Несомнено е и човечки е да се размислува за иднината, која секако дека зависи од сегашноста, од она како се опходуваме во однос на секојдневието. Сонот за доброто утре е нешто кое е природен порив за секој поединец, секоја заедница, секое општество.
Во тој контекст би сакал да се осврнам на куса анализа на целиот период на градење на општеството под референцата на независна државност. Веќе поминаа речиси три децении од тоа како Република Македонија е независна држава. Но, прашањето е зошто сѐ уште не можеме да проговориме за достоинствено, релевнатно, стабилно општество со демократски перспективи. Од осамостојувањето па до денес партиите и нивните челници биле креатори на иднината, со помалку или повеќе знаење и политичка култура, на едно здраво општество кое треба да се гради. Но, еве, и после три децении, ние сме во ретрограден процес, на дното во споредба со развиените демократски земји во Европа, во сите општествени сегменти.
Многумина се прашуваат зошто е тоа така. Не се согласувам со радикалниот скептицизам кој вели дека во Македонија не постојат интелектуалци кои би можеле да го воспостават развиеното и прогресивно општество. Има многумина со знаење кои би можеле да го поттурнат развојот. Парашњето е дали некој сака да го исползува таквото знаење на интелектуалците. Зошто тие се маргинализирани, на сметка на медиокритетите кои се партиски инструментализирани поданици.
За жал, во Македонија, не се воспостави вистински вредносен ситем, преку кој би се поттикнувал здравиот развој на општеството. Се воспостави клиентелистичка бирократија, која ниту одалеку не е спремна, ниту пак има знаење, да се заземе со креирање на новата општествена иднина.
Мораме да се запрашаме кој ја води кадровската политика на земјата за клучните функции? Дали е тоа личен интерес, партиска заслуга, или некаков друг „дил“, или, како што е ред, да биде избор според квалитет и експертиза. За жал, во сиот изминат период од осамостојувањето на државата преовладува зависноста од лидерот на власт за изборот на кадрите кои ќе биде на висока позиција и функција, во земјата или во странство. Ништо не е важно: ниту фактичкото ниту оперативното образование. Само партикуларните интереси.
За четери месеци нѐ очекуваат изборите, а очигледно кампањите кај двете водечки партии се отпочнати. Секојдневно сме бомбардирани од Владата со прогласи, небаре во Македонија тече мед и млеко. Сепак, ние граѓаните, не можеме да ги почуствуваме тие толку „накитени“ како новогодишна елка успеси на Владата. Отворено прашувам, какви се кадровските политики кои се водат на врвот од самата Влада, од врвот, па до последното скалило. Деновиве сведочиме на недоразбирање на релација на претседателот Пендаровски со министерот Никола Димитров, на тема на изборот на новите амбасадори и конзули низ амбасадите и другите меѓународни тела во светот. И морам да признам дека ми е многу непријатно, бидејќи во двете личности гледам луѓе кои имаат високи квалификации и знаења и ги исполнуваат критериумите за функциите кои ги извршуваат. Но ставени се во една непријатна ситуација бидејќи очигледно некој трет се меша таму каде што нема ингеренции.
Претседателот Пендаровски е татко на нацијата, и тој дејствува според неговите ингеренции со висока експертиза и како одговорен граѓанин. Министерот Димитров, е човек со искуство во дипломатијата и е на вистинското место. Не гледам дека би можело да постои никакво недоразбирање меѓу овие две институции доколку не се замешал некој трет. Претпоставувам дека многумина од вас можат да насетат кој е тој трет. Тоа се луѓе припадници на партиите блиски до владеачките структури, кои се знаменосци на клиентелистичката култура на пазарење кај нас.
За жал министерот Димитров е дел од владата, и хиерархиски, по мене, не мора, но се чини е присилен да ги почитува наредбите од премиерот и од високите врвови на владеачката коалиција. До кога ќе трае ова?
Знаменосците на оваа власт при рушењето на минатата власт денес се наградувани за својот труд и допринос за направеното. Политолозите кои учествуваа во речиси сите дебатни емисии во изминатите 4 до 5 години, профитираа многу добро, со нивно назначување на амбасадорски места.
Кога веќе ја спомнав функцијата амбасадор, верувајте дека сум убеден дека во министерството за надворешни работи а и пошироко, имаме ешалон на луѓе со високи знаења и дипломатска експертиза, но ние дозволуваме тие да бидат маргинализирани, затоа што не се блиски до ниту една структура на моќ. Не можам да сфатам кога веќе имаме личности како Љупчо Арсовски, Огнен Малевски, Виктор Габер итн, кои веќе имаат сериозно дипломатско искуство, ние да испраќаме безимени и дипломатско полуспособни и неподготвени кадри, како Андреј Жерновски и Дане Талески и многумина други, кои немаат никакво дипломатско искуство и знаење. Но влегуваат во пазарната логика на владеачките структури.
Затоа, јас го поддржувам господинот Пендаровски и упатувам порака до сите граѓани да му дадат несомнена поддршка не само во сегментот на дипломатијата туку во сите сегменти на нашето делување во општеството, во неговото застапување и бoрба за поставување на добро обучени, релевантни кадри. Само така можеме да ја детерминираме нашата прогресивна иднина. Во спротивно ќе останеме во калта и ќе бидеме сведоци на уште поголема резигнација и назадување. Ќе останеме секогаш заробени во неквалитетот и ретроградните општествени процеси.