Во предвечерието на претстојните парламентарни избори, неминовно е да размислуваме на целокупниот општествен и политички пејзаж. Затоа што сите сме загрижени за иднината на нашата татковина, на земјата каде што сме одлучиле посветено да работиме и живееме.
За жал, Македонскиот политички блок ни најмалку не упатува на тоа дека ќе се изнедри нешто ново, во најмала рака поинакво, во однесувањето, во визиите, кое ќе донесе добро за Република Македонија, кое ќе воспостави поинаков, постабилен и попрогресивен пат за нејзиниот економски и социо-културен развој. Есенва е навистина жешка од политички аспект. Но, за жал, не заради некои нови и динамични идеи, кои двете најголеми партии ги припремаат во своите кујни, за да ја понесат победата (можеби и пирова) на претстојните избори. Сведочиме на празнозборни препукувања, кои граѓаните не ги ни слушаат веќе, ниту реагираат на нив. Летаргичноста владее во секој сегмент на нашето општество.
Одредени поединци, кои се на периферијата на политичкиот живот и без особено знаење, ги гледаме катадневно по телевизиските дебатни емисии, како се застапуваат за нови луѓе, лидерства, користејќи ги старите флоскули. Длабоку сам убеден дека со себе не носат ништо ново. Нив, за жал, ги интересира да се вкотват во политичкото миље за да земат дел од буџетскиот „колач“ на Република Македонија.
Во нашта „политичка бара“, можеби единствениот во мигов кој буди надеж, кој оддава чувство на сигурност и доверба, кој е парадигма за политичка култура, темелно знаење, еманципаторски демократски речник и гест, е претседателот на Република Македонија, господинот Пендаровски. Но, за жал, тој е осамен во политичкиот пејзаж. За да се смени целокупниот општествен контекст потребни се повеќемина како него, кои ќе имаат капацитет да бидат и критични самокритични, и кои транспарентно ќе укажуваат на општествените аномалии.
Од аналитичарите би ги наброил Муслиу, професорот Дујовски, кои оставаат впечаток на добри познавачи на политичката состојба во Република Македонија. По мое убедување, немаат аспирации за лично влегување во лимениот барабан на политиката, туку сакаат да учествуваат и придонесуваат за заедничко добро. Сите останати мали, па и големи партии настојуваат да најдат некој свој интерес како обични сателити, со цел задоволување на своите лични, лукративни интереси. Примери за ваквото мое гледиште постојат и во минатото и сега, а за жал, ќе постојат и во иднина.
Не ми е јасно како може единствено во Република Македонија, бидувањето политичар да биде најпрестижната професија. На повидок се веќе ново формирани партии, кои, ако ги слушаме нивните лидери, однапред ги гледам како маргинализирани со својот капацитет на човечки ресурси, но и по својата идеолошка матрица.
Зошто токму ова ни се случува нам.
Слабата економска развиеност, низок стандард и брзото богатењето на одреден процент, дава за право мојот сограѓанин да смета дека „политичар“ е најбезбедната и најпрофитабилната „професија“. Сум укажувал и ќе укажувам, а понатаму и ќе повторувам, дека извор на секоја благодет на општетсвото е високо развиеното стопанство и квалитетно образуваниот кадар. За жал, во овие клучни два сегменти, Македонија е речиси на дното, по сите меѓународни испитувања и мерила.
Вината мораме да ја бараме во себеси, во сите нас, а не надвор. Освестувањето мора да дојде час поскоро, но не со месии и „лажни пророци“, како што би рекол Блаже Конески, туку, со многу труд вложен од секој поединец во заедницата, труд кој ќе значи постојанат надградба. А „надградените“ треба чесно да се посветат на заедничките проблеми за ова општество. При вакво бедно стопанство дозволуваме да царуваат приучените политичари. Воедно, и понатаму судството останува најголема рак рана во ова општество. Немајќи силно стопанство нема да имаме ниту правда ниту мир.
И сѐ додека стопанствениците ќе им поданичат на политичарите, со цел да се добие некој тендер, некоја трошка повеќе, сѐ до тогаш правото ќе се наоѓа во Дантеовиот девети круг од пеколот. Иднината ќе ни зависи од зделките кои се прават меѓу политичките партии и нивните членови. А тоа, повеќе од јасно е, дека ќе ја држи оваа држава заробена и ретроградна.
Искрено, ме боли ваквата општетсвена порозност на Република Македонија. Сакам да видам нов ветер, нов поттик, кои ќе ги издигне едрата на нашата државотворна пловидба. Но, за жал, политичкиот пустош и чума, си го наплаќаат својот данок, а ние како општество преживувавме кој како знае и умее.
Луѓето кои сакаат да се бават со политика треба да имаат висока етичност и знаење. Ако немаат, тогаш нека се вратат во своите специјалистички професии, оти таму ќе бидат попотребни. Лекарот да лекува, инженерот да проектира, бизнисменост да си го тера својот бизнис, свештениците да си го чуваат своето стадо, а професорите да бидат доблесни педагози кои ќе го пренесуваат вистинското и суштествено знаење на идните генерации.
На оваа земја потребни ѝ се квалитетни стратешки политики, а не паланечко и медиокритетско политиканство!