ЗА НЕШТАТА ДА БИДАТ ПОЈАСНИ

Почитувани мои читатели, посебно вие кои ги следите моите колумни, убеден сум дека имате впечаток дека сум своевидна опозиција на владеачката структура и дека имам критички однос кон девијантните појави во нашето општество. Оваа колумна ќе ја посветам на самиот себе. Прво,и покрај моите политички ставови, кои ги артикулира од позиција на одговорен и засегнат граѓанин, сакам да нагласам дека сум неопределен.Разбирањето на демоктаријата го сметам како едно од највиталните прашања кое треба да биде имплементирано во нашата држава. Знам дека тоа е долг процес, и дека демократијата во основа нема граници во поглед нејзиниот развој и евелуција каде главната цел е да се обезбеди подостоинствен, хуман, живот на секој поединец, во секое општество. Многумина можеби не знаат, меѓутоа јас бев носител на листата во 2002 година на парламентарните избори во Коалицијата за Македонија, во изборна единица 2, каде што коалицијата извојува неверојатна победа. Вкупно 12 пратеници од можни 20 беа, од коалицијата. Со овој факт ниту се фалам ниту сакам да бидам фален, меѓутоа со оваа победа на тогашната коалиција, ако мислите дека сум многу среќен за жал, ќе ви кажам не. Бидејќи, јас имав една визија за тоа како Македонија треба да се управува и води, а коалицијата за Македонија предводена од СДСМ, кога гледам од денешен аспект, немала ниту знаење а уште помалку визија како треба да се води државата. Впрочем, тука и настана моето разидување со таа коалиција кога како член во парламентот барав од актуелната влада да се формира посебно министерство за евроинтеграции. Повторувам, министерство, кое требаше да биде екипирано со најсилниот потенцијален кадар на РМ по примерот на Хрватска и Кипар,кое ќе беше одговорно за артикулирање на јасна порака, дека ние сме детерминирани да влеземе во европското семејство и час поскоро да ги имплементираме сите аномалии коишто и до ден денес остануваат нерешени.

Судството, извршната власт, парламентот, се најсилните столбови на кои почива правната држава. Во исто време, од тогашниот парламент, се постигна и се донесе одлука во парламетнтот за формирање на посебно тело во склоп на министерството за внатрешни работи, Центар за управување со кризи. Мојот предлог и тогаш и денес е, дека ваквото тело треба да иде во ингеренции на министерството за одбрана, бидејќи едуцираноста и вештините коишто ги има војската се далеку на повисоко ниво од оние кои ги поседуваат припадниците на МВР. За тоа говори фактот што и денеска за најелитните единици во МВР се регрутираат бивши добро обучени војнци.  А и лично, сѐ ушуте сметам дека доколку имавме со висок ранг пензиониран генерал или началник на генерал штабот на чело на ова тело многу полесно ќе се справуваме со сите дејствија кои во меѓувреме се случуваа, посебно со поплавите кои секоја година ги чувствуваат граѓаните од Пологот и од скопските села. За пример ќе го споменам само случајот Стајковци. Силен пороен дожд нанесе огромни материјални штети и човечки жртви, каде не можеше никој да влезе да му помогне на месното население. Тоа го стори АРМ, затоа што го имаат знаењето, почитуваат хиерархија, и она што е  најбитно, исполнителни се. Со ова не сакам да дадам белег дека нашата армија е нешто натпросечно во Македонија, меѓутоа сакам да укажам дека начинот на едукација и напредување во хиерархијата е сосема различен меѓу припадниците на АРМ и на МВР. Лично сметам дека армијата на Македонија мора да се стави во функција на помагање на цивилното население. Се прашувам и денес, која е суштината на постоењето на едно вакво тело, за справување со кризи. Кои се нивни успеси? Што испорачале до сега? А од друга страна, колку го чинат буџетот на Македонија? Институции или тела формирани под капа на владата на РМ или одредено министерство, доколку не ги извршуваат своите функции немаат право на живот. Ова го велам од аспект дека сме неразвиена земја со многу слаба економија, а со голем број на државни институции кои се на јаслите на владата. Овој случај кој се случуваше во годините 2003 – 2004 особено го потенцирам бидејќи од тогаш поминаа повеке од 15 години, а Македонија е сѐ уште на истото скалило на кое беше и во тоа време. Како да времето застанало за нас. Светот оди напред. Ние тапкаме во место. Бараме прием во НАТО, ќе го добиеме, бидејќи се покажавме како лојален партнер на НАТО алијансата, дека секојпат можат да сметаат на нашата поддршка. Но на прашањето дали ќе сме дел од Европското семејство, за жал не сум голем оптимист, бидејќи не правиме ама баш ништо конкретно внатре во нашето општество, со цел да ги измениме нештата, туку најпросто и безобразно бараме датум за почнување на преговори,а тој датум не значи дека наскоро ќе се придружиме на тоа семејство. Сите мои колумнни кои ги пишувам генерално се упатени кон институциите кои ја водат државата, бидејќи тие имаат одговорност да ја изнесат оваа држава на прав пат.

Сега би продолжил на тема буџетот 2020 год. Со најпрости зборови, се бара зголемување на буџетот за скоро 8 % споредено со буџетот во 2019 година без домаќински пристап да си ги пуштиме нозете толку колку ни држи чергата. Или да ги кратиме институциите кои навистина ништо не испорачале, а кои се на државни јасли. Мора да се воведе рационализација и темелно преиспитување на целосната структура на буџетните стапки. Тоа е незамисливо во светски рамки, буџетот да расте од година во година со ставка од 7-8 % додека економскикот раст на ГДПто во РМ да не ја поминува ставката од 3%. Нови 300 милилиони евра Македонија ќе се задолжи на пазарот на пари во светот. Најотворено прашувам – зошто? А сега ќе ви дадам и одговор. Бев градоначалник на град Скопје, го водев градот цели 4 години, во мојот мандат затворив скоро 20 мил евра загуби на градот кои ги затекнав, ги санирав јавните претпријатија, ги подигнав примањата на вработените и во јавните претпријатија и во Собранието, со цел да ги стимулирам да бидат поефикасни во сервисирањето на потребите на Град Скопје. Направивме неколку капитални инвестиции кои и денеска се од витално значење. Само за потсетување, ја возобновивме руинираната Зоолошка градина. Го изградивме булеварот Словенија во должина од 2.2 км. Ја изградивме клучката кај Континентал, го изградивме Транспортниот Центар, ги изградивме Гологанов и Циборовски, улици кои го поврзуваат центарот со Ѓорче Петров. Изградивме 35 км жардињери по сите собирни и булеварски улици со цел оплеменување на градот и на крајот трамвајот како неопходна алтернатива за јавен сообраќај, кој го донесов во фаза на отпочнување со градежни работи, кои за жал до денес не се отпочнати, иако потрошени се 1.5 мил евра средства од граѓаните за оформуравање на финален проект.

Да поентирам, сите овие инвестиции ги направив со парите кои  легитимно легнуваа на сметката на градот Скопје, ниту позајмував ниту ми беше дозволено да користам кредити од централната власт, значи си ги пуштив нозете колку ми е чергата. А уште помалку дека сум добил било каква субенција од страна на централната власт, ниту сум ја барал, туку единствено баравдецентрализацијата да се забрза, што во практична смисла би значело пренесување на ингеренциите од централно на локално ниво.

Сето ова, мои почитувани читатели ви го кажувам бидејќи Македонија е мојата светиња. Градот Скопје и неговото водење биле за мене предизвик и обврска, а не привилегија. Би сакал со примерот за моето однесување кон средствата на моите сограѓани да ги поттикнам луѓето кои се на функции да размислуваат многу подомаќински. Македонија и македонската влада немаат потреба од толку многу министерства. Немаат потреба од толку  многу институции кои се покажаа неефикасни, а трошат јавни пари. Дајте еднаш да се самоанализираме. Дозволете да повеќе преовладува домаќинскиот приод во водењето на државата, дали на централно или на локално ниво, а не приодот кој сѐ уште владее. „Гласај за мене, клати врата- земај плата“.

Овој текст намерно го пишувам пред отпочнуваето на кампањите за предвремените парламентарни избори, со што сакам да упатам порака до сите политички табори: не си поигрувајте со народот, не бараме цврсти гаранции, туку бараме посветеност со јасна визија и домаќинско однесување. Особено со парите на граѓаните.

Share:

Остави коментар