Закрепнување на Македонската економија

Погодени од пандемијата која ни се случи во 2020 година, посебно на економски план, Светската Банка предвидува дека Македонија со своето ниво на БДП ќе се врати на ниво од 2019 година, после цели две години.

Јас лично се сомневам во ова предвидување за брзо рестартирање на економијата, бидејќи најпрво пандемијата и понатаму беснее низ светот и сè уште не сме на чисто со какви мутирани форми на Ковид-19 ќе се соочиме во идниот период.

Во случајов ја потенцирам заканата од вирусот Ковид-19 и неговата мутација за целиот светски поредок. Се надевам дека ќе испаднеме како победници од овој опасен вирус и неговите мутанти, ама не сум сигурен колку време ќе ни треба за оваа победа.

Од друга страна, доколку се реши прашањето со пандемијата на Ковид-19 во најкраток период, не сум убеден дека нашата држава бргу ќе закрепне од причина што во услови на неразвиена економија, кога во време на пандемија има огромен пад, а со падот се уништува голем дел од индустријата, посебно ќе ја наведам текстилната индустрија, закрепнувањето ќе трае многу подолг период.

Вообичаено во светот на бизнисот, падовите се молневити и брзи, а опоравувањата се болни и тешки. Само силните економии кои планираат долгорочно ќе бидат победници во брзото закрепнување, а со самото тоа ќе станат и посилни играчи на ниво на светската економија.

Ние во Македонија со стопанството секојпат импровизираме. Немаме изградено развојна стратегија на кое поле нашата држава ќе се фокусира со цел да бидеме препознатливи во регионот и во идната Европска Унија.

Слободните економски зони? Жалосно е мои пријатели. На светските стопански номади кои се селат од држава во држава, барајќи поволности од Владата која им ги дава, а кои ние граѓаните на Република Македонија ги плаќаме, нека ми простат луѓето, ама тоа не е стратегија.

Системот на купи ден-продај ден продолжува и понатаму. Се движиме на отворено море без компас. Модерните општества таквиот начин не го практикуваат.

Владата на РМ почитувани мои и нејзините тела се одговорни колку брзо ќе акрепнеме.

За жал квалитетни луѓе во Владата кој можат да потегнат на ова поле јас не гледам. Ако вие ги гледате ве молам посоветувајте ме.

 

Share:

Остави коментар