ПРОТИВ КУЛТУРАТА НА ЗАБОРАВОТ

Би сакал да го свртам вашето внимание кон нешто суштествено за нашето постоење. Кон нештата кои ја дефинираат нашата самобитност, посебност, специфичност. Тие нешта може да се согледаат само и исклучиво преку културата и културното наследство. Време е да сфатиме дека дневната политика е миговна и си врви. Преку неа ние не можеме да го согледаме нашето траење, нашиот континуитет, ниту, пак, нашата иднина. Дневно политичките случувања не се тие кои ни ја воспоставуваат вредносната вертикала. Напротив, тие внесуваат фрагментација во потребниот, наследен континуитет на нашето постоење.

Затоа, треба да ги нагласиме нешта кои траат. Нештата кои се двигателни и вкотвувачки за нашето минато, но и за нашата сегашност и нашата иднина. Се чини, во ова време на ентропија и девастација на сите вредности, време е да се свртиме кон одновното себеоткривање и кон суштествените, трајни вредности, кои единствено можат да го отсликаат пристаништето на она што нѐ одредува како заедница во континуум. Кој сум, кои се моите специфики, што ме разликува а што ме доближува до другите култури – културното наследство е нашата лична карта преку која се легитимираме и индивидуално и колективно.

Последниот Црногорски крал Никола вели: „Ја загуби битката? Не се плаши, следната ќе ја добиеш. Ја загуби војната, не се плаши, во следната ќе победиш. Но ако го загубиш јазикот, тогаш губиш сѐ.“ Токму оваа мудрост ме поттикна да го посветам овој текст на нашите големи културни татковци, кои го раскрилија нашиот јазик, вредно создавајќи го, надградувајќи го, збогатувајќи го и втемелувајќи го во сите културни и идентитетски вредности.

Ѓорѓи Пулевски, Крсте Петков Мисирков, Браќата Миладиновци, Марко Цепенков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Горан Стефановски и уште многумина придонесоа да се изгради нашата посебност, нашето чувство за континуитет на нашето наследство. Тие создадоа светови кои се извориште на меморијата за нашата култура од дамнина до денес.

Од историјата читаме дека нашиот народ бил најчеста мета на асимилација: Бугари, Срби, Грци… Немам никакви предрасуди или претензии кон ниеден сосед за сторената неправда кон нашиот народ. Премрежијата во целиот Балкан, ги надминавме и успеавме да создадеме идентитет кој денес е меѓународно признат. Сигурен сум дека ќе се прашате зошто во овој миг ги отворам овие прашања?

Можеби ќе ви се чини необично зошто ова го потенцирам во овој миг. Секојдневието во нашето општество е на многу рамништа вознемирувачко. Токму заради таа катадневна борба за егзистенцијален опстанок, ги забораваме оние кои макотрпно и посветено го оформиле нашиот културен идентитет. Тоа се дејците кои ја создале нашата суштественост, нашето битие. Нив ги заборавивме во овој политички спектакл. И тоа е голема неправда. Ние мораме да се бориме против културата на заборавот.

Ние имаме обврска да се бориме против заборавот на сите оние кои нѐ задолжиле со својот влог во градењето на нашето културно наследство и идентитет. Но, за жал, не ја исполнуваме нашата обврска. Денес во ниту еден миг од денот не се споменува нивниот придонес во она што сме и во целокупната наша култура во чија основа е јазикот. Мора да имаме почит во однос на оние кои ни ја даруваа содржината на нашето постоење преку јазикот.

Тие се вистинските „неимари“ во современиот кодификуван македонски говор но и чувари на дијалектите и архаизмите.

Со овие мои размисли имам цел да упатам апел до оваа влада, посебно до ресорното министерство за култура, дека во своите клучни активности, мора нужно стратешки да се акцентира заштитата на движното и недвижното културно наследство во сите негови сегменти, а особено во сегментот на книжевното наследство и јазикот.

Веќе пета деценија се одвиваат Струшките вечери на поезијата. Се прашувам колкумина од нашите граѓани го проследуваат овој величествен настан од исклучително меѓународно значење. Во алеата на великаните, во Струга, недостасуваат или се урнати многу споменични обележја. Се прашувам зошто е тоа направено? И дали се прават напори да се возобнови направената штета. Не можеме да ја градиме сопствената иднина и да го доизградуваме нашиот јазик и нашата култура без фундаментите што ги поставиле тие преродбеници.

Многу се пишува за Јане Сандански, Гоце Делчев, Даме Груев, кои се револуционери за почит и важни за нашата историја. Но, јас инсистирам на равенство со погорните имиња кога е во прашање нашата културна и идентитетска посебност во овој жежок Балкан. Токму затоа, препорачувам во програмите на мајчин јазик, дали македонски, албански, турски, српски, повеќе да биде присутно творештвото на луѓето кои се родени на ова парче земја.

Не би должел повеќе. Но, не можам да не инсистирам да се мобилизираме и да ги оприсутниме наште умни и единствени творци на нашиот културен идентитет, преку најразлични нивни творечки изблици, а најмногу преку јазикот.

Share:

Остави коментар