Обраќање на одбележувањето 20 години фондација „Трифун Костовски“ при МАНУ

  • Home
  • Новости
  • Обраќање на одбележувањето 20 години фондација „Трифун Костовски“ при МАНУ

Почитувани дами и господа,

Блаже Конески велеше: „До кај што сум ја пренесол својата љубов, дотаму е мојата татковина …“

Секоја животна врвица, сите макадами кои нè сосретнуваат, сите препреки кои нè пресретнуваат, сите искуства низ кои минуваме за еден живот, сите недоумици, сите радости и таги, сите средби, пријатни или не, сите епизоди поттикнувачки или не, се нашето најголемо богатство за кое треба секој ден да бидеме бескрајно благодарни. Бидејќи, без тие мноштвени наративи, од најразличен вид, нема никогаш да ги осознаеме ниту човековата вредност и сето она што тој го создал, ниту вредноста на самиот живот.

А ние имаме одговорност за тоа каков е нашиот живот, каков е животот на заедницата која ја споделуваме со блиските, со оние кон кои имаме почит, со оние со кои ни е дадено да градиме взаемна доверба и да градиме општество и култура вредни за паметење.

Низ сите овие години, негувајќи ја отвореноста кон сè што е човечко, и за арно и за лошо, учев, осознавав, и се обидував да бидам пред сè човек кој ќе ги почитува и поддржува во секоја смисла на зборот вредностите што се клучни за една заедница, за таа да ги добие атрибутите на трајна, запаметена, развојна, еманципаторска, достојна заедница: а за мене клучните вредности се солидарноста, творечките надареност и одговорност, вредносните системи кои промовираат темелит, исклучителен квалитет во секој човеков двиг, во секој општествен сегмент.

Она што за мене беше најголема лекција е дека дарувањето е, всушност, комплексен процес на взаемност. Дарувањето за мене значи длабока проникнувачка релационост со другиот, со заедницата, со ближниот, со различните светови, култури. На човека му е дадено да дарува, пред сè да се дарува себеси како личност, бидејќи тоа е единствениот начин да ја почувствува целата потполност на животот, на светот. Тоа е единствениот начин да раснеме, постојано да се подобруваме, да го заслужиме нашето постоење. Срцето и умот можат да се отворат и да ги согледаат сите наличја на човековото постоење само доколку без заддршка имаат капацитет, со љубов и почит, да го слеат сиот животен крвоток во морето во коешто нема да постојат како изолирани и самодоволни острови, туку во кое несебично ќе го продолжат своето течение во содружништво со чудесните светови на другите, кои исто така имаат отворени срца и умови … кои сакаат да градат подобри светови …

Ова не е едноставна мисија за еден човечки век, оти искушенија има многу. Особено можат да се јават колебања заради природата на времето чии современици сме. Да не се залажуваме, почитувани дами и господа, драги пријатели и соборци во создавањето на подобар свет … Ова е време кога сурово и, во голема мера, обезвреднето се живее и со „пазарни“ параметри се обработува размената на идентитетите, на мислите и чувствата, на вредносните системи, на „знаците покрај патот“, како што ги нарекуваше Иво Андриќ – оној пат по кој се движи нашиот живот. Сеќавањата, мемориите, актуелностите се лицитираат. Минатото, сегашноста и иднината се во постојано менување проследено со баналноста на волјата за моќ. Реалноста на времето, високата резолуција на информацијата и на јазикот бијат битка со најниската обезвреднета резолуција на пораката и на значењето.

Токму затоа, за мене пријателството, взаемноста, заедничкото растење со исклучително даровитите и посветени творци кои се дел од Македонската академија на науките и уметностите е од многу комплексно значење. Ние сите имаме одговорност кон ова општество, кон оваа култура. Одговорност да не дозволиме да лебдиме незнајни, заробени во неможностите општеството честопати ги создава, а кои го оневозможуваат целосното остварување на творечкиот капитал што оваа земја го поседува. Културниот и интелектуалниот капитал функционираат како целовит национален и меѓународен систем, кој има верификувани, прецизно разработени стратегии и модели, што го прават стабилна категорија, жив динамичен организам преку кој не само што се обезбедува разноликоста на историјата и на националните и културните идентитети туку, преку правилното „читање“ и менаџирање на ваквиот капитал, кој е позначаен од сите други капитали, се обезбедуваат и се втемелуваат важните потпорни столбови во одржливоста на една општествена структура, која не ги исклучува и економски развојни политики.

Кога зборуваме за културата, за нејзините артефакти, за културното наследство, и за актуелните нејзини пројави, неминовно е да се запрашаме на кои начини таа може да изврши влијание во општеството. Кои се механизмите кои ќе ја направат стабилен чинител на општествената динамика? Како процесите во културата, во нејзиното формулирање, архивирање, ревитализирање и реафирмирање можат да станат од витално значење не само за консументите, за институциите, за идните чекори во рамките на националните стратегии, туку и за развивање на еден прилично актуелен миг кој е во подем насекаде во светот, а без кој културата веќе не може да опстои, а тоа е поврзаноста со градењето на поширокиот општествен капитал и на создавање на современо општество на критичка култура која ќе реагира на сите аномалии.

Затоа сакам да испратам порака и вон оваа свечена просторија, вон овој дом на сконцентрираното јадро на културниот, научниот и интелектуалниот кредибилитет – порака дека е нужно развивањето на филантропската култура, без која не може да се поткрепи ниту културното наследство ниту современата критичка културна и уметничка продукција.

Сметам дека културата, културното наследство, современата уметност, особено во нашата средина нема да може да опстои доколку не се започне со јасно зацртана мисија, која ќе го акцентира процесот на интерсекторска соработка, што подразбира длабоко, конкретно, искрено филантропско инволвирање на бизнис заедницата во поддршката на актуелните културни процеси.

Со ваквиот ангажман на бизнис заедницата, со софистицирање на корпоративната одговорност, ќе се создаде помотивиран амбиент во кој ќе имаме поголеми резултати во културната и во уметничката продукција. Амбиент во кој чувството на незадоволеност на културните потреби ќе добие нови димензии и промовирајќи културна политика којашто опфаќа поинакви модели на културно дејствување и поинакви културни трендови, што ќе нè вбројат во релевантното меѓународно семејство.

За крај, би сакал да споделам дека за мене овие 20 години беа една од најголемите животни школи кои ми отворија сосема нови перспективи за тоа што значи вистинската вредност, што значи подвигот, што значи истрајноста. За мене и за моето семејство ова заедничко патување е едно од најзначајните кои сме ги имале во животот – бидејќи на ова патување го втемеливме нашето животно кредо кое почива на принципот на одговорност и неуморно создавање на заедници. Ние веруваме дека треба сите безрезервно да се вложуваме во градењето на благородните заедници, каква што е оваа.

Дозволете ми, на крајот, сите мои недоречени зборови со кои би сакал да ја изразам благодарноста за тоа што ме примивте и мене и моето семејство во заедничката битка за создавање на подобар социо-културен контекст, да ги потпомогнам со стиховите на основоположникот на Македонската академија на науките и уметностите, Блаже Конески, со кој и го започнав ова мое обраќање:

„Ги пуштив реките да течат

дека се матни, дека мислат гласно,

и може негде некому да речат

што не сум знаел да изразам јасно.“

Share:

Остави коментар