ПРЕДЛЕТНИ РАЗМИСЛИ

Туку што влеговме во долгото топло лето, во летните жеги. Врели се и тешки овие денови и фактички и симболички. Температурите растат, па можеби е време во ладовина да размислиме и да ги средиме мислите.

Нѐ очекува жешка есен на политичкиот ринг. Нѐ очекува конечното редефинирање на целосната реконструкција на Владата на Република Македонија. А веќе со нетрпение го очекуваме и долго најавуваниот датум за преговори со Европската унија. За мене, тој датум не значи многу – тој е само модусот, формата за нашето придвижување. За мене од круцијално значење се вистинските социо-културни вредности, кои треба да ги испорачаме и да ги зацврстиме. Се прашувам дали ние имаме капацитет за таквиот исчекор. Дали сме спремни да се фатиме во костец со решавање на фундаменталните замерки, кои ги има во извештаите од Европската комисија. Станува збор за нетранспарентното трошење на јавните пари, корупцијата во општеството и, пред сѐ, во судството. И, секако, за мене најзначајно од сѐ, е промената во изборниот законик.

Сметам дека летото ќе биде доволно за потрезвено размислување за луѓето кои се на позиции и носат важни одлуки. Сѐ само со една цел – да го трасираме патот кон Европското семејство, но не само како формална членка, туку како стил на живеење, како вредносен систем, како култура и како политички стабилен и праведен систем.

Следната година нѐ очекуваат повторно парламентарни избори. Чувствувам дека народот станува сѐ позрел и позрел, бидејќи со неговата неактивност во изборниот циклус, одбива слепо да ги прифаќа изборните програми на партиите, кои репродуцираат само исти фрази. Тоа значи дека граѓаните произведуваат нови свежи идеи, нови личности кои говорат не со пропагандистички јазик туку со нормален јазик вкотвен во реалноста.

Убеден сум дека самата Европска унија ќе им го понуди тој датум за отпочнување на преговорите кога ќе биде поочигледно дека оваа земја стигнала до оној општествен развој во кој секој поединец ќе биде пример за европските вредности.

Сите чинители на политичката сцена би ги замолил да навлезат во подлабока и објективна критичка анализа на неуспешниот пат на земјава, кој се одвива веќе три децении, и потоа да понудат решение како да се излезе од овој ќорсокак. Знам, градењето на демократско општество е долг процес во кој се бара посветеност, знаење, трпение, толерантност и, секако, најважно, чувството според кое треба да функционира правната држава.

Не би сакал повеќе да се навраќам на тоа како ги минавме првите три децении од нашето осамостојување. Сакам да гледам во иднината. Сакам да извлечеме поуки од грешките што сме ги правеле, со цел да не ги повторуваме. Ги поддржувам оние политичари кои имаат чесни намери, да ја користат политиката како алатка за подобро на сите граѓани во РМ, да бидат храбри, јасни во своите ставови и да ги убедат граѓаните не со зборови туку со дела.

За неполн месец ќе ги чествуваме Илинден и АСНОМ, кој е државотворен за Република Македонија. Ги чествуваме луѓето, знајни или не знајни, кои се вложиле со своите животи во градењето на оваа земја. Ние мораме да им бидеме достојни и да им се одолжиме. Мораме за нашето време да бидеме пример за чесност, храброст, одговорност и посветеност како што тие биле пример за нивното време.

Би завршил со уште еднаш испратена порака до актерите на политичката сцена. Народот очекува конкретни решенија, поголема посветеност и знаење. Особено, очекува посебна внимателност во креирањето на кадровските решенија, кои треба да дадат одговор на сите погоре наведени недоумици.

Share:

Остави коментар