Почитувани мои сограѓани,
Функционирањето на секоја Влада е можно само со оформување на министерства во склоп на Владата, кои треба да овозможат функционалност на државата и да му служат на народот.
Денес сакам посебно да пишувам за Министерството за внатрешни работи, но ова не значи дека останатите министерства се помалку важни, но да почнеме со ред.
Полицијата во секојдневното живеење е најсилниот елемент кој треба да ја гарантира безбедноста и имотот на граѓаните и спроведувањето на законите онака како што се напишани, согласно уставот на Република Македонија.
Последните случувања поврзани со бегството на веќе бивши функционери мора да биде санкционирано. Одредени личности мора да дадат оставки. Тоа не го велам само јас, тоа го вели свеста на секој чесен граѓанин кој сака да живее во правна држава каде владее законот.
Јас, денес ќе се осврнам на можеби наизглед бенигна тема за местото и улогата на полицијата во секојдневието, но за жал реалноста е многу сурова.
Дел од јавноста знае, а дел можеби не знае дека јас два пати неделно играм фудбал. Во последнава недела се случија две провали на автомобили во исто време и на исто место.
Убеден сум дека полицијата знае за овие случувања, но јас како граѓанин не можам да ја почувствувам преземена мерка за овој проблем и не се чувствувам безбедно.
Додека, при секое мое заминување од помошното игралиште на ФК Работнички, секојпат не пречекува сообраќајна полиција со едно до две возила, со 5-7 полицајци.
Прашувам најотворено, чуму 7 полицајци да ме контролираат при секое мое заминување од градскиот стадион, од аспект дали сум се напил и дали имам уредна документација, или пак сообраќајната полиција се крие на пунктови каде што треба да глоби луѓе за пребрзо возење, а истовремено другиот дел од полицијата остава отворен простор на беззаконието.
До кога вака? Сум живеел во бившата држава во која имавме маалски полицајци кои точно ги знаеја сите жители од тоа маало и беа во функција да ги чувствуваат како дел од маалското семејство. Што е пораката? Пораката е ДОВЕРБАТА. Довербата е нешто што ниту се купува, ниту се продава, туку се стекнува, а КАКО? Еве еден пример, а вие сами заклучете.
Најмалиот син заврши четврто одделение во Австриско училиште, пред нашето враќање во Република Македонија. Секој месец дечињата од неговото одделение имаа средби со униформирани полицајци, дали во училиштето или во полициските простории, со цел да се стекне доверба дека тоа е човекот во униформа кој му ја гарантира безбедноста. Е, така полека но сигурно се стекнува ДОВЕРБАТА во униформираниот човек. Додека кај нас униформата значи еден вид страв дека може да бидеш казнет или приведен. Довербата на граѓанинот во униформираниот полицаец е изгубена.
Прашувам најотворено, како може врвните личности на Министерството за внатрешни работи да ме убедат дека живеам во безбедна и правна држава.
Убеден сум дека ваквото чувство не е само кај мене, туку кај поголем број мои сограѓани.
Знам дека голем број од високите ешалони во полицијата ќе најдат претекст да не се согласуваат со мене, а јас би им порачал; за да го слушнат сопствениот народ како мисли за нив, нека се симнат меѓу народот и ќе слушнат.
Вака заштитени со имунитет и само права за нивно одлучување, доведува до една слика дека живееме во општество на привилегирани и маргинализирани.
Апелирам до оваа централна власт и до идните централни власти, дека треба чувството за безбедност на граѓанинот да го стави на прво место на нивната агенда.
Доколку не умееме да создадеме таков систем тогаш предлагам да земеме урнек од високо развиените земји и да го имплементираме, согласно нашата култура, традиција и ресурси.
Најбитно од сето тоа е да ова толку силно и потребно Министерство не биде злоупотребено за дневно-политички пресметки.
Полицијата мора да му служи на народот, а народот е тој кој ќе го оценува успешното или неуспешното работење на секој истурен поединец кој ја преземал оваа обврска да делува и работи во интерес на граѓаните.
Се надевам дека колумнава напишана до ресорното министерство нема да ја сфати како критика, туку како патоказ како треба да функционира.