Кометал

Први европски шампиони од осамостојувањето на Македонија

19 мај 2002 година во мене буди многу длабоки чувства кои засекогаш ќе останат силни и длабоко врежани. 

Тогаш со Кометал ја освоивме титулата шампиони на Европа. Долгоочекувана титула после една година пауза кога не казнија поради настанот што се случи во спортската сала Кале.

Меѓутоа бевме убедени и раководството на клубот и јас како спонзор дека мораме да истраеме во оваа цел и изградивме тим којшто апсолутно веќе беше зрел за освојување на титула и беше лудост таа работа да ја пропуштиме иако веќе една година бевме казнети.

Со цел да ги анимирам ракометарките, годината во која ни беше забрането да се натпреваруваме на европско ниво како држава, јас им организирав заедничко летување. Сите ракометарки дојдоа со своите сопрузи, дечковци … Имавме едно прекрасно летување и стожерот на тимот го задржавме организирајќи многу турнири надвор од земјата кои имаа значење за освојување титули. Со тоа го билдаа она што им претстоеше уште од почетокот – титулата, која фуриозно беше донесена во Скопје.

Никој не се сомневаше дека ние ќе ја освоиме титулата после победата во Волгоград. И сметам дека тоа се можеби најубавите моменти во мојот живот. И не само во мојот, туку и во животот на многу мои сограѓани, затоа што тоа беше првата вистинска радост во Република Македонија што се случи од осамостојувањето на земјата. Имавме тешки години на ембаргото од страна на Грција, па потоа бегалската криза којашто беше кон крајот на минатиот век и да не кажам војната во Република Македонија 2001 година. Титулата на Кометал беше како балсам, една убава обвивка на раната која треба да ја залечиме и да продолжиме понатаму. За мене тоа е неповторлив склоп на чувства.

Иако имав апсолутна доверба во луѓето коишто го водеа клубот, од мене секогаш се бараше мислење при креирање на ростерот, во поглед на преговарањето и тоа какви играчи ни требаат,. Не се спротивставував на тој план и бевме добро организирани како тим – добар и лош. Јас бев секогаш добриот, имаше и „лоши“ луѓе во тимот, односно кои требаше да ја играат таа улога.

Меѓутоа како сопственик и како финансиер на тој клуб, ракометарките апсолутно ме гледаа како втор татко. Имаа толку доверба во мене што често пати поради нивните приватни проблеми, бидејќи добиваа високи плати за нивно време, за да не им ги трошат непотребно нивните партнери или пријатели, тие ми ги оставаа мене јас да им ги чувам. Што е доказ за уште поголема доверба и дека навистина ме чувствуваа како татко.

Кога ние бевме во ракометот, тогаш повеќе пари се вложуваа во женскиот отколку во машкиот ракомет. Не само во Македонија туку и во Европа. И објективно, особено после нашето освојување на титулата коешто беше големо изненадување за целата европска ракометна јавност, што титула оди во една мала држава која тукушто излегла од граѓанска војна. И тогаш се зголемија и се појавија многу поголеми и посилни финансиери кои посегнаа по ракометарките. Ние го пратевме тој од колку што можевме, бидејќи не сакам да влегувам во некои работи коишто не можам да ги исполнам. И објективно во тој ростер на ракометарки веќе имаше неколку коишто беа на залез на кариерата. Мораше да има подмладување.

Тогаш почнавме да размислуваме да го претвориме Кометал во симбол на една македонска кауза преку која сакавме да го анимираме севкупниот македонски стопански потенцијал да застане зад каузата Ѓорче Петров. Не мораше да биде Кометал, можевме да го избришеме. На тој пат не најдовме на никакво разбирање кај силните стопанственици во Македонија кои и ден денес се силни. Меѓутоа тие сакаа да бидат дел од победата и многу сакаа да се сликаат со победниците, но кога ќе требаа да се фатат за џебот се однесуваа како да имаат змија во него.

Моето повлекување од ракометот беше во моментот кога сфатив дека не можам сам да го сервисирам и не можам да играм главна улога. Првите знаци дека се појавуваат посилни играчи беше кога Ања Андерсон направи нова екипа – Шлагелсе којашто на метеорски начин ја освои титулата и не прегази. Меѓутоа кога ние гостувавме во Шлагелсе, јас бев единствениот спонзор на Кометал … Не однесоа на ручек во импровизирана сала со шатори, за преку 600-700 луѓе и на еден огромен бим стоеше најава на сите спонзори кои Шлагелсе ги имаше – преку 50. Значи говорам за еден систем и сфатив дека системот на one man show кој има краток животен рок. Тој е комета, ќе се појави ќе блесне и ќе згасне.

Системот којшто јас сакав да го креирам после мојата неможност да го пратам тоа темпо на средства кои требаше да се инвестираат едноставно не беше прифатен и сè уште не е прифатен во Република Македонија. Сите сè уште го гледаме сопствениот двор а општествениот интерес го ставаме на страна. Кога видов дека веќе не можам понатака, се откажав од спонзорство и тука заврши мојата улога во ракометот. Да имам можности пак би го почнал истиот пат. Меѓутоа светот на бизнисот не оди секогаш по логика на нештата. Честопати други инсајдерски играчи можат да влезат и да ви ја руинираат целта. Криво ми е што господинот Самсоненко којшто е Русин по националност, доаѓа и инвестира во Република Македонија, машкиот тим на Вардар два пати го прави европски шампион, девојките ги донесе до финале и за малку ќе ја освоеја титулата европски шампион, а тој човек денеска е заборавен од актуелната власт. Тоа е срам за нас вклучувајќи ме и мене, бидејќи јас и да дадам, давам на мое, а тој е Русин. Какви и да биле неговите лукративни интереси, не ме интересира, тој заслужува висок почит и респект. На тој човек треба да му се даде највисок орден во Македонија за заслуги во спортот. Тој донел две европски титули и такви работи не смеат да се забораваат.

Јас чувствував должност како Македонец да се оддолжам на мојата татковина. Бидејќи не бев присутен на политичката сцена, не можев да помогнам, сметав дека преку спортот, кој е најдобриот амбасадор на една држава, ќе успееме да ја афирмираме Македонија. И објективно, ракометот денеска со сите свои проблеми што ги имаме како општество, сепак е најсилен и најсилно застапен во ЕХФ во којшто имаме најголем број на членови од ракометната федерација на Македонија коишто учествуваат во работата на тоа тело. Во ниедно друго тело во кој било спорт ние немаме толку луѓе колку што имаме во ракометот. Тоа само за себе говори дека и на овој план сум бил во зачетокот за имплементирање на еден национален спорт којшто денеска е препознаен во Европа па и пошироко.