Човек кој умее да дарува е богат човек… Кога говорам богат, не мислам само на материјално, туку емоционално, културолошки, филантропски. Со еден збор, човекољубец и сè што делува во интерес на човекот и неговото живеење.
МАНУ е врвната институција во Македонија, во чиј состав делуваат докажани високо образовани личности од природните и општествените науки. Респектот кон МАНУ на сите нас граѓаните на РМ мора да биде врвен.
МАНУ е независна организација, меѓутоа во минатото честопати беше напаѓана од политички елити и условувана со одредени постапки. Таквиот начин за функционирање на МАНУ е недоличен.
Убеден сум дека со тек на времето, политиката ќе ги трне рацете од за мене највисоката интелектуална институција во Македонија.
Фондацијата ја формирав во МАНУ во 1998 година, каде потпишавме договор на 50 години функционирање.
Човекот којшто ми даде друга димензија на моето општествено делување е покојниот Академик Томе Серафимовски. Тој ме научи и ми покажа што е правилно и како треба да се оддолжам на мојата татковина.
Донирањето во црковните објекти, во спортот и други области се дел каде треба да го правиш, ми велеше Томе Серафимовски. Тој ме убеди да ја формирам фондацијата каде првенствено се финансира културата, уметноста, историјата, накратко елементите кои ја сочинуваат нашата македонска посебност.
Изборот мој беше правилен што оваа фондација ја сместив токму во МАНУ, каде во изминатиот период од 22 години, секојпат на чело на Управниот Одбор на оваа фондација беше актуелниот претседател на МАНУ, почнувајќи од покојниот Академик Ксенте Богоев, како прв Претседател, се до денешниот прекрасен лик Академик Коцарев.
Вечна му слава на покојниот Академик Томе Серафимовски. Неговите искажани зборови, а посебно неговите дела остануваат трајно запаметени во мојата меморија.
Фондацијата Трифун Костовски е една од најуспешните во Република Македонија, која непречено функционира секоја година. Бројни се делата и книгите направени од оваа фондација, посветени на нас граѓаните на Република Македонија и воопшто за издигнувањето на оваа институција на уште повисоко ниво.
Од многуте активности на фондацијата би го издвоил само фактот дека сите претседатели на МАНУ од нејзиното формирање до денес се ставени на масло, ја прикажуваат прекрасната слика за нашите доајени, кои работеле за доброто на самата институција, а уште повеќе за доброто на Република Македонија.
Фондацијата, секако дека ќе го менува својот приод во поглед на натамошното работење, согласно потребите кои ги бара модерното општество. На тој план во моето семејство, ќерката Олга, синовите Коста и Филип ќе го продолжат патот којшто јас го отпочнав.
Убеден сум дека оваа Фондација ќе преживее не само 50 години, туку ќе остане активна уште многу долг период во нашата реалност.