Љубовта е минлива, интересот е вечен
Од оваа дистанца, гледам дека мој недостаток е тоа што не играм со политиката, што не сум вовлекувал високи политички функционери во бизнисот.
Од друга страна го сметам како доблест. Независен сум, имам мирен сон, немам непријатни чувства, немам багаж кој треба да го влечам цел живот, и мирно спијам.
Моето прво вработување беше веднаш по дипломирањето. Дипломирав во јануари, а почнав да работам во мај. Тука има и еден многу специфичен момент.
Имаше распишан конкурс во Технометал Македонија и не викнаа сите кандидати. Не дека лесно се доаѓаше до работа, но го паметам тој дел како многу специфичен за мене, којшто ми е врежан во сеќавањата. Во Технометал имаше 11 сектори кои работеа надворешна трговија. После конкурсот, директорот кој мене ме избра ми вика: Ти го читав досието. Гледам дека си опериран од чир. Ти си нервус. Тебе ќе те вработам. Чир не добиваат луѓе коишто се мирни, ти си нервус!
Од веќе покојниот мој прв директор Душко Ристиќ, ги имам научено деветте божји заповеди за тоа што значи да бидеш трговец и да се заниваваш со овој занает. Последната божја заповед гласеше: „И кога бизнис партнерот не е во право, ќе го прифатиш дека е во право од причина што сте во меѓусебна зависност“. Тој умееше да каже, цитирам, „Ако немаш што да работиш, еве ти отворен патен налог и оди да ги посетиш твоите партнери. Се работи за производство, а во производство има илјадници проблеми, напиј се кафе со партнерите и ќе ти ги кажат своите маки, а ти ако ја сфатиш нивната мака и си во состојба да им помогнеш, тогаш ти си ги купил за навек“.
Моето поле на делување беше извоз и увоз на огноотпорни материјали. Со мојата работа, прво Технометал Македонија, а потоа Технометал Вардар го направи центарот за увоз и извоз на огноотпорни материјали во тогашната СФРЈ. Скопје беше центарот од каде оваа индустрија беше промовирана во Европа и светот. Во оваа индустрија работеа Силика- Гостивар,Шамот-Аранѓеловац, Бедековчина во Хрватска, Ватростална во Бусовача, близу Зеница, Црвена Звезда- Пехчево.
Заминав за делегат во Полска. Мој личен успех како делегат е фактот што сите коксари во Полска ги обложивме со огноотпорни материјали од бившата ни СФРЈ, од кои повеќе од 80 отсто беа производи на Силика-Гостивар. Гостиварци умеат и денеска да кажат: “кога Силика работеше и Господ одеше по земја”. Замислете…обложивме коксари со вкупен производен капацитет од 20 милиони тони кокс! Вградениот материјал е и ден денес во функција во работењето на овие коксари. Е, тоа е мојата гордост.
Преку работењето со огноотпорните материјали, јас ги запознав технологиите во работењето на другите индустрии: керамичка, цементна, обоена и црна металургија, стаклара. Ова ми беше основната едукација за мојот натамошен подем во мојот приватен бизнис. Огноотпорните производиtели ми ја дадоа основната едукација. Распадот на Југославија доведе до распад на огноотпорната индустрија. И ден денес жалам за најголемите гиганти на полето на огноотпорната индустрија како Силика-Госивар и Шамот-Аранѓеловац, кои веќе не постојат. Замислете Силика-Гостивар имаше најразновидно производство на огноотпорни материјали, а тоа за овој вид на индустрија е од огромно значење. Жално е што денес таа фабрика ое ставена на забот од времето, нефункционална е и тешко дека ќе може да се рестартира.
Пред спојувањето на Технометал Македонија со Вардар увоз-извоз и прераснувањето во нова фирма Технометал Вардар, јас заминав на изучување англиски јазик во Лондон, согласно процедурите на фирмата Технометал. Хиерарскисти почнав од местото приправник каде што работев цела година, потоа комерцијален референт бев четири години, па самостоен комерцијален референт, па потоа шеф на реферат, и после 12 години стаж, станав шеф на деловница за после тоа да бидам испратен како делегат во Полска, како заменик-директор или шеф на деловница во претставништвото. Трговската размена меѓу тогашна СФРЈ и земјите од Источна Европа беше во клиринг, што значи валута само за пресметки и се одвиваше со размена на стоки. Технометал Вардар беше една од најсилните фирми на пазарот во Полска. Во мојот делокруг на работење како претставник во Варшава ги работев само огноотпорните материјали и работев со стоки надвор од регистрацијата на Технометал Вардар, а тоа значи прехрана, текстил, алкохол, тутун… Мојот успех како делегат беше награден со фактот што на крајот од мојот четиригодишен мандат прометот кој јас го остварив со огноотпорни материјали и стоки во номеклатурата на Технометал Вардар, беше два пати поголем од тој што Технометал Вардар традиционално го правеше во текот на изминатите децении. Станавме главниот стожер во Полска за тутун и производи од тутун, вино и алкохол, а во голем дел успеавме да навлеземе и во размената на купување и продавање репроматеријали и финални производи во текстилната индустрија.
Тоа беше мојот почеток кој ми ги отвори вратите во мојот натамошен успех во делот на бизнисот.
Јас бев еден, можеби и единствен кој немав привилегија мојот мандат како претставник да биде продолжен поради вообичаеното прифаќање дека децата мораат да ја завршат започнатата школска година. Не се навредив и се вратив во централата во Скопје. Поради видните резултати од мојата работа ми беше понудено да бидам директор на сектор, а јас барав повисока функција. Не ме удостоија со моето барање и после пет месеци ја прифатив функцијата директор на сектор. Со мојот стил на работа го направив секторот- хемија еден од најдобрите сектори во Технометал Вардар. Тука мојата амбиција не заврши. Кога не можев тоа да го постигнам во матичната фирма се одлучив да заминам во странство и да почнам да работам за фирми коишто умееја да ја ценат мојата професионалност и стручност.
Заминав во фирмата Ситко-Лугано, како претставник во нивното претставништво во Варшава. Со моите пријатели кои ги стекнав уште од времето на работењето со огноотпорните материјали, на Фирмата Ситко и овозможив директен влез во црната металургија. Тие луѓе умееја тоа да го ценат. Во тоа време се растураше цел еден систем, се растураше целиот Советски Сојуз и членките на Варшавскиот пакт. Ние, искусните претставници од времето кога владееше клирингот, успеавме многу лесно да се вклопиме во овј транзициски период. По заминувањето на господинот Гуштеров од Ситко, мене ми беше понудено да ја водам фирмата Ситко во Виена и со голем ентузијазам почнав да работам од Виена.
Фирмата Ситко која се издигна во времето на студената војна, почна да ги губи позициите кои ги имаше во Источниот Блок. После многу краток период од моето назначување како директор на Ситко-Виена, бев принуден да си заминам, бидејќи се бараше од мене да се откажам од тоа што сум го сработил година и половина наназад. Не можев да го прифатам фактот да се откажам од своите бизниси за да бидам зависен од некој кој треба да ми обезбеди бизнис со кој јас би требало да заработам. Не сум тој човек. Ги спакував сите бизниси кои беа веќе отпочнати и ги пренесов на мојата нова фирма, бидејќи од страна на Ситко децидно ми беше кажано да се ослободам од тие договори. Јас немав друг избор, ја формирав фирмата Кометал со која ја започнавме лебедовата песна на мојот животен пат.
Почнувајќи од 1991 година па се до 2007 година, купував и продавав на годишно ниво3,5 – 4,5 милиони тони железна руда. Купци беа железарите во Полска, Чешка и Словачка, испорачатели беа рудниците Лебедински и Кмаруда од Русија, Кривбас руда Цегок, Југок и Полтавскиот комбинат од Украина. Од Јужна Америка и Јужна Африка беа повеќе добавувачи.
Почетокот беше многу тежок. Полјаците имаа доверба во мене, додека Русите настојуваа да најдат некој свој партнер бидејќи новоформираната фирма Кометал не им нудеше големи гаранции. Чувството дека едни те поддржуваат, а други не те сакаат е многу тешко и бара огромни напори да се одржи во тој неизвесен момент.
Имаше денови кога наутро со автомобил возев од Виена до Катовице, попладнето се враќав во Виена, го оставав автомобилот на аеродром и патував за Москва. Потоа 12 до 15 часа со обичен воз низ Русија од Москва до внатрешноста. И тоа во време кога тој систем се распаѓаше, кога животот таму не вредеше ниту пет пари. Објективно, кој не го знае руското подземје, многу греши. Бев странец, не носев шубара која е заштитен знак на Русите од октомври до мај, и морам да кажам дека Господ ме чуваше. Затоа што за 15 долари можеа ладнокрвно да те ликвидираат.
Имав сила и цел пред себе и ги пребродив тие тешки моменти. Знаев што сакам да постигнам.
После тоа, втората, третата година почнаа да ми приоѓаат многу комбинати, затоа што во тој свет се дозна дека Кометал е исклучителна фирма. Имавме годишен обрт од 600 до 800 милиони долари годишно. Тоа беше најубавиот дел од мојот живот кога едноставно се одеше од рака.
Во целиот период од 1990 до 2007 година, не ме измамил ниту Полјак, ниту Чех, ниту Украинец ниту Русин. Сме се расчистиле до цент. Никогаш во тие 17 години не сме имале никаков спор, или недај Боже да одиме на суд. Проблемите секогаш сме ги решавале со договор.
Љубовта е минлива, интересот е вечен.
Во 2003 се појави Митал кој ги купи полските челичани. Глобализацијата си го направи своето. Но јас имав долгогодишен договор за снабдување со железна руда, така што не можеа да го раскинат договорот.
Во 2008 година го ликвидираме Кометал и сиот капитал се префрли на Гофи (Group of finance and investments) со кој го етаблиравме бизнисот во Лугано, Швајцарија. И одлучивме преку Гофи да влеземе на Балканот и во Македонија. Во Македонија влеговме во сегменти за кои сметавме дека треба да бидат добри, не мора да носат многу профит туку да бидат самоодржливи. Ја формиравме Еуростандард банка како гринфилд инвестиција, Еуролинк осигурување, имавме и лизинг компанија која успешно работеше во првите десетина години, но потоа лизингот стана форма која мораше да се докомплетира. Но не успеавме, затоа што објективно лизингот во Македонија и ден денес се сфаќа само како компанија која дава возила на лизинг.
За бизнисот и политиката
Политиката никогаш не сум ја перципирал како можност за сопствена афирмација. Сметам дека можеби сум грешел, посебно кога гледам како се работи во Македонија. Во другите високо развиени земји, како Полска, политиката и бизнисот се одвоени. Во Полска работејќи на испорака на железна руда, променив 13 влади и со ниту една влада немав ниту едно лошо искуство, туку напротив ме гледале како капка вода на дланка и сметав дека нема потреба за мое активно вклучување во политиката.
Во моментот кога се говореше за приватизација на полските челичани, бидејќи бев силен партнер и бев заинтересиран да учествувам во нивната приватизација, разговарав со одговорните во комбинатите колку би чинело да се купат полските челичани. Ми беа кажани цифри коишто во моментот не можев да ги проверам. Се говореше за вкупна цена од две до три милијарди долари. Не можев тоа да го преземам како моја обврска, бидејќи од тимот кој што беше околу мене и моето семејство не ја добив бараната поддршка.
Едноставно се повлековме. За потоа да дознаеме дека со политички игри, наметнати од Митал, полските челичани со инсталиран капацитет од 18 милиони тони челик и 20 милиони тони кокс беа купени за 174 милиони долари. И тоа не платени во готово, туку дадени како гаранција. Транзицијата, како и во многу други земји, си го направи своето. Да знаев дека ќе биде таа сума, се ќе беше поинаку.
Тоа е мојата изгубена шанса.
Од оваа дистанца, гледам дека мој недостаток е тоа што не играм со политиката, што не сум вовлекувал високи политички функционери во бизнисот. Од друга страна го сметам како доблест. Независен сум, имам мирен сон, немам непријатни чувства, немам багаж кој треба да го влечам цел живот, и мирно спијам. И денеска да ме прашате, не би сакал преку политички игри да успеам во нешто. Останувам истиот Трифун и таков ќе останам. А за правдата ќе се борам до крај. Тоа треба на сите да им е јасно.
За Полска
Од Полјаците научив многу работи. Научив да си ја сакам својата татковина, својот народ, својот камен … Од нив научив нешто многу силно: Полјак со Полјак око ќе си извади, но кога ќе дојде време на зло, тогаш се собираат и обединуваат. Главниот стожер за собирањето на Полјаците е нивната Католичка црква. Не случајно Полјакот Карол Јозеф Војтила стана папата Јован Павле Втори. Тоа се луѓе кои се покажале низ историјата, и во самата Полска како бискупи, па и во Ватикан како Папа.
Од нив научив многу! Полска и Полјаците ги негуваат своите национални препознатливи добра. Нивниот придонес на глобално ниво е огромен на полето на музиката, културата, науката. Јас од Полска многу научив. Тоа е мојата животна школа.