Старт на активностите на петтата генерација на Политеа

  • Home
  • Новости
  • Старт на активностите на петтата генерација на Политеа

ПОЛИТЕА е проект на ЦЕРИ насочен кон неформално образование на младите и нивно вклучување во општествените текови. ПОЛИТЕА е одлична можност за сите млади интелектуалци да бидат дел од форум во кој се дискутираат актуелните општествени проблеми и се бараат креативни начини за нивно решавање.

Првата свечена сесија на која гостин говорник беше господинот Трифун Костовски го означи стартот на активностите на петтата генерација на школата за лидерство и кариерен развој ПОЛИТЕА проект во организација на Центарот за европски развој и интеграција. Сесијата се одржа во малата сала на НУ Завод и музеј Битола која е дом на пијаното кое е донација од господинот Трифун Костовски.

Во првиот дел на сесијата извршниот директор на ПОЛИТЕА господинот Диоген Хаџи-Коста Милевски ги запозна присутните со предвидените активности за оваа генерација на ПОЛИТЕА кои ќе бидат поделени во четири модули составени од по четири сесии. Во оваа генерација на ПОЛИТЕА активно учество ќе земат 25 кандидати од петтата генерација селектирани во два круга на селекција и 20 алумни од четирите претходни генерации на ПОЛИТЕА. Како и минатите години дел од овие сесии ќе бидат достапни за пошироката јавност и за сите оние кои се свесни за вредноста на вложувањето во сопствените знаења и искуство. Активностите на оваа генерација ќе се финализираат во првата половина на месец мај наредната година со промоцијата на дипломците од петтата генерација.

Во вториот дел на сесијата присутните гости и учесници во школата имаа можност да се запознаат со кариерниот развој не еден од најуспешните претприемачи во нашата земја и пошироко. Господинот Костовски во свето излагање ги сподели своите искуства од водењето на бизнис во Македонија и во странство и ги истакна клучните производи и предности кои ги поседува нашата земја како и што е она што ние може да го понудиме на европскиот пазар. Поаѓајќи од своите видувања за моменталните состојби кај нас тој на учесниците на школата им ги посочи можностите за развој на успешни претприемачки приказни и кариери во секторите на бизнис кои допрва треба да се создаваат и ги посочи ризиците и предизвиците со кои ќе се соочат идните лидери. На оваа сесија се дискутираше и за проблемите без чие решавање нема да се создаде клима која ќе ги охрабри младите да ја одберат сопствената земја како место за градење на својата иднина.

По завршувањето на формалниот дел на сесијата присутните имаа можност да уживаат во скромен коктел и дегустација на вината од винаријата ДАЛВИНА која беше партнер на оваа сесија на ПОЛИТЕА. За аудитивното задоволство на присутните се погрижија Тони Алексовски – пијано и Марија Јовановска – вокал кои преку звуците и мелосот на староградските композиции за момент го оживеаја конзулскиот дух на Битола.

Share:

Остави коментар