МАКЕДОНИЈА И ЕВРОПА

Чувствувам потреба да споделам свои размисли околу една од најгорливите и најважните теми – етаблирањето на Македонија во Европското семејство и утврдувањето на датумот за преговорите со Европската унија. Од половината на мај до денес сме под пресијата на прашањето дали ќе го добиеме посакуваниот датум или не. Начинот на кој се пласираат сите информации околу овој „датум“ се толку несериозни, што сметам дека со право унијата може да си поигрува со нас. Се прашувам дали навистина сакаме да влеземе во европското семејство. Ако сакаме, тогаш би требало да ги извршиме сите коренити реформи во сите општествени сегменти посочени во официјалните документи на Европската унија, не би смееле да играме лотарија. Модерниот демократски свет е многу прагматичен. Минаа времињата кога Европската унија примаше во сопственото семејство држави кои ни оддалеку не ги исполнуваа критериумите за демократски развој и институционално функционирање.

Некој ќе рече, можеби, па врз нас ли најдоа да ги спроведуваат критериумите. Можеби станува збор за моја карактерна особина, но јас ако треба да влезам во Европската унија, како што влегоа многу членки, без вистински реформи во судството, во самата влада, во сите сегменти и да бидам третиран како сираче во тоа европско семејство, подобро да не влезам никогаш.

Сирак не сум, ниту пак вие сте сираци. Меѓутоа, клучното прашање е дали имаме капацитет да ги направиме вистинските реформи и да престанеме да играме во кладилница.

Во минатите колумни ги споменував местото и улогата на судството и на сите институции во владеењето на правото. И за жал сѐ уште чувствувам дека овие прашања поврзани со нефункционалното судство се метастазираниот општествен канцер од кој не можеме да се ослободиме.

Гломазната и целосно неспособна државна администрација се плаќа од пари кои ги нема во буџетот, па мораме да позајмуваме. Транспарентноста при трошењето на буџетските пари, дали на централно или локално ниво, недостига. Само овие три сегменти даваат реална слика за тоа кои сме, каде сме и каде припаѓаме.

Во последното интервју на премиерот Зоран Заев, беше кажано дека доколку не добиеме датум, ќе дојдат националистите, кои државата ќе ја однесат во целосен хаос. Прашувам, кои се тие националисти? Од кои редови излегуваат? Говориме за сите граѓани на Република Македонија дека се националисти!?!

Сите се свесни за нашата мултиетничност. И имаме граѓани кои веќе не веруваат дека не само владата туку ниту една политичка и партиска гарнитура не можела да ја изведе државата на вистинскиот пат.

За да можеме да бидеме достоинствена членка на ЕУ, би сакал да тропнеме на врата кој ќе ни се отвори кога ќе бидеме достојни за прием, со реформи во судството, здравството, образованието и институционалните модели.

Што очекуваме? Дека ако Европската унија ги отпочне преговорите и ако станеме членки, во Македонија ќе се истураат реки пари? Европската унија е скапа играчка во која и ние ќе мораме да партиципираме. Брисел е скапа институција во која и ние мораме да партиципираме. Затоа предлагам на сите чинители кои одлучиле да се занимаваат со политика да се концентрираат на извештаите од ЕУ, кои ги добиваме веќе десетина години наназад и со напорност и посветеност да ги донесеме во ред институциите на системот согласно стандардите кои владеат во модерниот свет. Посветеност на сите забелешки и длабока анализа и решавање на сите укази кои Европската унија ни ги дала како домашна задача.

Не би сакал ова мое слово да се сфати малициозно. Напротив, верувам во демократскиот капацитет за критичка аргументација која ќе упати на сериозно и длабоко промислување во однос на нужните промени во рамки на самите партии, а потоа и на целото општество.

Би сакал да го доживеам денот кога мојот сограѓанин ќе излезе на гласање, но не да гласа по дифолт за оние чиј симпатизер е, туку гласот да го даде на оние кои навистина ќе имаат капацитет да го сменат општествениот наратив.

За жал, мора да се има на ум дека политичките партии целосно го парчосаа ткивото – се поделивме на групи, подгрупи… Општеството е фрагментирано на милион парчиња. Со тоа, се изгуби чувството за заедничко добро и заедница. Само партикуларните интереси се во игра.

Секоја влада ветува транспарентност, реформи. Но, мојот одговор на сите овие ветувања, е само едно – покажете со дела, а не со зборови и панфлети.

На крајот би сакал да резимирам – ние не сме во Европската унија, туку ние сме Европејци. Нас Европската култура ни е иманентна. Ќе умееме ли некогаш да кажеме доста е! Веќе три децении политичките партии на власт и во опозиција нѐ водат низ нашата самостојност, но без резултати. Остануваме и понатаму една од најнеразвиените земји на Балканот. Со фрагилна економија, лошо здравство, распадливи институции и јавна администрација која е товар на државниот буџет, а е не ефикасна.

Мене секако веќе ми е доста!

Share:

Остави коментар