Почитувани читатели, сакам да ви се претставам прв пат во мојот живот како колумнист во порталот инбокс7.
Ве уверувам дека ова за мене е предизвик кој прв пат во животот го доживувам и ќе бидам присутен секој четврток. Ќе настојувам да пишувам за теми кои ќе му дадат позитивен импулс на читателот и теми кои нема да бидат оптоварување, туку напротив реални и искрени.
Овој пат ќе напишам колумна за 13 Ноември денот на ослободување на Град Скопје.
Јас, како поранешен Градоначалник на Град Скопје по повод одбележувањето на овој ден организирав прекрасен ревијален натпревар во фудбал помеѓу ветераните на Град Скопје и ветераните на Црвена Ѕвезда од Белград.
Настанот траеше два дена и основната порака којашто заеднички ја испративме со раководството на Црвена Ѕвезда до сите жители на Град Скопје, а посебно до љубителите на фудбалот е дека пријателството мора да го негуваме и да правиме се повеќе амбиент на меѓусебна соработка и соживот, во случајов со Република Србија, а јас би додал и со сите наши соседи.
13 Ноември, прекрасен сончев ден. Сонцето грееше и продираше низ жолтеникаво-златните крошни од дрвјата и го правеше амбиентот пред самиот меч и за време на натпреварот уникатен.
И, самиот не очекував и не можев да поверувам дека толку граѓани ќе се соберат околу стадионот на ФК Работнички да уживаат во играта на ветераните. Да не заборавиме дека за Црвена Ѕвезда настапија и ветераните освојувачи на европската и светска титула. Тоа се имиња на луѓе кои оставија длабок печат во нашите животи.
Сакам тука да потенцирам за гостите од Белград, не само како добри фудбалери, туку и како луѓе наоружани со сите човечки доблести. Имињата од типот на Џаjиќ, Ачимовиќ, Панчев, Најдоски, Канатларовски, Дојчиновски, Караси, Пижон, Шестиќ, секако дадоа прекрасен шмек на целиот настан.
Бев радосен во себе, бидејќи преку изразите на лицата на присутните на мечот, ја почувствував сета нивна радост, да можат барем на кратко да се дружат со толку познати имиња кои како живи легенди дадоа простор да се сликаат, ракуваат, разговараат и дружат со публиката.
Нема да должам повеќе за овој настан, сакам најискрено да се извинам до актуелниот Градоначалник на Град Скопје што не бев доволно упорен да стапам во директна комуникација, со цел овој настан кој се случи токму на 13 Ноември денот на ослободување на Скопје, да биде покровител Градот Скопје.
Сакам да изразам огромна благодарност до господинот Дарко Панчев кој несебично даде поддршка за реализација на овој прекрасен настан.
Верувајте, чувството е навистина силно и позитивно, кога човек прави и има можност да прави убави работи са својот град, а посебно за своите сограѓани.
Завршувам со зборовите“ Да живее 13 Ноември“, денот од кога ние граѓаните на Скопје први од далечната 1944 година, ја почувствувавме слободата и самостојноста не само на Градот Скопје туку и на Македонија.