ОСТАВКА

Мислам дека е време да се подзамислиме и да ги акцентираме етичките вертикали на секој поединец, но и на колективот и на институциите. Со еден збор, прашањето е кое е нивото на етичките вредности во нашата земја. Особено под знак прашање би ги ставил и етичките одговорности на оние кои се на одговорни функции. Во недолгата три децениска независност, демократските принципи кои во развиените земји се практикуваат, се клучот за побрз општествен развој на државата, а со тоа и на поединецот.

Демократијата која во нашата држава се практикува како повеќепартиски систем, после 90-те години од минатиот век е сѐ уште под деструктивно влијание на бившиот ни систем од едноумието.

Ако во бившиот систем владееше едноумие, за многумина мои сограѓани, вклучувајќи ме и мене, во оваа наша нова држава владее БЕЗУМИЕ.

Знам дека демократијата не е обична лекција која треба да ја учиме само од книгите, туку мораме многу подлабоко да ја ПРОУЧИМЕ, и да ја практикуваме во нашето секојденвие. Но имам впечаток дека немаме ниту капацитет, ниту пак волја за да ја осознаеме вредноста на демократските принципи а камо ли да ги имплементираме во секојдневието.

Иако Македонија е демократска земја со повеќепартиски систем, за жал недостасуваат резултати од демократијата, која по вокација треба да промовира умни, стамени принципи за избор на поединци кои треба да извршуваат многу значајна функција во општеството.

За жал, во Македонија или поточно политичките субјекти, демократијата ја сфаќаат исклучиво како борба за власт во која што ќе ги реализираат своите партикуларни интереси, ќе им угодат на сопартијците, ќе ги уживаат сите бенефиции од освојувањето на власта, небаре се работи за привилегија дадена од Бога.

Почитувани читатели… внатре- партиските статути на постоечките големи и мали партии се така дефинирани, во кои правото на лидерот е неприкосновено и кои споредено со статутот на бившата ни КПЈ каде владееше едноумие се надоградени во заштита на ликот и делото на ЛИДЕРОТ.

Замислете, денес во Македонија има повеќе од 30-на политички субјекти! Значи, имаме исто толку и лидери. Базично прашање – лидери во што? Според своето знаење, искуство, принципиелност, доследно почитување на законите? Не почитувани мои,  егзистенцијата е во прашање, лична и на своите поддржувачи.

Каде е обичниот аполитичен граѓанин? Не треба да ве убедувам дека на сите нас ни е јасно дека тој е на маргините во нашето општество.

Сето ова го говорам за да укажам на ноторниот факт – три децении не што стоиме во место туку и назадуваме.

Прашањата за ваквата состојба се многу едноставни. Зошто ние, вклучувајќи ме и мене дозволивме ова да ни се случи! Доаѓаат неизградени личности на најистурените позиции во Македонија, без потребните квалификации, искуство и знаење за вршење на таква функција.

Колку ме држи паметењето, во целото 3 децениско функционирање на нашата татковина, имам видено само 2 оставки на високи функционери, кој поради нивна вина или пропусти во работењето, самоволно поднеле оставки. Тоа се господинот Љубомир  Фрчкоски, Министер за внатрешни работи во Владата на премиерот Црвенковски, кога беше извршен атентатот врз првиот Претседател на независна Македонија Претседателот Киро Глигоров, чиј атентат и ден – денес е нерасчистен, а вториот е Антонио Пешев, Министер за транспорт и врски, во владата на Црвенковски, заради падот на авионот на Авиоимпекс, при слетување во Охрид.

Првата оставка од Фрчкоски, не беше прифатена од Премиерот Црвенковски од за мене непознати причини! А втората беше прифатена, иако вината на тогашниот министер Пешев беше ама баш никаква, ама етиката и моралот му наложуваше да си поднесе оставка, бидејќи во дадениот момент беше на чело на ресорното министерство задолжено за воздухопловен сообраќај. Ваков случај е раритет и уникатен во нашето општествено живеење. Почитувани, етиката го натера Господинот Пешев да си поднесе оставка, што впрочем е пракса во високо развиените држави во модерниот свет.

По мене тоа е прв и последен чин на оставка на високо позиционирана личност во севкупната историја на Република Македонија!

Многу е важано да се потсетиме на една пракса која владее во Република Македонија. Од осамостојувањето на РМ до денес важи флоскулата НИКОЈ ЗА НИШТО НЕ ОДГОВАРА.

А, сега се навраќам повторно на стечајот на Еуростандард Банка.

Сакале или не после, веќе дво месечна голгота, барајќи ја правдата во институциите на државата, кои институции и натаму мируваат, не реагираат, не делуваат, со еден збор владее една злокобна тишина околу стечајот на Еуростандард банка.

Немам намера да се повлечам, трагајќи за правдата, меѓутоа имам право да упатам и посочам на конкретни чекори што треба да се првземат во овој случај.

Почитувани се работи по мене за вистински криминал со носењето на Еуростандард банка во ликвидација. Барам: Собранието на РМ да го постави на дневен ред стечајот на Еуростандард Банка по предходно направена темелна експертиза од стручни лица во земјата и странство и во случај да подолу наведените факти ги прифати како реалност, да бара оставки од целокупната водечка гарнитура на Народна банка, на чело со госпоѓата Бежоска, како и од Советот на Народна банка. Истовремено да ги алармира институциите за гонење на криминал и корупција. Да донесе одлука за обештетување на сите правни и физички лица кои биле директно или индиректно поврзани со работењето на Еуростандард Банка. Тука го имам во вид и обештетувањето кон Македонски Пошти, бидејќи оваа институција е од витално значење за руралните делови на нашата земја, а донесена во многу незавидна ситуација, бидејќи ги изгуби       55000 пензионери кои ги сервисираа и обезбедуваа каква-таква егзистенција на вработените.

Фактите се следни:

  1. Кршење на процедурите предвидени со Законот за Банки, за носење на банки во стечај
  2. Вонредната ситуација, која беше низ целиот втор квартал и последиците кои пандемијата Ковид-19 ги предизвика во стопанството, вклучувајќи ги и банките, за нас како акционери во Еуростандард Банка не важеше.
  3. Носење на банката во стечај во услови на нефункционално Собрание на РМ и нефункционална Влада.
  4. Почитувани, се работи за криминал и корупција!!!! Мораме да го сопреме ова зло  и од флоскули за борба против истото треба да прејдеме во акција. Јас ви нудам материјал за акција. Ќе повторам, ликвидацијата на Еуростандард Банка беше со единствена цел да се сокријат трагите на парите. Јас незнам каде завршиле, не ми дозволија да ги откријам трагите на парите. Се работи за пари, се работи за криминал и корупција.

Почитувани пратеници и лидери на партии, молкот од ваша страна е непримерен, од аспект како треба да се однесуваме кога одредени настани го загрозуваат секојдневието на секој поединец. Ве избравме и дел сте од Собранието на Република Македонија, ветувајќи дека ќе ги браните интересите на заедницата и на секој поединец. Во вашите политички борби, гласачот на кој му се додворувате при секој изборен циклус вие го маргинализирате! Каде се вашата етика и морал?

Знам дека единствен начин при нефункционалност на институциите  во борбата против криминалот е ПОЛИТИЧКИОТ РИНГ.

Почитувани, нема да се откажам ниту од оваа можност, да се качам на политичкиот ринг. Целта за мене ќе биде една и единствена, вистинска, а не декларативна борба против криминалот и корупцијата. Немам двојни стандарди, имам еден живот и една мисија, а таа мисија сме јас, моето семејство, моите пријатели и моите сограѓани. Да си помогнеме, во заедничката цел за ликвидирање на ова наше општествено зло. ТРЕБА ДА ДЕЛУВАМЕ…..ТРЕБА АКЦИЈА.

Share:

Остави коментар