Честит Бадник

Почитувани пријатели
Посебно оние кои ја почитуваат и празнуваат православната христијанска вера. Се наоѓаме во предвечерјето на најголемиот христијански празник ХРИСТОВОТО РОЖДЕСТВО.
Како почитувач на својата вера ги практикувам сите традиционални вредности врзани за овој голем празник.
Бадник! Денот кој во раните утрински часови е исполнет со детска врева и коледари кои одат по домовите на православните верници и ги пеат коледарските песни, што во основа го најавуваат ХРИСТОВОТО РОЖДЕСТВО.
Како дете, се сеќавам, од своја најмала доба бев дел од скопските коледари. За секое дете будењето во раните утрински часови е траума, меѓутоа за овој ден имам непроспиени ноќи од возбуда да не го пропуштам овој прекрасен чин. Во убаво исплетени и извезени торбички од мојата баба Неда, тргнувавме со брат ми најпрво во нашите маала да ги пееме коледарските песни и да бидеме наградувани со јаболка, круша, костен, орев и понекоја ситна паричка.
Мојот дом е отворен за сите коледари, нека повелат, ќе бидат почестени, а мене лично ќе ми ги вратат спомените од моето рано детство.
Бадниковата вечер, пред самата рожба Христова, беше чин на заедничка вечера на сите членови во семејството, а најголемиот предизвик беше кому ќе му се падне паричката од подготвеното бадниково лепче. Радост до небо беше кога паричката ќе ни се паднеше на мене или на мојот брат. Добитникот на паричката е среќната ѕвезда за семејството за таа година – така ја толкувавме порака од кршењето на лепчето.
Почитувани пријатели, честит Бадник и ви посакувам традицијата да ја продолжиме секако согласно условите во кои живееме. Оваа традиција е уникатна и никогаш не смееме да ја заборавиме.
Уживајте во празникот.
Со почит,
Трифун Костовски
Share:

Остави коментар