Животот е еден, што подлабоко го осознаваме, стануваме побогати
Роден е на 27 декември 1946 во Скопје, Република Македонија. Оженет е, и има три деца.
Бизнис кариерата на Костовски почнува во почетокот на 1970-тите години и до ден денес тој е успешен претприемач, кого го одликува грижа за вработените, целосна посветеност на работата и фер однос и почит кон клиентите.
Трифун Костовски како политичар најмногу го опишува неговото мото „За мене единствена партија е Македонија“. Во својата работа како независен пратеник, член на многу домашни и меѓународни организации и градоначалник на Скопје, Костовски секогаш на прво место ја става Македонија и нејзините граѓани, нивните потреби, почитувањето на човековите права и достоинството на сите Македонци и земјата на која и го посвети својот живот.
Трифун Костовски животот го посветува на помош на оние на кои им е најпотребна, грижа за науката, културата и уметноста, иако јавноста најмногу го знае по неговото спонзорирање во спортот. Едно од тие спонзорства секако е женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров кој и ја донесе првата најголемата радост на спортско поле на македонската нација, освојувајќи ја титулата Европски шампион во 2002 година, токму под покровителство на Трифун Костовски.
Овој простор е премал за да се набројат сите спонзорства и донации на Костовски со кои тој ја докажал својата љубов кон Македонија и луѓето во неа. Еден од најзначајните придонеси на семејството Костовски е финансирањето научноистражувачки и уметнички проекти преку Фондот „Трифун Костовски“ при Македонската Академија на Науки и Уметности (МАНУ). Објавување научни и уметнички изданија, преводи на научни и уметнички дела и откуп на уметнички и други дела од областа на духовното и материјалното културно наследство, историјата и културата на Македонија се само дел од придонесот на Фондот во реализацијата на некои иницијативи на МАНУ и во афирмацијата на македонското културно богатство.
За својата работа, спонзорства и донации Трифун Костовски досега има добиено и многу награди и признанија за придонес во спортот, во културата, во уметноста, за конструкција и реставрација на верски објекти, за зачувување и реставрација на културно-историски споменици.
Под мотото „Човекот пред сè“, Трифун Костовски финансира и поддржува голем број невладини организации, болници и социјални институции, хуманитарни и волонтерски активности, постојано донира за операции и лекувања на болни луѓе, а социјално загрозените групи знаат дека во Костовски имаат голем пријател и помош во секое време.