Секој град е комплексен организам, „тело“ кое има витални органи и кое треба да се негува внимателно и темелно. Доколку не се сфати дека градот е жив организам и доколку не му се пристапи сериозно и грижливо, треба да ни биде јасно дека тој ќе почне да метастазира и наместо да биде расадник на живот, ќе отпочне споро да умира. А со неговото умирање значи дека и неговите граѓани се осудени на смрт.
Токму затоа, сметам, никогаш не е отповеќе да се мисли и говори за акутните проблеми кои ги има нашиот град, а кои се резултат на политиките со кои му се пристапува.
Имајќи го предвид моето искуство како градоначалник од 2005 – 2009 година, би сакал да споделам некои размисли за функционирањето на нашиот град. Ние, старите Скопјани сметаме дека Скопје ја достигна веќе максималната големина и дека секое понатамошно растење на жителството ќе предизвика големи проблеми. Истражувањата кои се прават во светот укажуваат дека ова е тренд карактеристичен речиси за сите мегаполиси, па, следствено, ниту Скопје нема да биде исклучок. Според научниците, имајќи ги на ум брзиот технолошки развој и софистицираната опрема за производство, сѐ повеќе ќе се зголемува миграцијата од селото кон градот – луѓето нема да имаат потреба да останат во селата. Верувале или не, истражувањата велат дека за 20 – 30 години ќе имаме мегамилионски градови со населеност до 80 милиони жители.
На прв поглед се чини неверојатно, но сите индикатори говорат дека тоа ќе се случи. Овој вовед го направив со цел да упатам на некои мои согледби, кои според мене се загрижувачки, во однос на работењето на локалната самоуправа во земјата, а особено во Скопје. Сведоци сме на масовни и огромни реконструкции на сите булевари и собирни улици во Скопје, во коишто стариот асфалт се заменува со нов и поквалитетен што секако е за поздравување.
Но има една дилема која сѐ уште не ми дава мир – зошто локалната власт на град Скопје се зафати со реконструкција на постоечките булевари и собирни улици кога сѐ уште беа функционални. Сметам дека немаше потреба да се влезе во такви капитални инвестиции. Уверен сум дека ќе се прашате зошто. Затоа што сведоци бевме летово дека во голем број села во подножјето на Скопска Црна гора, со недели немаше вода, а локалната самоуправа не можеше да им го реши проблемот, па дури и не се зафати да помогне барем со цистерни да донесе вода за да можат граѓаните во тие скопски села нормално да живеат. Ова укажува дека подземната водоводна мрежа треба да биде приоритет во поглед на квалитетното снабдување на секој граѓанин и жител на град Скопје.
Да биде уште појасно, ние немаме проблем со издашноста на питка вода од изворите Рашче и Нерези. Имаме проблем како таа вода да ја доставиме до крајниот корисник.
Со ова само сакам да укажам на фактот дека азбестните цевки вградени во водоводниот систем уште за времето на мојот мандат почнав да ги менувам и успеав да сменам десетина километри. Се разбира не можев целосно да го завршам тој проект заради временската и финансиската лимитираност.
Минува веќе повеќе од деценија и на овој проблем никој од моите наследници не му посветува внимание. Убедувајќи нѐ нас, граѓаните на Скопје, дека бигорот со кој се обложени азбестните цевки е заштита од канцерогените честички. Тоа се разбира е соголена лага и ништо повеќе.
Се прашувам и себеси но пред сѐ и одговорните од градот – зошто не се зафатат со оние проблеми кои се од суштествено значење за животот на Скопјани: водоводната мрежа, фекалната канализација каде што сѐ уште немаме прочистителни станици, и атмосферската канализација.
Доаѓам до заклучок дека политичките и популистичките интереси се над суштествените интереси на граѓаните. Бидејќи зафатите кои денес се изведуваат се видливи за голото око на секој граѓанин, но воедно, тие се и само шминка со која се прикриваат вистинските недостатоци.
Зошто е тоа така. Па, за жал, заради претстојните избори. Дали предвремени или не, не битно. Партиите на власт или во опозиција, љубат да му покажуваат на народот „убави нешта“.
Многумина од вас можеби биле или не, во најголемиот град во светот Њујорк. На сите булевари, па дури и на Петтата авенија, патиштата им се ужасни, воопшто не им се лични за око. Но, функционални. Немам информации кога последен пат во Њујорк биле реконструирани булеварите. Но, почитувани мои читатели, не им е тоа приоритетот. Приоритет е да ги задоволат основните потреби кои се вредни за виталните аспекти на секој жител.
Кога ќе престанеме со праксата на политичките партии, пред претстојните парламентарни или локални избори да нудат лажни благодати? Кога ќе видиме, ние граѓаните на Скопје, една концизна, но функционална стратегија за како градот треба да се уредува. Независно кој го води, на која партија ѝ припаѓа. Битно е таа личност суштествено и посветено да се вложи во стратешки битните точки за развојот на градот Скопје.
Кој како сака нека ме разбере. Мојата порака не е злонамерна, туку е порака на загрижен граѓанин, кој има и лично искуство, а кој сака искрено и од срце да се отпочне со чесно градење на иднината.
Наидуваат есенските и зимските периоди. Јасно е дека топ тема ќе биде загаденоста на воздухот. Прашувам, дали некој од локалната и централната власт се обиде да направи вистински елаборат за причините заради кои ова зло ни се случува, а следствено, и за методите како да се справиме и да го елиминираме, бидејќи јасно е дека станува збор за смртоносност по граѓаните.
Ова е како приказната со штурецот и мравката. Сите ја знаеме оваа приказна, но никако да извлечеме поука од неа. Отворено прашувам – дали загаденоста е само во воздухот или е и во земјата и во водата. Тоа се клучните нешта кои секој сериозен домаќин ќе си го постави како приоритет.
Толку мои почитувани од мене… и повторувам – да се биде градоначалник е обврска а привилегијата е резултат на сработеното.