КАКВА ВОДА НАВИСТИНА ПИЈАТ СКОПЈАНИ

Додека бев градоначалник на Скопје, обезбедувањето на квалитетна и питка вода беше еден од моите приоритети. На 22 март се одбележа светскиот ден на водата. Во таа чест добивме ламентации од челниците на градот дека скопјани пијат совршено чиста и квалитетна вода. Нема сомнение дека изворите на Рашче и бунарите во Нерези, при самото извирање нудат квалитетна вода која се контролира секојдневно од страна на лабораторијата која е во ингеренции на Водовод и канализации. Сакам да ви укажам дека само до пред некој ден бев и самиот убеден дека оваа вода која ни се дистрибуира до домовите од Рашче и Нерези е квалитена и питка.

За квалитетот на водата постојат параметри кои нужно мора да се контролираат на секојдневна основа. За жал, мораме да констатираме и да бидеме свесни дека голема е разликата на квалитетот на водата на извориштето и она што скопјани го добиваат во домовите, бидејќи по својата траекторија таа го губи квалитетот.

Неодамна бев посетен, по случаен избор, во мојот дом од млади технолози кои понудија да ја проверат водата што ја користиме во домот од чешма, а која е за пиење. Од оваа посета бев подучен што значи квалитетна вода за секојдневна консумација, директно или преку храната и готвењето. Мерните инструменти покажуваа дека водата не е ниту за пиење ниту за готвење. А тоа го докажаа и со електролиза направена со вода во чаша наполнета од чешма. Водата беше подложена на силен електричен 220 волтен напон. Едновремено, тие извадија вода која е веќе исфилтрирана со додаток на минерали неопходни за водата и во истиот миг беше направена и во двете чаши електроанализа.

Не би сакал да ве исплашам драги сограѓани, но она што ми беше презентирано беше навистина вознемирувачки и разочарувачки. Ќе набројам само неколку елементи кои беа специфични за двата вида води, едната дестилирана а другата од чешма. Водата од чешма ја промени бојата и стана темно каллива дури и темно мочуришно зелена, со висок слој на непосакувани метали и неметали во водата како олово, цинк, железо и азбест. Сите тие, а особено тешките метали предизвикаа вознемиреност и општествена загриженост бидејќи станува збор за здравјето и животот на речиси еден милион граѓани. Истовремено водата од чешмата ја подигна драстично температурата на водата во чашата, додека температурата на водата во другата чаша беше скоро иста како што беше наточена. Објаснувањето на стручниот тим беше дека ова загревање на водата е настанато од тешките метали во водата кои се проводници на електрична енергија и ја загреваат водата.

Не смееме да бидеме слепи пред вистинските проблеми кои го тангираат директно човековиот живот. Станува збор за вода која е основен елемент во опстојувањето на човечкиот живот. Апелирам до надлежните во градот да не нѐ залажуваат со фактот дека имаме квалитетна вода на извориштата. Треба да се проговори и да се понесе одговорност за квалитетот на водата која стигнува во нашите домови. Бидејќи таа го засега директно човековиот живот.

Би сакал да укажам на уште едно нешто поврзано со квалитетот на водата на изворот Рашче. Станува збор за фактот дека патот на водата од високите шарпланински врвови до Рашче на планината Жеден, кој по мое сознание трае 11 години, е сѐ уште неконтролиран од човекот. За време на мојот мандат размислував да се направи картографска скица на подземните патишта на тие води. Многумина ќе се запрашаат зошто. Затоа што во Тетовскиот регион дивоградбите се повеќе од реалност. И во мојот градоначалнички мандат од 2005 до 2009 постоеја околу 5000 септички јами на локација околу изворот Рашче и планината Жеден. Убеден сум дека таа бројка на септички јами денес е тројно зголемена. Според мене, прашање на време е кога фекалиите на септичките јами ќе дојдат во допир со подземните трасирани патишта на водата која со векови го полнела изворот Рашче.

Проблемот воопшто не е наивен. Станува збор за нашите животи. Затоа предлагам надлежните да ги преземат сите потребни научни истражување и да ги користат сите расположливи технолошки средства, меѓу кои и пречистителните станици, со цел проблемот да биде решен како што доликува на современата цивилизација.

Ве уверувам дека додека живеев во Виена секогаш, за тие 15 години, пиев вода од чешма. Но квалитетот на водата беше научно гарантиран, проверуван и здрав по животот на корисникот. Во Виена никој не смее да си поигрува со животот на граѓаните бидејќи консеквенците од ваквата неодговорност и измама се строги и големи.

Дали е време за целосна реконструкција на водоводната мрежа во Скопје – тоа треба да го утврдат науката и органите кои одлучуваат. На крајот би сакал да повторам – здравјето на луѓето е врвен императив за секој челник на градот и општината. Тоа здравје можеме да го обезбедиме со квалитетна исхрана и вода користејќи ги сите општествени сегменти и технологии кои ќе бидат во функција на квалитетното здравство, едукација и кои ќе овозможат здрав и квалитетен живот.

Почитуван татко на градот Скопје, текстов можеби ќе ве погоди бидејќи е сосема спротивен на вашите аргументи дека пиеме здрава и чиста вода. Меѓутоа најдобронамерно би сакал да ви советувам, а вие тоа мора да го знаете, дека ургентно мора да го преиспитате квалитетот на водата која доаѓа во домовите на граѓаните на Скопје.

После овој добронамерен граѓански указ очекувам да преземете адекватни мерки.

А вам мои почитувани сограѓани ви препорачувам да бидете внимателни и да се обидете да ги проверите нештата кои се промовираат како здрави и квалитетни за консумирање. Даровите од природата не постојат дадени еднаш за секогаш. Ние имаме одговорност да се грижиме за нив и нивниот квалитет и да ги чуваме за идните генерации.

Share:

Остави коментар