Вие што го чувате споменот на мојата младост...
на мојот занес, на мојата смеа, на мојот понесен збор, знајте:
понекогаш сум толку жеден за вашата рака!
И ми се чини дека од само еден допир, мек и мигновен,
сè би минало што ме боли, би се сталожило,
и би здивнала мојата душа.
Но сепак стојте кајшто сте се нашле, да не се видиме пак!
Ваша должност нека остане, да не се наруши споменот каков сум бил.
Ништо друго!
Блаже Конески
Прво одделение почнав во училиштето „Браќа Миладиновци“ и учителката ми се викаше Рајна. Со оглед на тоа што во детството тешко ја кажував буквата „р“, (и ден денес сум мек на „р“ – имам француско „р“), честопати ја нарекував со еден незгоден термин. Второ одделение се префрлив во „11 октомври“ затоа што беше поблиску. Веројатно наталитетот и растот на Скопје си го направи своето и се отворија повеќе основни училишта. Ние во одделение бевме повеќе од 35 деца. Тука беше населбата Пролет, а и од Мичурин гравитираа кон тој дел, имаше навистина многу деца и многу млади големи семејства.
Потоа училиштето се подели на две училишта „11 Октомври“ и „Григор Прличев“, па така основно завршив во „Григор Прличев“. Во средно прво учев во „Корчагин“, а после земјотресот се префрлив во Гевгелија и една година учев таму.
Откако се вратив, не продолжив во „Корчагин“ и се префрлив во „Јосип Броз Тито“ од каде што и ден денес ми се сите другари. Во четврта година таму завршив прво полугодие, а второ полугодие повторно завршив во Гевгелија. И тоа поради многу банална причина. Математика ни предаваше Новак Илиевски, дојде на замена за старата професорка, а часот по математика секогаш беше после часот по фискултура. И негов принцип секогаш беше „ајде број 15 на табла“. А број 15 бев јас. На физичко најмногу игравме фудбал и секогаш испотен „ајде на табла“ … Тогаш ги изучувавме дропките и имаше три системи на решавање на дропки. Јас најновиот систем не го знаев, па дропката ја решив по стариот систем и на крајот тој ми вели „и?“. Јас му реков дека резултатот е точен, тој рече „да точен е … еден нула за мене“. И ми стави единица во дневник низ целата графа. Тогаш мавнав со кредата, се одби од дневникот и го удри во чело, и јас си заминав. Тоа беше пред полугодие, крајот на ноември месец. После тоа имавме писмена на која ги решив сите задачи, но не сакаше да ми стави петка и ми стави 3 на 4 или 4 на 3. На наставнички совет инсистираа да ми се поправи оценката. Тој прво одби, но по инсистирање на наставничкиот совет, ми ја поправи во петка. Откако ми беше поправена оценката, си ги собрав документите и веднаш заминав за Гевгелија кај тетка ми која ме сакаше како свое чедо.
Мојот тетин Коста и тетка Тинка немаа деца и јас бев нивни омилен внук и многу ме сакаа. Тоа беше неограничена љубов. Таа гледаше на кафе. Беше малку видовита и често ми велеше: Де бе Пуне, заврти ја таа чашта да ти гледум. Да видам како ќе ти биде ко ќе порасниш. Ева, голем човек ќе бидеш.“ Јас не и верував.
Така завршив во Гевгелија, бев одличен, па се запишав на економски факултет.
Прво на инсистирање на мојот татко, бидејќи тој беше вљубен во медицината, тргнав да се запишам на медицински факултет. Брат ми веќе беше на стоматологија, а јас хемија бев тапа. Го пуштам еден другар да полага приемен испит и тој добива поени колку да влезам на стоматолошки, не на медицински факултет. Во тоа време, татко ми беше толку луциден, и рече: „Сега ќе му пишеме писмо на претседателот Тито, дека ние сме работничко семејство, и така натаму …“ Го напиша писмото, а мене ми рече во меѓувреме да се запишам на друг факултет, „па ќе се вратиш на медицина ако Тито одобри“.
Се запишав на економски факултет и првата година уште во јуни ги елиминирав 90 отсто од испитите и лесно ми одеше година за година. Пред почеток на сесија на факултет, доаѓа писмо од претседателот Тито во кое пишуваше: „Примени сте на медицинскиот факултет во Скопје, одете таму“.
Тогаш татко ми рече „лекари не се бараат многу, гледам се бараат правници и економисти, ти терај си го економскиот факултет“.
Економскиот факултет го завршив за неполни три години. Морам да кажам дека тоа беше „ресавска школа“. Немаше учебници по кои можеше да се учи, и на предавањата фаќавме белешки … Ние што бевме поитри одевме во „кино утро“ во Кино Карпош, a другите колешки и колеги фаќаа белешки и кога ќе дојдеше сесија за испити, фотокопиравме, вадевме сиже од сите предавања и одевме на испити. Јас немам паднато ниту еден испит на економски факултет, но просекот ми е 6,65. Учев толку колку што ми требаше за да положам. Немав намера понатаму да се занимавам со образование, или да продолжам со наука, а во меѓувреме почнав да заработувам со сопствен труд и си имав свој џепарлак.
Уште од деца, на мојот постар брат му правев друштво и често одевме на товарна во станица Скопје. Растоваравме цемент, јаглен, дрва и заработувавме по 10 до 20 динари што за нас беа солидни пари. Од 12 години јас го продавав раниот домат на тетин ми и тетка ми од Гевгелија, којшто беше многу популарен во поранешна Југославија. После 10 јуни, јас фаќав воз и одев во Словенија. Марибор, Цеље, Љубљана, Шторе – сите тие места ми беа како дома. Цело лето продавав домати. И така до мојата 21 година. Така го заработував мојот џепарлак и едноставно тоа ми лежеше. Јас и ден денес подобро се снаоѓам кога треба нешто да продадам отколку кога треба нешто да купам. Толку добро ми одеше, што подоцна не ги продавав само моите производи, туку и на други луѓе од Гевгелија. Тоа одеше сезонски – кога ќе завршеа доматите, почнуваше сезоната на грозје, па на кајсии и така натаму. Така јас летата ги минував во Словенија продавајќи и заработувајќи го својот џепарлак.
Во меѓувреме сам научив да свирам на гитара. Пред дипломирање направивме и бенд „Црвено Црни“ во кој јас бев пејач. Тоа беа времиња кога тешко се доаѓаше до пари за финансирање на електрични гитари, појачала, звучници, микрофони …