ЖИВОТОТ И ПОЛИТИКАТА

Почитувани мои сограѓани.

Би сакал да ги изразам моите согледувања поврзани со вистинитоста, со суштествениот квалитет на нашите животи, нашата иднина и можните благодати кои, сакале ние или не, се во тесна поврзаност со дејствувањата и постапките на политичките елити, оние кои се на власт или во опозиција, а кои го креираат општествениот контекст во рамки на кој ја споделуваме нашата судбина.

На многумина, претпоставувам, ова ќе ви се чини како банална тема, но почитувани мои, јас на ваквите работи гледам малку поинаку – имено, таму каде што имаме вистински лидери, со експертиза и висока политичка култура, со чиста и јасна визија и концепција за реализација на таа визија, таа држава и нејзините граѓани го чувствуваат бенефитот од таквиот труд.

За жал, во Македонија се случуваат нешта кој укажуваат дека одиме во обратна насока од овој императив. Ќе се запрашате зошто во изминативе 3 децении во Македонија, по распаѓањето на СФРЈ, останавме и сѐ уште тапкаме во исто место без никакви визии за економски развој на земјата.

За да можам да говорам за лошото лидерство на Македонија, каде што нештата се менуваат многу бавно и безидејно, сакам да погледнам малку наоколу, кај нашите соседи.

Да почнеме од Грција, која ја надмина финансиската криза од 2007 година и брзо граби во доусовршување на севкупната патна и железничка инфраструктура. Новоизградените патишта кон Јонското море, за Грција дава нов импулс за побрз економски развој за регионите кои беа многу пасивни. Пред финализирање се и разговорите со странските партнери за комплетна реконструкција на севкупната железничка мрежа и модернизација на големите пристаништа.

Албанија, е вистинско чудо на Балканот за брз економски раст, доколку го имаме на ум она што оваа мала земја го постигна во последната деценија. Патната магистрала која ги поврзува Јадранското со Јонско море, дава посебно значење за брз економски развој. Драч како морско пристаниште станува врвулица од идеи за негово трансформирање во едно најмодерно Јадранско пристаниште.

Косово во кое ние граѓаните на Македонија сѐ уште не сме убедени дали е држава или протекторат, за неполна деценија успеа да реализира стратегија за модернизација на патната мрежа, а тоа се капитални инвестиции на автопатот од Приштина до границата со Албанија и Македонија.

Србија и покрај тешките моменти низ кои минуваше, таа држава мина низ војна и бомбардирања и жртви, сепак, изнајде сила да го изгради автопатот од Ниш до границата со Македонија.

Бугарија, земја која во раните 90-ти години по распадот на комунизмот немаше доволно количини за производство на храна, а граѓаните немаа ниту пари да купат храна, денес е земја со посебен тек во стопанството. Иако се земја членка на ЕУ и НАТО, тие во ниеден момент не ги прекинаа трговските односи кои традиционално беа добри со Руската Федерација – напротив и денес ги продолжија и доусовршија тие односи од кои граѓаните на Бугарија имаат бенефит.

А сега, се прашувам себеси, а и вас, што е со нас, до кај сме ние, какви капитални објекти изградивме во последните 3 децении, на кој проект бевме посветени, со цел да го завршиме?

Почитувани мои сограѓани, за развојот на инфраструктурните инвестиции од типот патишта, железници, мора да се има визија, но и прецизен стратешки и акциски план. Без визија не можеме да создаваме и креираме убава иднина. Ќе напоменам само неколку примери. Реконструкцијата на стариот пат Велес-Штип, пат од 45 км, сѐ уште не е завршен, а се работи 10 години на доосовременување. Автопатот Кичево-Охрид, кој не е повеќе од 40 км, веќе 6 години е во фаза на изградба и сѐ уште не е точно утврден терминот кога ќе биде завршен.

Само за споредба, Косово своите автопати кон Албанија и Македонија ги заврши во рекорден рок. Кон Албанија за 2,5 години, а кон Македонија за 1,5 година. Не ни служи на чест нашата опуштеност во реализација на клучните капитални инвестиции.

На крај едно прашање до вас мои читатели.

Дали е можно и како вие гледате на фактот да Косово е меѓу првите 5 бизнис партнери на нашата држава и сѐ уште го немаме изградено тоа кусо патче од 10 – 15 км до границата со Косово, со цел да покажеме респонзивност и одговорност за побрз економски развој. Таквиот гест дури ќе ја промени и импресијата на секој патник кој влегува и излегува во/од нашата држава.

Само да ви кажам дека импресијата на секој наш граѓанин кој што заминал за Косово е АУУУУУУУ, каков пат направиле косовските власти!!!!, дали тоа ви звучи гордо за граѓаните на Косово, за мене ДА.

Замислете истиот тој патник кој се враќа во Македонија од Косово, во Македонија се вози по пат од времето на СХС, а тоа значи повеќе од 90 години стар и неуреден, навистина грда слика и перцепција за нашата земја. Да не звучам песимистички, се надевам и убеден сум дека ова парче земја ќе најде лидери кои ќе ја поведат државата напред и на граѓаните на оваа држава ќе им го подигнат моралот, чувството на достоинство, убедувајќи нѐ дека сме вистински европејци.

За ваквите нешта толку од мене, а вие размислете и делувајте доколку сметате и имате можност тоа да го промените.

Share:

Остави коментар