Почитувајте нè како посебен народ, а ние Македонците двојно ќе ви возвратиме

СТАВ

За изјавата на бугарскиот вицепремиер Каракачанов дека „секој нормален човек што прочитал повеќе од пет страници од историјата, знае дека не постои македонски идентитет“.

Господинот Каракачанов, вицепремиер во владата на Република Бугарија на Борисов е познат на македонската јавност, а посебно нам Македонците со неговата нихилистичка реторика врзана за нас Македонците. За мене тоа не е изненадување, бидејќи главните водечки личности во Република Бугарија, претседателот Радев, премиерот Борисов, вицепремиерот Каракачанов и министерката за надворешни работи Захариева се луѓе кои не можат да ја почувствуваат динамиката во развојот на човештвото, а посебно во националното будење на малите народи, меѓу кои сме и ние.
Сакам да ги потсетам, дека од времето на балканските војни 1912-1913, потоа првата светска војна 1914 – 1918, а потоа и втората светска војна од 1939-1945 се минато, односно историја од којашто треба да влечеме поуки, во коишто нема да ги повторуваме грешките од минатото.
Секој паметен политичар којшто делува во нашето балканско опкружување мора да го земе предвид фактот дека Македонија е веќе посебна држава со изградена национална посебност на нас Македонците и дека веќе не е територија која служеше како шведска маса на државите во нашето опкружување во почетокот на дваесеттиот век, при распаѓањето на отоманската империја, а тоа се Србија, Бугарија и Грција. Ме чуди како Грците коишто се најконзервативни фанатици по националното прашање заедно со Србите ја признаа нашата македонска посебност додека нашите браќа Бугари сè уште живеат во времето на Сан Стефанскиот договор. Ако се вистински браќа како што велат тие, први ќе не препознаа и признаа. Вака после триесет години самостојност на Македонија и претходните 45 години во поранешната СФРЈ самостојност на нас Македонците се дрзнуваат да потегнат прашања кои длабоко задираат во душата на еден народ – на нас Македонците. Тие се мешаат во нашите внатрешни работи, се трудат да не асимилираат нас Македонците не избирајќи начини и постапки како тоа да го сторат.
Затоа им порачувам, почитувајте нè како посебен народ, а ние Македонците двојно ќе ви возвратиме. Ако сметате дека со негирањето на моето национално чувство ќе имаме развој на целиот регион со благосостојба на сите граѓани во регионот во идните времиња, тогаш вие со вашите ставови сте кочница за идното регионално поврзување на земјите од Балканот и заеднички просперитет. Впрочем на тоа ви укажуваат и политичарите на водечките држави во ЕУ, меѓу кои и Германија, која има многу големо искуство од историјата на минатиот век.
Историјата е наука од која треба да влечеме поуки за да не ги повторуваме грешките од минатото. Гледам дека господинот Каракачанов со неговите пет страници историја не ги извлекол базичните заклучоци. Не сум сигурен дали и со прочитани негови милион страници историја ќе ја сфати поентата и причината за постоењето на историјата како посебна наука. Заробени од минатото, не ја гледаат иднината. Тешко и на бугарскиот народ со вакво раководство.
Госпоѓата Захариева со своите ставови е нуспроизвод на актуелната власт на Република Бугарија. Не можам ниту да ја осудам, ама уште помалку да ја разберам. На мојот премиер господин Заев му препорачувам да престане да говори за односите меѓу нас и Бугарија на полето на историјата. Нека луѓето од науката Историја се занимаваат на оваа тема со нивните колеги од Бугарија. Ама едно е јасно: За мене компромис нема, бидејќи каков било компромис ќе биде на моја национално-македонска штета. Тие се мешаат во нашите внатрешни работи, ние сме само во ситуација да се браниме.
Зошто? И до кога?
Share:

Остави коментар