Почитувани читатели,
Денес ќе се осврнам на тема ЧОВЕКОТ, како поединец и неговото место и улога во современото општество.
„Човекот пред сè“ е невладина организација, во која сум подолго време инволвиран. Сигурен сум ќе се запрашате, зошто Човекот пред сè. Од секогаш, а особено во современото развојно општество човекот е најголемата инвестиција на секое општество и родителите, а со негово оформување претставува најсилниот и незаменлив капитал на секоја заедница.
Во блиското минато со цел да се запре иселувањето на пред сè младата, веќе наоружана со знаење, вештини и РЕПРОДУКТИВНА ПОПУЛАЦИЈА од Република Македонија, направив видеоспотови се со цел да си ги градиме нашите огништа, домови, иднина, тука, дома во Република Македонија. Спотовите беа дочекани на мое изненадување со големи критики, каде преовладуваше фактот дека јас сум богат, од финансиски аспект, а воедно сум бил печалбар и сега ширам демагогија. Ама, драги мои читатели, јас се вратив во Македонија со сиот спечален капитал кој го инвестирав во мојата татковина.
Материјалното богатство е менливо и минливо. Единственото богатство кое за мене е најважно и го поседувам во изобилие е љубовта, во најширока смисла на зборот. Љубовта и нејзиното значење во сите сфери на нашето живеење. Љубов кон родители, браќа, сестри, роднини, жена, пријатели, луѓе, природа, флора, фауна и љубовта кон мојата татковина Македонија.
За мене човекот како поединец треба да се постави на пиедестал и да биде третиран како божество, а еве и зошто. Човекот е столб на секое општество. Што е неопходно тој да биде корисен за себе и општеството?
Најпрво, човекот согласно својата предиспозиција мора да се наобрази со знаење и вештини. Неговата едукација започнува со првиот ден од неговото раѓање и ќе трае до неговото оформување во областа каде се има одлучено да се посвети. Тој долг едукативен период, јас го нарекувам ИНВЕСТИЦИЈА, која во моментот на неговото оформување се претвора во ТРАЕН КАПИТАЛ НА ЗАЕДНИЦАТА. Се чувствувам непријатно кога гледам, катадневно, млади едуцирани луѓе ја напуштаат Македонија и си ја бараат среќата низ целиот свет. До кога ќе ги затвораме очите пред оваа, за мене „бела чума“ и го губиме државотворниот екстракт – ЧОВЕКОТ. Дали нашите политички лидери сè уште не можат да сфатат дека за кратко време Македонија ќе остане со два моќни столба.
1. Државна администрација
2. Пензионери
А, и така скромното стопанство веќе мака мачи како да опстане, а ЧОВЕКОТ … си заминува во неповрат.
Разбудете се врвни политичари, во земјата се креира нов буџет на Република Македонија за 2019 година. Не видов ставка, а уште помалку идеја како да го задржите младиот човек во Македонија. Би и дозволил на Владата на уште поголемо надворешно задолжување со финансиски средства, кои ќе бидат употребени за нудење можност и услови на младите луѓе да тука, во Македонија ја градат својата перспектива и својата иднина.
Почитувани читатели, барам од централните власти, оваа, идна, да направат национална стратегија за нашиот развој. За жал до денес такво нешто не сум видел, ниту осетил и имам чувство како да живееме од ден за ден, или купи ден, продај ден.
Сакаме живот, силна економија и животен стандард. Мораме да го сочуваме човекот, кој е вистински мотор и двигател на економијата и општеството во целост.
Основните столбови на оваа невладина организација кои посебно ги потенцирам се образованието, здравството и иднината.
Во идните колумни посебно ќе се посветам да образложам што значат овие три столба за нашето општество, секако давајќи аргументирано образложение.
Најболното од сето тоа е што трите столба, образование, здравство и иднина се сè уште третирани како обврска од сите изминати влади, а не како цел кон која треба да се стремиме.
Без вистинска стратегија во овие три столба ќе бидеме сведоци на секојдневно заминување на младата популација од Македонија, со што го губиме најсилниот капитал за нашата малечка држава.