ПОЛИТИЧКА (НЕ)ЗРЕЛОСТ

Македонската политичка сцена ја креираат условно кажано два силни политички блока, македонскиот и албанскиот. Спротиставените партии и внатре етничките блокови, и воопшто, имам впечаток дека ниту сакат да седнат на заедничка маса ниту сакаат да ги утврдат стратешките цели кои се битни за добробитот на Македонија. Уморен сум, како и многумина од вас од начинот на практикување на политикита во Македонија. Меѓусебните дискредитирања, кои не водат кон ништо добро, се единствената алатка на политичарите за владеење. Периодот од тридецениското немушто владеење во независна Македонија е поразителен. Никако да извлечеме поуки за прогресивните државнички и економски модели.

Неодамна претседателот Пендаровски беше ставен на отстрел и тоа заради прекрасниот негов настап и говор, каде што од контекст беше извадена една реченица, дека кога и тој би бил млад и кога и неговиот труд би се ценел само со 400 евра, и тој би си заминал од државата. Како прво, имам потреба да го поддржам претседателот Пендаровски, бидејќи тој има капацитет да биде искрен, критичен, директен и јавно да се соочи со слабостите во државата, во случајов, со не стимулативниот, низок стандард. Претседателот, како и секој поединец, има право на сопствено мислење. На оваа земја ѝ недостасуваат луѓе кои отворено мислат и го кажуваат своето мислење. Доста ни е од демагози и поданици. До кога ќе ги затвораме очите пред грдата општествена слика? Кога ќе разбереме дека политичката демократска култура пред сѐ треба да биде критичка култура.

Стандардот и економијата треба да бидат длабоко поврзани во силен сојуз меѓу владата, која стратешки треба да размислува и стопанствениците, кои треба практично да знаат да го подигнат општествениот бруто производ. Сакам да подвлечам дека изјавата на Пендаровски е одговор на многу наталожени и изгубени шанси за брз економски и стопански развој на земјата, каде, повторувам, главен и основен виновник се секогаш актуелните власти со соучество на сите чинители на политичката сцена.

Патот кон ЕУ и НАТО е неодминлив за нас. Но, би бил многу посреќен кога владата повеќе би била посветена на подигнување на општествениот бруто производ. Најголемиот парадокс е во тоа што сите очекуваме дека со странските инвестиции Македонија ќе го забрза својот економски развој. Да, делумно сум согласен. Но, кој е придонесот на која било влада во развојот на стопанството.

Празнината во буџетот на РМ расте од 7 до 8%, секоја година. Додека македонското стопанство расте со 2 до 3%. И, повторно, задолжување надвор. До кога со ваквиот тренд на задолжување и создавање долг кој секако еден ден мора да се врати, но повеќе од јасно е дека нема да го вратат оние кои нѐ задолжиле, туку некои идни нови поколенија. Што ќе ни се толку министерства во Владата на РМ, што ќе ни се толку советници, кога целокупниот ефект од нивното делување нема никаков резултат.

Слабо стопанство значи слаба мотивација, голема несигурност, и, секако, одлука за заминување од земјата на работоспособното население. Тоа е за мене најголемата рак-рана. Ја губиме супстанцата за брзо растечко општество. Го губиме човекот.

Изјавата на претседателот Пендаровски ја сфаќам како храбро признание и позитивен критички дух кон секоја влада која треба да се бави со општетсвениот бруто производ, преку кој ќе се подигне стандардот и ќе создадат пристојни услови за живот во оваа земја. Неговата изјава е храбра, исправна и реална. Опоменувачка.

Нѐ очекуваат избори. Од она што го имаме на „политичкиот пазар“ во Република Македонија, не очекувам некои драстични промени. Бидејќи, имам впечаток дека политичката почва во РМ е затруена, неинспиративна да привлече сериозни луѓе со сериозно искуство и секако со зацртани цели кои треба да бидат предизвик за натамошниот развој на РМ.

Впечатокот не е само мој. Мислам дека целото граѓанство го чувствува и мисли истото – голем дел од интелектуалната сила во земјата е незаинтересирана, резигнирана, повлечена и летаргична. Би сакал новите избори да донесат нова визија. Би сакал уште пред самите избори водечките партии, особено во македонскиот блок да се реструктурираат, отворат, и да привлечат луѓе и експерти кои навистина ќе можат да одговорат на позициите кои можат да ги заземат во идната нова влада.

Не би сакал да бидам песимист бидејќи мораме да се надеваме на подобро утре. Затоа би завршил само со една порака – лидерите на партиите да ги отворат портите во своите партии за поголема демократија и толеранција кон неистомисленици, но луѓе со експертиза и критички издржани аргументи. Тоа што денес ни се случува со масовното заминување на младите луѓе при вакво фрагилно стопанство ќе биде уште поголемо кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО. А што правиме ние да го сопреме овој тренд? Ништо.

Share:

Остави коментар