МАКЕДОНСКО-РУСКИТЕ СТОПАНСКИ ОДНОСИ

Би сакал да се осврнам на полето на стопанските релации кои Македонија, како самостојна држава, треба да ги развива како со нашите соседи така и пошироко, сѐ со цел да го подигнеме стандардот на граѓаните, но и на стопанството воопшто.

Пред една седмица имаше посета на делегација од Руската федерација предводена од заменик министерот за трговија и индустрија, г-динот Алексеј Груздев, кој се сретна со нашиот актуелен министер за земјоделие, Трајан Димковски.

Кусото соопштение ни даде штури податоци во поглед на тоа што се разговарало меѓу двете државни делегации. Бев љубопитен, бидејќи од информациите пласирани во јавноста немавме прецизни и детални информации за нештата кои се случувале на оваа тема во нашиот прекрасен Охрид. Многумина од нас ќе се прашаат зошто токму сега се навраќам на оваа тема кога државата е во фаза на предизборна треска, во којашто пред да бидат дефинирани сите термини за предвремените парламентарни избори веќе се отпочнати кампањи. Сепак, акцентот би го ставил на руско-македонските стопански односи. Средбата беше организирана од страна на Руско-Македонската трговска комора. Основните теми на кои било разговарано биле енергија, индустрија и отпад.

Овие теми заслужуваат сериозно внимание, а по мое лично убедување требаше да бидат вклучени во разговорите многу повисоко рангирани субјекти, кои ќе дадеа поголема тежина на темите и на интересот во однос на овие прашања исклучително важни за нашата земја.

Бидејќи стопанството и економијата се мој терен на кој секогаш сум бил присутен и со голема грижливост ги проследувам сите настани поврзани со оваа тема, можам слободно да кажам дека стопанството се клучните фрагилни теми кои се основа за останатите проблеми.

Сите три теми се исклучително важни за иднината на оваа земја. Знаеме дека Руската федерација е енергетски богата, индустриски силна, а прашањето на отпадот не сум сигурен дека адекватно се третира на територијата на Руската федерација. И во самата Федерација, освен Москва и Санкт Петерсбург, сите поголеми градови се соочуваат со манипулирањето и рециклирањето на отпадот, кој е високо ценет како сировина на секое развиено општество.

Дилемата која постои кај мене е зошто на оваа делегација не ѝ беше даден адекватен состав која со експертиза ќе разговара на овие теми и ќе создаде основа за поврзување со Руската федерација по овие прашања. Таа огромна и моќна Федерација е суштествена база за напредокот на развиените европски држави, бидејќи се главниот снабдувач со енергија, суровини, па дури и технологии. Морам да ја поздравам идејата и реализацијата за една ваква висока посета од страна на руската федерација.

Во ниту еден момент не сакам да се посомневам дека има политичка заднина. Напротив се третираат теми кои се клучни прашања и одговори за современиот свет. Да не заборавиме дека во Македонија е присутна руската технологија. Со таа технологија која иако е стара функционира денешниот РЕК Битола. Сметам дека вице-премиерот г-динот Анѓушев требаше да биде присутен на овие средби и со тоа ќе дадеше далеку поголема важност на овој настан и убеден сум дека можеби ќе понудеше конкретни чекори за градење доверба околу стопанствената развојна соработка помеѓу двете земји. Темите кои беа на маса се во исклучителна надлежност на г-динот Анѓушев. Денес плаче РЕК Битола за темелна реконструкција. Бидејќи заради застареноста на таа технологија ги убива граѓаните во Пелагонискиот регион. Убеден сум дека тој што ја градел таа термоелектрана има најмногу знаење како да ја осовремени и како да одговара на базичните постулати за можно работење на овој енергетски гигант.

Би сакал да напоменам дека Македонската политичка елита мора да се стави темелно во функција на стопанството и убеден сум дека гестот кој е направен од страна Руската федерација е голем и ние не смееме да го одбиеме. Овој мој став не сакам да биде разбран дека сум анти-европско интегративно ориентиран. Напротив! Сакам да укажам дека многу членки на НАТО и на Европската унија се партнери во стопанскиот и културниот развој со Руската федерација.

Ја охрабрувам македонската влада да не стравува да преземе чекори на соработка кои се од полза за граѓаните и државата. Но, за жал, ќе заклучам повторно, Македонија нема стратешка цел за брз стопански и економски развој.

Сето ова не го читам од гледната точка на политичките елити како „морков“ кој ни го нуди Руската федерација во замена на „стапот“  на Европската унија од која не добивме зелено светло за отпочнување пристапни преговори.

Ние сите мораме да се соочиме дека економскиот развој зависи од самите нас и од тоа колку сме научиле да го перцепираме целиот свет како заедница во која секој со секого тргува, соработува, произведува добра и услуги кои се во интерес на секој граѓанин.

Сакам да укажам на фактот дека во Македонија има стручни лица од сите области по однос на темите кои беа ставени на маса помеѓу руско-македонската федерација. И владата нека не се затвора самата за себе – таа мора да повика еминентни експерти за сите области за кои се разговараше неодамна.  Јас не паметам дека во ваков состав, по вакви теми имало иницијатива од која било друга развиена земја за соработка со нашата малечка земја.

Се надевам дека оваа шанса нема да се пропушти и дека ладниот прием на Руската делегација, кој беше знак на омаловажување и на темите и на земјата, не смее да се толерира. Секоја иницијатива која е во интерес на брзиот економски развој треба до максимум да се искористи. Само така ќе успееме да ја мобилизираме земјата на економски план и да го подигнеме производството и индустрискиот развој, со една цел – за побогат и побезбеден живот на граѓаните на Република Македонија.

Share:

Остави коментар