Почитувани читатели, немав намера воопшто да ги коментирам предизборните претседателски кампањи на актуелните кандидати. Но, ова секако е време на маркетиншко обликување на животот, пораките, политиките. Време на билборд насмевки зад кои се крие привидот на реалноста, лажните ветувања, празната реторика и флоскуларната мисла.
Некои нешта кои ги воочив во актуелната претседателска кампања, за мене се навистина вознемирувачки и би сакал да ги споделам.
Со огромно внимание го следев дуелот помеѓу Заев и Мицковски, кој не понуди ништо ново. Завршницата на дебатата, може да се каже, дека беше синонимна на борбите на петли на буниште – секој кукурикаше дека неговиот кандидат ќе победи, без темелита аргументација. Сметам дека таквата политичка култура и комуникациска поткапацитираност на политичките елити е омаловажувачка за нас граѓаните.
Се прашувам дали бираме претседател за сите граѓани во Републиката или бираме претседател по терк на поединци кои очекуваат дека треба идниот претседател да биде послушник на поединечните, а не на заедничките интереси. Би сакал конечно да престане потценувањето на граѓаните. Веројатно не се свесни нашите политички челници дека омаловажувајќи ги граѓаните се омаловажуваат и себеси.
Второто нешто кое би сакал да го посочам во овие десетина денови од почетокот на камапањата, е дека господинот Река најмногу ги исполнува критериумите за претседател на Република Северна Македонија. Ама на сите ни е јасно дека ова општество сѐ уште не е зрело да има претседател Албанец. И двајцата таканаречени самостојни кандидати на двете најголеми македонски партии, си имаат свое основно мото, дијаметрално спротивно од она на другиот – едниот го брани Преспанскиот договор веќе признаен од меѓународната заедница вклучително и Руската федерација и ратификуван и уставно имплементиран од парламентите на Грција и Македонија, што за мене и за многумина е завршен процес. Од другата страна, во личноста на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ДПМНЕ, ја имаме одбраната на таканаречената „македонска кауза“. И двата кандидата ветуваат брда и долини, па дури ветуваат и такви нешта кои излегуваат од рамките на ингеренциите на уставот.
Господинот Пендаровски, брани нешто што е вистинска реалност. А госпоѓата Давкова Силјановска напаѓа нешто што и самата е свесна дека ниту може да го промени ниту да го блокира, а тоа е Преспанскиот договор и промената на името. Се разбира дека не сум ниту јас среќен со промената на името, но животот ме научил да бидам прагматичен со една и единствена цел. Да опстоиме да ги продолжиме нашата култура, нашиот јазик, нашето постоење во историјата, и тоа по една современа демократска и еманципаторска врвица.
Би кажал неколку зборови за госпоѓата Силјановска Давкова. Гордана, кому треба да му служиш? Гордана, ти ми беше, во еден период, главниот советник за време на мојот мандат како пратеник, кога заеднички се застапувавме за неправедната територијална поделба на општините во Република Македонија. Гордана, прекрасен професор и педагог си и студентите те почитуваат, но не можам да го избегнам впечатокот дека можеби си бегала од часовите по географија на кои си требала да ги совладаш урбаните топоними во нашава земја. Знам дека нема да ми се налутиш, бидејќи бев првиот кој ти се јави на телефон и ти кажа дека билбордите за твојата кампања се катастрофално лоши. Не си тоа ти…
Драги мои читатели со г-динот Пендаровски не се знам добро и не можам да дадам никакви оценки. Меѓутоа нека најде нова димензија во неговата многу здодевна кампања низ која ќе го поттикне интересот кај граѓаните да го слушнат, разберат и прифатат.
Од 1994 година секогаш сум присуствувал на сите изборни циклуси во земјава. Сите се колнат дека имаме демократски избори, но за жал сведочиме на чиста лакрдија. Се применуваат истите методи како од времето на Јанкуловска и Јанакиески, со загарантирана бројка на гласови, кои треба да ги обезбеди секој нововработен од актуелната партија на власт. Се прашувам, дали се убедени оние кои ги организираат изборите дека овој народ е навистина толку неук за да не умее да процени што навистина му треба, какви личности во политиката треба да имаме за челници во сите сфери.
За жал, секој изборен циклус се повторуваат истите методи и добивам впечаток дека да се биде политичар, тоа е најпрестижната и најпрофитабилната професија во нашата држава.
Не би сакал малициозно да алудирам кон никого и кон ништо, туку едноставно ја барам она справедливост и чесност во однесувањето на политичките елити преку која ќе станеме квалитетно и еманципаторско општество.
На крајот, иронијата да биде уште поголема, морам да запрашам: кој ги финансира кампањите на двата божемно-независни кандидати? Дали како вистински независни кандидати самите се финансираат или финансирањето оди преку нивните поддржувачки партии, собирајќи скап данок од своите симпатизери за да ги финансираат личните амбиции и суети на нивните лидери.
Учествував во две кампањи како независен кандидат. Независноста си ја платив со свои пари. Не дозволив ниту една од партиите кои ме поддржуваа да ги покриваат моите трошоци. Затоа ќе повторам – лакрдијата продолжува.
Сметам дека нема потреба повеќе што да се каже – демократско право е на секој поединец доколку сака да излезе и да гласа за оној кому му верува. Но, верувајте ми, мислам дека не е несоодветно кандидатите во македонскиот политички блок да ги наречам „неверници“, ама убеден сум дека и самите не веруваат во нивните ветувања.
Од мене за оваа тема толку, драги читатели. Сакаме да бидеме дел од европското семејство, а се однесуваме неодговорно и спротивно на сите европски демократски императиви. Потребен ни е претседател на државата кој ќе ги застапува сите граѓани, а не да биде полтрон на своите финансиери.