Чистиот образ е најважен
Односот на мојот татко ме научи дека чистиот образ е најважен. Тоа беше мојот компас во животот. Така се воспитани и моите три деца.
Имам чесни деца кои се исправени пред себеси и пред своите семејства, со чесни намери, нивното човекољубие е евидентно присутно кај сите нив.
Семејството ми е приоритет. Здравјето и иднината на моето семејство секогаш се во фокусот на мојата визија.
За родителите
Татко ми беше авторитетот и најумниот човек во семејството. Мајка ми беше релативно помлада од татко ми, и тој ја имаше сета моќ да не воспитува.
Тој работеше во воената болница како администратор и платата беше таква што секогаш кога ќе се земеше, уште на први се правеше распоред. Што и колку треба. На пример пет кила брашно, две кила шеќер, три литри зејтин … Се правеше комплетен домаќински распоред и на крајот се водеше сметка за тоа што ќе остане, затоа што децата растат, доаѓа нова школска година, што треба да се купи … На тој план се штедеше многу и се водеше сметка. Моите родители не сакаа никому да бидат должни. Си ги пружаа нозете колку што им фаќаше чергата.
Татко ми е посмртче. Неговиот татко, а мојот дедо не доживеал да го види својот син единец бидејќи бил регрутиран од Бугарите во време на Балканските војни. Мојата покојна баба Неда го носела мојот татко во нејзиниот стомак и била во седмиот месец. За мојот покоен дедо Трифун од денот на неговото регрутирање до ден денешен немаме добиено никакви информации каде се борел, зошто се борел, каде бил ранет или загинал и дали е одликуван за својот придонес во таа борба. Денешните мои соседи Бугари се тие кои треба да ми одговорат на овие прашања.
Татко ми беше прекрасен и многу добар човек. Мајка ми, пак, многу емотивна, поврзана со нас синовите, иако многу сакаше да има ќерка. Татко ми беше израснат со самохрана мајка која во тие 1920-ти, 1930-ти години било многу тешко да обезбеди егзистенција за синот, поради што тој секогаш сметаше дека женското чедо тешко ќе се снајде во такви услови и подобро е да се имаат машки деца. Така јас и брат ми останавме единствени деца на моите родители, и паметам дека мојот татко често и велеше на мајка ми: Олга, децата се милуваат додека спијат.
Односот на мојот татко ме научи дека чистиот образ е најважен. Тој умееше да каже „немојте да излезам на улица да слушнам лош збор или дека сте направиле некој беља, сте скршиле некој џам или некое стакло, сте мавале по улични сијалици“. Или недај Боже да украдеме или да посегнеме по нешто туѓо. Тоа за него беше, и ден денес и во мене длабоко ми е врежано во мојата потсвест, како нешто што не смеам да го правам, ниту го прави моето потомство.
Инаку татко ми беше многу голем вљубеник во фудбалот. Вардар му беше во срцето. Тој после работа одеше на тренинг, а потоа дома го чекаше чашка ракија, малку мезе, па ручек.
Во семејството сите бевме песнопојци и сите пеевме. Првото радио татко ми го донесе 1956 година, а до тогаш со мајка ми, татко ми и брат ми навечер пеевме стари и убави песни.
Тоа ни беше животот.
За семејството
Како сопруг сум совршен.
Можеби звучи претенциозно, но така е. Не се мешам во домашните работи, односно не се мешам никаде каде што не ми дозволуваат.
Уште од првите денови на бракот со мојата сопруга Драгица-Дизи, таа ми кажа: „Не сакам ниту да влегуваш во кујна, ниту да купуваш нешто“.
Кога ќе ме пратеше нешто да купам, не купував ништо како што треба. После кусо време ми рече „ти не си за на пазар“. Јас и одговорив дека сум израснат на пазар, на што таа ми рече „да, но ти си израснал од таа страна на тезгата, не од оваа“.
Како татко, мојот став отсекогаш бил да бидам нежен, меѓутоа принципиелен и на моменти ригорозен. Морам да кажам дека принципиелноста до некаде ми ја уби мојата сопруга. Вообичаено сум познат меѓу граѓаните како дарежлив човек, и апсолутно сè што имам во џеб ќе го дадам, и сопругата често пати ми префрлуваше со зборовите: ти штедиш на децата, не им даваш на децата, туку даваш на други. Тоа ме погоди.
Во времето кога го создавав целиот бизнис, најмалку бев дома. Бев одвоен од семејството, патував, имаше многу предизвици. Бев одвоен од дома и знаев дека на децата кои бескрајно ги сакам, не можев да им дадам стопроцентно татковска љубов. Честопати мислев сметав дека со мали подароци треба да ја купам нивната љубов или почит, што сметам дека е погрешен пристап. Секое дете си бара време кое треба да му се посвети. Забележавме дека времето кое јас и мојата сопруга му го посветивме на третото дете, многу се одрази на неговиот однос кон мене како татко, поинаку отколку кај првите две деца.
Семејството ми е приоритет. Здравјето и иднината на моето семејство секогаш се во фокусот на мојата визија.
Моето мото во семејството беа зборовите на татко ми кои ми се длабоко врежани (кога тој и велеше на мојата мајка): „Олга децата се милуваат додека спијат“. Јас се обидував да бидам строг татко. Но не бев строг … Мојата ќерка до нејзината шеста година мислеше дека јас ја родив. Со оглед на тоа што имав операција на дванаесетпалачно црево, имам лузна на стомакот, и кога ја прашуваа кој ја родил, таа одговараше „тато ме родил“.
Моето постојано движење од 1991 до 2007 година даде и позитивни и негативни работи и во семејството и кај децата. Децата се вооружија со знаење, со јазици, со познавање на разни култури каде што растеа, учеа, се образуваа … Меѓутоа од друга страна, тие големи едукативни процеси кои се движеа почнувајќи од Македонија, па одеа во полско училиште, па се вратија во Македонија, па одеа во руско школо, па потоа во германско училиште имаа големо влијание. Лично сметам дека сето тоа децата ги збогати со големо искуство, меѓутоа во самата едукација, особено во некои области од општествените науки има некои празнини кои и ден денес ги носат со себе. Но, тоа е цената на таквиот живот.
Горд сум на нив. Имам чесни деца кои се исправени пред себеси и пред своите семејства, со чесни намери, нивното човекољубие е евидентно присутно кај сите нив. Како понатаму ќе го креираат својот живот, зависи од нив. Јас дадов колку што можев, и сè уште ќе давам и мислам дека можам да им бидам од голема помош.
Колку тоа ќе го прифатат и ќе го почитуваат, тоа е веќе нивна работа.