ЖЕШКА ПОЛИТИЧКА ЕСЕН

Почитувани мои читатели,

Колку и да сакаме да бегаме од реалноста, посебно во политиката и политичкиот свет, за жал не можеме да останеме имуни и да не бидеме инволвирани во тој политички амбиент.

Владата на Република Македонија, до крајот на годинава, очекува да бидеме примени во НАТО, којашто смета дека работата е готова, како и добивањето на датум за преговори со Европската Унија за наше идно членство.

Не сум сигурен дека овој датум и да биде прецизиран ќе биде брзо реализиран, а патот и реформите кои треба да ги направиме се многу силни и болни. Од друга страна, Европската Унија станува поскептична во поглед на нејзиното натамошно проширување, бидејќи и самата таа има проблеми во функционирањето и потребни се длабоки реформи. Па како додаток на сето тоа, го има и БРЕГЗИТОТ на Велика Британија кој длабоко ја тресе Европската Унија.

Ова е моја лична перцепција дека можеби преговорите ќе траат многу долго и може да станеме втора земја членка кандидат за Европската Унија која долго чека во собата за прием заедно со Турција. Од друга страна, ги анализирам постапките на нашите политички лидери во поглед на приспособувањето и започнувањето на овие сериозни преговори. Последниве денови живееме во водење на вистинска војна меѓу двете најголеми партии во Македонија во поглед на реформите во Јавното Обвинителство и местото и улогата на Специјалното Јавно Обвинителство доколку би постоело во иднина, какво би било?

Разидувањето меѓу политичките субјекти се многу болни за целото општество и не решавањето на такви клучни проблеми од двете најголеми политички партии, и тоа со консензус, не можеме да бидеме оптимисти и да чекаме во блиско време подобро утро.

Не сакам да навлегувам во суштината на разидувањето меѓу двете најголеми политички партии во Македонија, но ние граѓаните бараме мал сигнал за сплотување и симнување на тензичноста, која се рефлектира во нашиот секојдневен живот.

Немам намера да барам кривец за сето ова, туку може само да апелирам на разум, морал, свест, етика во нивното политичко однесување, со цел да се врати вербата на граѓаните во институциите на државата.

Повеќе пати сум слушнал од мои познати и непознати соговорници, дека ние граѓаните на Македонија поради лошото политичко однесување, не заслужуваме да бидеме самостојна држава. Јас не го делам тоа мислење, напротив јас сум многу среќен што сме самостојна држава и затоа многу пати инсистирав и ќе инсистирам на вовлекување во политиката на интелектуален кадар, кој ќе умее да ги претпочита првенствено потребите на граѓаните, и да ја утврди и реализира таа зацртана цел.

За нашата иднина одлучуваме ние самите, од она што ќе го сработиме и испорачаме до Европската Унија. Немаме веќе ембарго од страна на Грција и нема оправдување за каснењето во придвижувањето на Македонија во рамките на Европската Унија. Повторувам и упатувам порака до лидерите на партиите да ги отворат вратите на партиите и да инволвираат што поголем интелектуален кадар. Преку глава ми е од лепачи на плакати и послушници на лидерите на партиите во било кој изборен циклус, да денес бидат главни играчи на политичката сцена.

Во оваа прилика, сакам да укажам на фактот дека ние граѓаните на Република Македонија, веќе сме изморени од многуте ветувања и на крајот повторувам, ЈАС сакам дела, а претпоставувам и голем дел од граѓаните го сакаат истото, а не празни зборови од актуелните и идни носители на високи функции во Република Македонија.

Од мене толку…

Share:

Остави коментар