Едно нешто е повеќе од извесно – гледајќи наназад низ овие 30 години на независна Македонија, пејзажот упатува на тоа дека патот кој го врвиме кога размислуваме за осамостојувањето на Македонија е пред сe исполнет со трнливост и нејаснотија на хоризонтот. Како независна држава уште малку ќе влеземе во четвртата деценија од нашата самостојност.
Грчкото ембарго од почетокот на деведесеттите години од минатиот век, беше првиот предизвик за нашето опстојување.
Убеден сум дека тоа ни беше прво „крштевање” во одбрана на нашата самобитност.
Ембаргото помина, останаа тешки последици, особено во економијата, за по неколку години од ембаргото да станеме сведоци на НАТО војната со Србија по прашањето со Косово, и бегалската криза, која сметам дека успешно ја изменаџиравме и се стекнавме со уште поголемо искуство борејќи се за нашата самобитност.
Следеше конфликтот во 2001 година кој беше сериозен тест за опстојувањето на нашата држава, бидејќи во периодот на војната, дури и големите сили кроеа планови во кои требаше да бидеме избришани од светската мапа на самостојни држави.
Охридскиот рамковен договор, колку и да ни е тешко, мора да признаеме дека ни беше единствена опција за нашето опстојување. Имплементацијата на Рамковниот Договор во Уставот на РМ одеше можеби бавно, меѓутоа се реализираше во целост. Денес нашава мултиетничка Македонија иако е една од најмладите држави на Балканот може да кажам дека е уникатна – станува збор за една од ретките држави во кои владее правото на слобода за етничко, верско изјаснување, каде единството и почитувањето на различностите е на највисоко ниво, споредено со сите Балкански држави, особено споредено со нашите соседи Грција и Бугарија.
Од половината на првата декада до половината на втората декада во овој милениум, владееше партијата која на почетокот ги покажа сите убавини како треба да се води и менаџира држава, посебно во периодот 2006-2008 година каде што приоритет беше стопанскиот развој на земјата.
Следуваше периодот на “бомбите” и разнишаниот авторитет на Авторитарната власт што донесе нови предвремени избори и смена на власта , каде дојдоа нови лидери кои лично по мене одработија две суштински работи, а тоа е потпишувањетo на Преспанскиот договор со Грција и влегувањето во НАТО..
За жал економијата и натаму талкаше без визија за тоа кој е патот за нашиот стопански развој и која ќе биде нашиот придонес во идното можно членство во ЕУ.
Сакам да упатам порака до сегашната и идна влада, дека стожерот на нашата самостојност и државност е силната економија, а силна економија преку ноќ не се прави. Мора макотрпно да размислуваме и работиме на нов, иновативен начин, сочувувајќи го своето достоинство.
Дојдовме до актуелните неколку месеци во кои не зафати пандемијата на Ковид-19 и влеговме во период на предвремени парламентарни избори.
Рака на срце, поголемо искушение да се биде мудар и да се изнајде правиот одговор во моментов нема… ЗОШТО? Затоа што во светски размери пандемијата Ковид-19 се смирува, додека кај нас од едно скромно појавување кон крајот на февруари, прерасна во поразувачка закана, особено во последнава недела кога бележиме околу 400 заболени – бројките на заболените и починатите од Ковид-19 е загрижувачки, и за жал, станавме лидери по заболени и упокоени од овој опасен вирус по глава на жител во регионот.
Причините за ваквиот повратен или возобновен напад на Ковид-19 се многу, меѓутоа јас би ги лоцирал исклучиво во совеста на секој поединец.
Од нас граѓаните зависи дали ќе се справиме со оваа пандемија или ќе живееме со неа.
Сметам дека времето на проучување на оваа пандемија измина и мора да извлечеме поуки. По бројките на новозаразени и починати лица кој се случуваа во последните неколку дена меѓу граѓаните внесе една општа несигурност, бидејќи се покажа и докажа дека сеуште многу малку знаеме вирусот, а не само ние, туку и целиот свет, бидејќи мутирањето на вирусот дојде до таков степен што луѓето заболуваат од него без да имаат симптоми. На почетокот на појавувањето на оваа пандемија беа толкувани симптомите на препознатливост кои денес веќе не важат.
Во исто време соочени со оваа пандемија се соочуваме и со предвремени парламентарни избори, кои треба да се одржат час поскоро, бидејќи техничката влада ја нема таа моќ, ниту ингеренции да се справи пандемијата и да преземе мерки за силен економски развој.
Големо разидување меѓу политичките субјекти е тајмингот кога овие избори треба да се одржат.
Партијата на власт инсистира час поскоро, додека опозицијата бара пролонгирање – и нависина многу е тешко во дадениов момент да се биде мудар. Ќе прашате ЗОШТО?
Затоа што пандемијата е во значителен пораст и сериозна закана по здравјето на граѓаните, а од друга страна имаме техничка влада која има ограничени овластувања и функционира како РОГОВИ ВО ВРЕЌА.
Дефинитивно мора да се најде модел кој ќе биде прифатлив за сите политички субјекти, а најповеќе за граѓаните на РМ.
Ако веќе мора да има избори, а убеден сум дека мора, а граѓаните се крајно исплашени од можната зараза, се прашувам дали на денот на избори ќе има излезеност со цел идната влада да го добие легитимитетот од граѓаните.
Не сум сигурен дали уставот на РМ тоа го дозволува, изборите да се одржат етапно по изборни единици, каде ќе се обезбеди максимална безбедност по здравјето на граѓаните, согласно препораките на СЗО.
Меѓутоа, повеќе од убеден сум дека треба да проголтаме и некоја „кнедла“ во интерес на нашата иднина.
На крајот апелирам до сите граѓани, а посебно до политичките лидери да седнат и да се договорат на најмудар начин за надминување на оваа лимбо состојба која владее во нашата земја.
Апелирам да надвладее разумот, само така ќе можеме да продолжиме во градењето на нашата држава и државотворност и ќе си обезбедиме место под сонцето во идното европско семејство, бидејќи длабоко сум убеден дека Макдеонија географски е европска земја, меѓутоа неопходно е да биде и DE JURE членка во ЕУ.
Верувам дека РАЗУМОТ МОРА ДА НАДВЛАДЕЕ.