Почитувани,
На денешен ден во 1992 година, Владата на Република Бугарија, ја призна Република Македонија за суверена и независна држава. Бугарија беше првата земја која ја призна самостојноста на Македонија. За ваквиот гест вечно сме им благодарни.
Минаа 19 години, и нештата меѓу нашите две држави се свртеа до степен на непријателство. Причини за ваквата затегната состојба е вината што ние Македонците се чувствуваме како посебна нација и дека нашата историја во основа е бугарска. Со ваквите тези од страна на официјалната денешна бугарска политика, никојпат нема да се согласам, бидејќи тоа е флагрантно мешање во внатрешните работи на Македонија, а посебно во најдлабоките чувства на секој поединец кој се чувствува Македонец.
Убеден сум дека и ова лошо поглавје меѓу нашите две земји ќе помине. Прашањето е зошто вие Бугарите ни оставате лузни во нашите души и во нашето самоопстојување. Бевте храбри во 1992 година, не признавте и навистина добивме силен ветер во грбот од ваша страна. Најчовечко прашање, ЗОШТО ова денес ни го правите? Ни го стопирате нашиот натамошен развој во заедницата на Европските држави. Причините коишто ги наведувате, не ви држат. Не сте вие Бугарите загрозени од нас Македонците, не ви се мешаме во вашите внатрешни работи, не ви се мешаме во вашите национални и идентитетски чувства. Дали чувствувате вина дека му нанесувате неправда на не толку броен народ, но сепак народ кој е оформен како нација. Ваш проблем е како таа Македонска нација ќе ја третирате, како коминтерновска или Титова, сеедно. Факт е дека постоиме, околностите за создавање на посебна Македонска нација, секако биле други, споредено со вашите национални патишта кои вие ги имате многу порано од нас изодено.
Ве молам вратете се на овој ден во 1992 година и дајте ни повторно ветер во грбот, а ние граѓаните на Македонија, посебно ние Македонците ќе ви возвратиме со уште поголема љубов и респект.
Ајде да пораснеме, за вас за нас и за сите националности на Балканот, по мене постои еден термин со име Балкан. Тоа значи сите кои живееме на овој полуостров сме Балканци.
Со почитување на човековите права на национална и религиозна припадност, дајте заеднички да пораснеме и да го направиме Балканот најубавото место за живеење.