ОБЈАВА по повод одлуката на основниот Кривичен суд за замрзнување на мојот имот и отфрлање на мојата жалба како „недозволена“.
Почитувани мои сограѓани.
Од денес ја објавувам мојата ГРАЃАНСКА НЕПОСЛУШНОСТ кон сите институции во Република Македонија, бидејќи постапките кои системот ги прави против мене и моето семејство ги надминува сите граници.
Можеби сум и единствениот Македонец кој сите спечалени пари надвор во белиот свет сум ги донел во земјава и за жал изгубил од луѓе кои се занимаваат со матни зделки, а се блиски до политичките структури.
На мојата жалба до основниот Кривичен Суд Скопје, по основ на замрзнување на мојот приватен имот, добив решение во коешто со големи букви е напишано ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕНА. Што е дозволено во нашава држава? Јас, кој сиот имот го имам стекнато со пари спечалени вон Македонија, денеска истиот ми е замрзнат, и судот ми велат дека МОЈАТА ЖАЛБА Е НЕДОЗВОЛЕНА, а додека политичари коишто недвосмислено во изминатите години говореа дека стекнале богатство колку еден успешен бизнисмен, … ама пазете од политиката!! таквите луѓе се високо почитувани во нашето денешно секојдневие.
Стојам исправено и гордо и отворено им порачувам на сите институции дека можете да ми земете се од мене, ама не можете да ми го земете достоинството и мојот непокор. Ако мислите да ме влечкате по судските лавиринти, по основ на моето неприкосновено право, јас потврдувам дека тоа нема да го дозволам со мојата граѓанска непослушност. Судството кое е контролирано од извршната власт е само продолжена рака на организираниот криминал. Во последната колумна пишував за голготата на нас Македонците. Зарем не е срамно својата лична голгота да ја доживеам во својата веќе слободна Македонија, креирана од моите Македонци.
ЖАЛНО.