Секоја заедница може да опстои и да се развива само доколку во неа има изградено силно чувство за взаемност, дарување, поддршка, солидарност, емпатија. Онаа заедница во која отсуствуваат ваквите атрибути, чинам, осудена е на пропаѓање. Токму затоа, сметам дека треба сѐ почесто да говориме за филантропската култура која не го „збогатува“ само оној на кој му е дарувано, туку го „збогатува“ и оној кој дарува. Културата на дарување е единствената нишка која може да го спаси овој обевреднет и отуѓен свет.
Секој од нас треба да придонесе за градењето на здравото, функционално, општество кое ќе почива врз силни вредносни вертикали и праведни етички кодови. Јас сум од оние кои повеќе почитуваат дела отколку зборови и ветувања.
И токму затоа, би сакал да проговорам за овие теми од личното искуство и односот кон пошироката заедница. Бидејќи, моето мото отсекогаш почивало врз начелата на споделување. Сметам дека личната радост нема никакво значење ако не е споделена. Оттаму, и ставовите и во моето семејство. На многумина ви е позната филантропската традиција и култура на моето семејство. Ние силно се застапуваме за постоење на ултимативна солидарност и поддршка во заедницата.
Знаеме дека ако во рамки на смејството немаме вредносни вертикали и однос кон заедницата, тогаш не можеме да го очекуваме тоа од поширокото општество. Деновиве мојата ќерка Олга Костовска го покажа токму ова. Таа за нејзиниот јубилеен роденден, веќе трета година по ред ги замолува своите пријатели да не добива подароци, туку финансиски средства, секој според можностите, кои понатаму таа ги донира на одредени институции кои и тоа како кубурат со своето достоинствено и професионално одржување. Годинава, донациите собрани во рамки на нејзината роденденска прослава ќе се вложат во поправка руинираниот пристапен партерен дел и скалите кои водат до Музејот на современа уметност, каде што нејзината меценатска улога е веќе традиционална и стратешки одредена.
Исто така и фирмата која таа ја раководи, Еуролинк, има развиено висока општествена одговорност – тие како свои приоритетни донации ги имаат стипендиите за студентите на Правниот факултет „Јустинијана Прима“, при Универзитетот Кирил и Методиј, како и донираните средства во одделот за пулмологија во Козле, а и други јасно дефинирани донаторски линии.
Моето задоволство за ваквата консеквентно разработена структура на општествена одговорност нема граници. Ваквите гестови на моето семејство ме поттикнаа во ситуација да размислам колкумина нѐ има во Македонија кои сме спремни да споделиме нешто со своите сограѓани. Со чест на исклучоци, можам слободно да констатирам дека сѐ уште кај нас не е развиено чувството за дарување. Особено на оние кои имаат финансиски капицитет да одделат дел од својот капитал, кој ќе ја помогне целата заедница.
Се прашувам како да се подучат сите оние кои можат да бидат општествено одговорни и респонзивни на сѐ поголемите потреби, кои му недостасуваат на човекот за достоинствено и модерно артикулирање на сопственото секојдневие.
Политиката на Владата за даночни олеснувања при донации не вродија со плод. Што значи тоа? Пред да одговорам, би сакал да се навратам на едно прекрасно интервју на актуелната гувернерка на Народната банка Ангеловска Бежоска, со кое се поттикнаа и се зацврстија моите убедувања дека проблемот лежи во самиот систем на образованието. Тоа ме поттикнува уште подлабоко да размислувам, каков тип на образование имаме. И уште поважно, како да го поттикнеме правилниот образовен развој. Како преку сознанијата за светот да ја поттикнеме младата генерација да размислува како се создаваат заедници и како тие се негуваат. Како да се осознае дека одговорноста не е партикуларен гест и таа не завршува во личните релации, туку се однесува на поширокиот општествен контекст.
Многумина кои не ме познаваат ќе го искоментираат овој мој текст во негативна конотација – „има тој, па дава“. Но, би сакал да ја расчистам таа предрасуда – до вистинскиот успех се доаѓа со макотрпна работа и со себеинвестирање, со постојано преиспитување, критички поглед кон внатре и барање одговор на прашањата како можам да се биде подобар, поодговорен, поемпатичен, посолидарен кон семејството, пријателите и општеството.
Би сакал да упатам порака до оние кои можат да помогнат со мали нешта, да се охрабрат и да се отворат кон филнатропската култура. Малите донации нема да ги осиромашат. Напротив, тие го збогатуваат духот и животниот пат. Дарувањето е најблагородното нешто кое е огормно задоволство, но и обврска.
За крај сакам да упатам до сите вас: бидејќи нема правила како да се стигне до врвот, мојот совет е да се наоружаме со знаење кое ќе ни го артикулира високиот етички коефициент и принципот на создавање солидарни заедници, оти само таквите заедници можат да траат и да опстојат.