќе имавме многу повеќе приходи од добро организираниот туристички аспект.

Кањонот Матка природно е заглавен и не може да прими голем број на љубители. Но имаше решение. Според мене, решението беше по сртот на Водно да се направи жичара со неколку попатни станици, со ресторанчиња, кафетерии … Да не зборувам за панорамскиот поглед од сртот на Водно кој е прекрасен. Таа жичара ќе завршуваше над кањонот Матка од неговата лева и десна страна, и со неколку брзи лифтови да можат и луѓе со хендикеп да посетуваат. Да им се овозможеше влегување во самата Матка. Манастирите требаше да бидат со едуциран кадар кој ќе ја раскажуваше приказната за местото и улогата на Матка во цивилизацискиот развој, и во развојот на рано христијанството. Во однос на сервисите кои требаше да им служат на сите посетители, разработивме план со сите детали за сè што требаше да се гради таму, по сртовите на самата планина и околу езерото Матка. Се мораше да биде според строги прописи согласно кои не смееше да се наруши флората и фауната кои и ден денес се уникатни и во Македонија и во Европа.

За Зоолошката градина

Зоолошката градина беше уништена за време на мојот претходник. Уличните кучиња живееја во зоолошката градина со животните. Ние изградивме ѕид, ја оградивме како што и доликува, го имплементиравме системот на Еаза кој бара секое животно да има посебни, соодветни услови какви што би ги имало во природата.

Зоолошката градина не е направена со пари на градот. Таа е направена со пари од донации во кои моите лични донации беа најголеми. На Зоолошката градина и имам подарено околу 400.000 евра.

Таа денеска веќе е гордост не само на Скопје туку и на Македонија. Јас сум горд на тоа.

Градоначалник волонтер

Цел мандат го поминав волонтерски. Сиот инвентар што беше во функција на градот Скопје, посебно во кабинетот на градоначалникот, го купив јас. Се што внатре требаше да претставува еден висок стандард, со цивилизирано претставување на градот, го обезбедив јас. Ниту еднаш не сум користел градско возило, плата не земав, сам си ги плаќав авионските карти и сместувањето по хотелите. Едноставно сметав дека треба да се оддолжам на моите сограѓани бидејќи потекнувам од тука, тука го стекнав моето образование и едукација. Отидов во белиот свет и станав тоа што сум, ама мојот камен остана вечно во мене.

Сите финансиски средства што по закон ги прима еден градоначалник одеа како помош на луѓето на кои им беа најпотребни, или за нечие лекување, ниту денар не сум задржал за себе. И тоа е една природно вградена вертикала во мене којашто јас не можам да ја одминам.

Одлучив да не се кандидирам за втор мандат затоа што бев разочаран од приодот на политичките партии кои го гледаа само својот интерес и партиските вработувања. Бев уморен од политичките игри. На крајот од мојот мандат двете политички елити веќе работеа на негирање на моите успеси како градоначалник, иако моите успеси беа евидентни, се разбира во рамките на буџетот кој го имаше градот.

Работев домаќински. Не сакав да си поигрувам со довербата на граѓаните, затоа што работев со нивните пари. Моја обврска беше нивните пари максимално да ги ставам во употреба на граѓаните. Јас бев посветен само на доброто и интересот на граѓаните, и ден денес мојот однос кон моите сограѓани е со висок респект.

Потекнувам од овој камен. Господ ми дал можност да научам и да се дообразувам повеќе, но ова е мој камен. Секогаш ќе се вратам кај него.