Би сакал да проговорам за една тема, која според моето мислење е од суштествено значење за континуитетот, паметењето на нашата култура, нашиот идентитет од дамнина до денес. Кој е нашиот однос кон континуитетот во културното наследство?
Непосреден повод е промената на името на градскиот стадион од Филип Втори во Тодор Проески, без некоја особена најава, аргументација и елаборација. Многумина од нас ќе се прашаат, чуму ова? Тоше Проески е ангелот на македонската популарна музика. Икона која ги обедини сите граѓани на оваа земја без разлика на етникумот или веросиповедта. Тоа е личност која ја афирмираше Република Македонија насекаде во регионот и пошироко, безрезервно и речиси совршено. Амбасадор на нашата култура.
Но, сепак, не можеме во ниту еден миг да го идентификуваме Проески како човек чие име треба да се поврзе со спортски објект. Би разбрал да се донесеше одлука, на пример, возобновената универзална сала да го носи неговото име. Но, не и стадионот. Сметам дека мора да постои сериозно разработена стратегија како да останат запаметени заслужните граѓани во оваа земја – оние кои се втемелувачи на нашата култура и на нашиот идентитет.
Не е тајна, дека политичката елита ни оддалеку нема капацитет да се избори за да ги трасира вистинските патеки за промената на општествените наративи, кои се однесуваат на внатрешното осовременување на државата и на институционалното вкотвување на нејзините вистински вредности. Радосно ми е срцето кога ќе видам ретки примери на умни, образовани луѓе со визија кои влеваат надеж дека, сепак, оваа земја може да има иднина, доколку ним им се даде шанса. Но како да не им се дава шанса.
Сето погоре наведено е мал увод во скромната анализа која сакам да ја направам во однос на местото на културата и уметноста во нашата земја. Од Македонија изникнале грандиозни личности и мислители како Блаже Конески, Петре М. Андревски, Славко Јаневски, Томе Серафимовски, Владо Малески, Горан Стефановски, Ацо Шопов, Крум Кепески, Оливера Николова, Радован Павловски, Светлана Христова Јоциќ, Јован Котески, Петар Хаџи Бошков, Боро Перчинков, Боро Митриќески, Коле Чашуле, Гане Тодоровски и многумина други еминентни творци признати и во земјата и надвор од неа. Во Македонија мора да се избориме против културата на заборав и кусото паметење, кои секоја влада, за жал ги промовира, наместо да ги супресира. Зошто ги обвинувам владите на Македонија? Затоа што од нив треба да се поттикне иницијативата за конзервирање, негување и актуелизирање на континуитетот во архивирањето на нашето културно и уметничко наследство.
Не можам да разберам како може слободоумниот човек во Македонија да дозволи да биде зафатен од оваа чума на заборавот и кусото паметење.
Прашувајќи се себеси ве прашувам и вас: Колку знаеме за творештвото и за животот на нашите бардови од сферата на културата и уметноста? Колку знаеме за нивните животни и творечки патеки, инспирации и искушенија?
Пред две години националната телевизја Канал 5 објави дека веќе е снимена 100 епизода од Македонските народни приказни. Јас наискрено би се насмеал со иронија, бидејќи тие „приказни“ шират банализирана, популистичка вистина за нашето наследство. Наместо да се фокусираме на вистинското културно наследство кое ќе биде референца за нашиот понатамошен развој: Крсте Петков Мисирков, Григор Прличев, Коста Рацин, Марко Цепенков, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Јордан Хаџиконстантинов Џинот… Зошто сите овие вертикали на нашата култура се закопани во заборавот, далеку од очите на јавноста?
Нивниот опус е вистинско откритие, ризница која го вкотвува континуитетот на нашиот идентитет. Мораме доколку сакаме да бидеме почитувани најпрво да го почитуваме најдоброто во сопствениот двор и да го втемелиме во актуелноста. Мораме да се признаеме и препознаеме себеси за да нѐ признаат и препознаат другите. Не можеме другите да ги присилиме да го прифатат нашиот културен иднетитет доколку самите го буткаме во кал. Без признание на нашите најеминентни творци нашиот идентитет не постои.
Многумина не знаат дека сѐ уште е жив нашиот најдобар атомски физичар од времето на поранешна Југославија па сѐ до денес, академикот Попјорданов, чии формули сѐ уште служат за изучување на атомската физика, ширум светот.
Не сакам никого да потценам. Напротив, сакам да ги воздигнам сите овие имиња кои ме прават горд да бидам Македонец.
Нашиот јазик, како што рекол поранешниот претседател на Бугарската академија на науките и уметностите Воденичарски, е најромантичен помеѓу сите словенски јазици. А кои го создаде – секако, плеада на интелектуалци меѓу кои знаменосниот Блаже Конески.
Нему и на таквите како него нека им е вечна слава. А наша должност е да го негуваме во современоста нивното творештво и постојано да го истакнуваме нивното значење.
Овој мој текст е апел, а не желба за повреда. Но, искрено верувам дека е нужно да го ревидираме односот кон нашето културно наследство, без злонамерното ширење на национализми, туку напротив, со негова промоција заради истакнување на посебностите на нашиот идентитет, а со тоа прифаќање на различностите на другите сожителски и соседни култури.