СОЛИДАРНОСТ

Почитувани пријатели,
Ние старите скопјани, кои го преживеавме земјотресот во 1963 година во Скопје, имаме посебна обврска да реагираме и да даваме несебична помош на сите настрадани од вакви елементарни непогоди.
Голготата која ја минуваат денес граѓаните на Хрватска, мене ми е многу добро позната, ама солидарноста, којашто ние Скопјани ја доживеавме во тие мигови од бившите ЈУ републики и целата светска заедница, беше уникатна. Нас, децата од Скопје не прифаќаа во домовите од Јесенице до Гевгелија, каде останувавме и живеевме во тие домаќинства, посетувајќи и училиште.
Скопје со одлука на Обединетите Нации, беше прогласен како град на солидарност. Беа ангажирани врвните архитекти и градежни инженери од светски ранг, господинот Кензо Танге, и Збигњев Циборовски, кои ги удрија темелите на модерно Скопје. И денес после скоро шест децении од тој катастрофален земјотрес, ги паметиме и живееме со градбите кои беа изградени од таа солидарна помош од целата светска заедница. Зборувам за солидарност којашто ни е толку многу потребна во денешниот исполитизиран свет, затоа не можам туку така да кажам дека едноумието од бившата ни СФРЈ за нас Македонците беше толку тешко, можеби тука лежи причината што нашите соседи од Бугарија не можат да ја сфатат големината на СФРЈ и нејзиното раководство и улогата на Тито. Колку да знаете, третиот ден после катастрофалниот земјотрес Скопје го посетија лично Тито, со првиот човек на тогашниот Советски Сојуз, Хрушчов. Во таа солидарност Бугарија ни ја подари култната Универзалната сала, што е гест за длабока почит од наша страна. Затоа апелирам до сите мои пријатели на социјалните мрежи, дајте поддршка на погодените жители во Хрватска, не мора материјална, дајте ја основната базична човечка поддршка. Покажете љубов и разбирање, само така ќе успееме да градиме вистински општества.
Благодарам што нашата Влада и Претседателот, први реагираа за оваа несреќа кај нашите пријатели Хрвати.

Share:

Остави коментар