Во недостаток на поконкретни резултати во полето на економијата, во суштинските реформи кои ќе нѐ доближат до ЕУ, ние граѓаните сме изложени на катадневно непотребно товарење и бомбардирање со огромно количество информации кои во суштина се минорни, банални, меѓутоа, имам впечаток дека оваа поплава од небитни информации се ползува за да се купи нов ден за преживување како на актуелната власт така и на сиот политички амбиент во РМ.
Премиерот Заев после две и пол години, најави дека ќе го менува изборниот модел кој ќе понуди можност цела Македонија да биде една изборна единица. Од мене за ваквата иницијатива ја има целосната поддршка. Тој и самиот е свесен дека во парламентот тоа нема да мине, од едноставна причина – на повеќето од политичките лидери не им одговара ваквиот модел бидејќи ќе го ослаби нивниот монопол и ќе чепне во нивната неприкосновена владејачка моќ која ја имаат во процесите на составување на владите. Со цел да го охрабрам г-динот Заев дека со оваа иницијатива е на вистинскиот пат и дека ќе ја добие поддршката на граѓаните, му предлагам да распише референдум. Само така ќе успее да го смени актуелниот изборен законик, кој согласно моите перцепции е погубен за развојот на РМ. Би сакал да верувам дека премиерот Заев е одлучен по ова прашање, а доколку е така, алатките му стојат на располагање.
Не би сакал оваа негова изјава да биде третирана како дневно политички маневар со цел да не дојде до предвремени избори чиј исход би бил нејасен. Дури и би можел да го разберам дека човек на власт тешко се откажува од власта.
Едновремено ме фрапира изјавата на вицепремиерот Анѓушев дека тој останува во функција до крајот на мандатот на оваа влада, а потоа дека ќе се деполитизира.
Имам едно прашање – доколку г-динот Анѓушев е толку заморен од политиката има многу елегантни решенија и за негово предвремено заминување од политичката сцена, а тоа е со давање на неотповиклива оставка. Кому му е потребен овој циркус! Дали господинот Анѓушев смета дека граѓаните солзи ќе пролеат по него? Бидејќи навистина не можам да ги видам резултатите од неговите со голема помпа најавени реформи во економијата. Нека не ми замерува г-динот Анѓушев, но сите овие мои дилеми произлегуваат од мојата запрашаност што е тоа што е квалитетно, а тој го испорачал кај граѓаните во Република Македонија, а особено во сферата на стопанството. Лажниот оптимизам кој ги практикуваше во претходните години со пораст на ЏДП со 3 – 3,5%, не што не е остварен, туку е далеку понизок.
Сето ова ме води кон дилемата зошто г-динот Анѓушев влезе во политиката, воопшто. Тој градеше сопствена бизнис империја на полето на енергетиката. Фабриката Брако во Велес ја донесе на високо енергетско ниво на рентабилност. Со еден збор – тоа е човек кој умее да води приватен бизнис. Голема е разликата помеѓу водењето на приватен бизнис и креирањето на севкупниот амбиент за стопански развој. Неговата стручност е несомнена во поглед на енергетиката и инженерството. Меѓутоа, за макроекономските теми сметам дека г-динот Анѓушев е заталкан во Владата на Заев. Ова ви го укажувам од лично искуство бидејќи во мојот долг животен пат имам зад себе минато и во бизнисот и во политиката. Минувајќи повеќе од четврт век вон границите на Република Македонија, сметав дека сум се наоружал со нешто што е напредно, европско и сметав дека ќе можам да го имплементирам тоа во Република Македонија, во областите во кои што дејствував. Меѓутоа верувајте ми дека тоа е танталова мака. Сизифовски потфат. Никој овде не го сака вистинското знаење. За жал, дојдов до заклучок дека моите сограѓани не го перцепираат она што го носам како содржина и знаење, туку само ги засега што имам, барајќи начин како да посегнат по тоа што го имам.
Секој кој се сомнева во моите погоре искажани зборови, има можност да ме провери преку сите институции, како во РМ така и во другите земји каде што сум живеел и работел. Во Австрија и во Полска, пред сѐ.
Јас не сум гаталец, јас сум паталец. Со душа го чекам денот кога голем дел од нашите политички елити ќе сфатат конечно дека ова е единственото наше место каде што треба да живееме посветено, работливо со постојана надградба во сите сфери, а посебно во стопанството. Бидејќи, ако погледнете само една држава, тоа е Сојузна република Германија, за неполни 70 години се издигна од пепелта и стана водечка Европска и Светска сила. Силното стопанство е вистинското решение за справување со бедата меѓу граѓаните. За жал, до овој момент не видов во ниту еден од врвните политички елити капацитет како да ја креира иднината на државата. Како да формира експертски, релевантни тимови, кои стратешки ќе ги решаваат сите сегменти на стопанството. Да ја искреира политиката за развој и да ја имплементира.
Доаѓаат избори. Освен меѓусебно препукување помеѓу двата најголеми политички субјекти, не видов програма, визија која ќе укаже дека има надеж да мрднеме од мртвата точка. Не почувствував дека политичките олигарси се опкружуваат со умни и знајни луѓе, туку напротив, се опкружуваат со луѓе послушници кои гледаат во лидерот некритички во однос на неговите капацитети.
Токму затоа текстот го отпочнав со промената на изборниот модел и ќе го завршам со силен апел до сите граѓани на РМ и политички субјекти. Ве молам, оставете ги на страна лукративните и личните интереси, и ургентно посветете се на заедничките интереси. Само така ќе имаме силни личности со интегритет во парламентот, кои нема некритички да ги аминуваат партиските интереси, туку ќе се застапуваат за заедничките државни интереси. Собранието е филтерот низ кој треба да дадеме амин и доверба на луѓето кои треба да ја водат државата. Лош кадровски опремен парламентарен филтер произведува лоша кадровски влада.