Не можам да не се запрашам зошто катадневно ни се случуваат, би рекол, фијаска на политичката сцена. Размислувајќи ја барам генезата за неуспехот на нашиот политички систем од осамостојувањето до денес.
Денес главна тема е „метлата“ на Заев. Секаде во светот, па и кај нас, се случува флуктуирање на работната сила која има цел да оствари лични амбиции, безбеден стандард и стабилна иднина. Во стопанството и бизнис сектор за мене ваквите флуктуирања се нормални и прифатливи.
Но, не можам да бидам убеден дека со тековната „метла“ на премиерот Заев, со промената на стотина кадри во администрацијата од кои некои и на високи функции, ќе очекуваме едно подобро утре.
Промената на кадрите со нови, во чии квалитети и квалификации се сомневам, убеден сум дека ќе го принуди премиерот повторно да употреби „метла“. „Метлата“ е само едно, веројатно не толку успешно финале, на многуте наталожени проблеми во општеството. Во превод, таа значи стартни лоши кадровски решенија во администрацијата. Но, влегувам подлабоко во анализата зошто се води лоша кадровска политика која очигледно не работи за јавното добро туку за партикуларните интереси.
Од осамостојувањето до денес партиските лидери се чувствуваат како султани кои владеат без никаква контрола, мислејќи дека се семоќни волшебници. А всушност станува збор за популистички модел на владеење каде што партијата е над државата.
Се прашувам – дали ние навистина живееме во вистинско демократско општество. Дали Парламентот како највисоко законодавно тело е независен и делува за интересите на граѓаните или делува првенствено за партиските интереси.
Позицијата на политичките партии е изворот кој го наметнува водотечението на ова погубно политичко сценарио за Македонија. А врв на сето тоа се лошите избирачки закони и модели кои владеат во Македонија.
По мене, изборниот законик кој е актуелен е изворот на сите проблеми кои понатаму се надоградуваат. И покрај сите препораки во Европската унија, кои секогаш беа позитивни, ниту една влада не смогна сили да се зафати во костец и да ги решава вистинските проблеми кои секоја година се повторуваат. Ако изборниот законик е основниот извор на нашата незрелост, тогаш како ќе се справиме со сите аномалии кои се јавуваат во нашето општество: судство, образование, здравство, култура и најбитното – развојната димензија во економијата.
Господинот Заев деновиве со својата „метла“ исчисти дел од оние кои самиот тој ги назначил на одредени функции. Моето прашање е упатено до сите вас, но особено до засегнатите страни – кој е виновен за сето ова? Ние не сме тие кои ги избиравме функционерите. Ние, граѓаните немаме никакво влијание во кадровските политики на секоја власт која доаѓа и која била. Со лошите кадровски политики нанесена е ненадоместлива штета на целото општество. Но, затоа прашувам, кој е одговорен за лошата кадровска политика. Се трошат народни пари или позајмени кои повторно народот ќе ги враќа. Секоја функција треба да се согледува од повеќе страни, но најмногу од две: како обврска и одговорност, а многу помалку како привилегија.
Во именувањето на државните службеници и министри за жал побитна е партиската припадност отколку стручните и професионални квалификации. Тоа е заривање нож во срцето на државата. Чувството дека тапкаме во место е толку очигледно што веќе најголемиот дел од граѓаните се обвиткани во резигнација и неверување дека е можно да се промени општествениот и политичкиот наратив. Силната држава ја чинат силни личности, со интегритет и со експертиза, а не партиски послушници.
За жал, со исклучок на поединци во досегашната тридеценска државотворност на Македонија, такви случаи се навистина ретки.
На крај би дал и некои предлози. Најпрво, мора да се промени изборниот законик. Востановување на една изборна единица и истакнување на кандидати на тие листи без партиска поддршка. Народот умее да оцени и одбере, како што умее и да казни. Верувам во него и сакам да верувам дека подоброто утре ќе дојде тогаш кога јавниот интерес ќе биде над личниот и кога ќе дојдат на одговорни функции луѓе кои ќе имаат висок професионализам и интегритет. Во спротивно, „метлите“ ќе ни бидат реалност. Неодговорноста за лошите кадровски политики ќе биде маргинализирана и ќе чекаме што денот ќе ни донесе, талкајќи бесцелно и безидејно во однос на крајната цел.
Ги охрабрувам политичките партии да си ги демократизираат партиите. Да нѐ го потиснуваат интелектуалецот или тој што повеќе знае од својот претпоставен. Напротив, треба да му се дадат крилја на таквиот човек за надоградба. Како и многумина од нас и јас сум веќе заморен од ова наше политичко секојдневие и од безуспешните реформи во сите сегменти кои не носат никаков резултат.