Многумина од вас ќе се изненадат со насловот на мојата денешна колумна, што ја именував со зборот ЧЕ, всушност името е за еден од најголемите револуционери на 20 век, а тоа е Че Гевара, роден во Аргентина, дипломиран лекар, а по повик, убедување и идентитет РЕВОЛУЦИОНЕР!!!.

Неговата харизма, неговите лик и дело, дури овие последни години, светските сили во името на Соединетите Американски Држави и ЕУ, дозволија да се објават оригинални снимки од неговата богата биографија и неговото делување.

Неговиот лик, кој што во сите делови од земјината топка  е препознаен, е толку силен што дури и денес после повеќе од 53 години од неговото убиство во Боливија, станува еден од најиконичните ликови на минатиот век, кој зад себе остави низа политички последици што денес ги обележуваат не само Јужно-Американскиот и Африканскиот континент, туку и целиот свет и сите политички процеси. Копнежот да се биде посветен, чесен и храбар како Че, останува утопија за денешното наличје на политичкиот свет.

Полека но сигурно, историјата му го дава своето место во севкупниот динамичен развој во геополитичките и економски придобивки на 20 век.

Во екот на Студената војна која траеше од половината на 50-те години, сѐ до крајот на 80-те години од минатиот век, Че Гевара остана најмоќната личност во промовирањето на социјалистичките и комунистичките идеи, како најприфатливи политички системи за следните генерации!!!.

Во изминатите 4 децении во најразвиените империјалистички и неоколонијални држави, тој беше најомразен лик бидејќи беше левичар, а со своето делување ја поткопуваше приватноста на секој поединец, во интерес на целата заедница – со еден збор за цело време на постоење на комунизмот и социјализмот Че Гевара останува како најдоминантна личност за промоција на системот кој проповеда солидарност и добробит за сите, а кој, за жал е далеку зад нас.

Почитувани, малата сторија за ликот и делото на Че Гевара беше повод за мојата денешна колумна, користејќи го неговиот животен императив – постојан револуционерен порив, непрекината РЕВОЛУЦИЈА!!!.

Не сакам да бидам погрешно сфатен дека јас имам идеолошка матрица за револуција, туку го  користам зборот револуција како синоним на борба во која ние катадневно се наоѓаме, но во мојот случај таа борба е од животно значење. Погодувате? Се работи за стечајот на Еуростандард банка.

После веќе скоро 2 месеци агонија во која што настојував да ги повикам институциите во државата да се вклучат во истрагата за стечајот на Еуростандард банка, за жал молкот на институциите и понатаму е доминантен, дури и недоличен.

Почитувајќи ги законите во Република Македонија, правдата ја баравме пред Апелациониот суд, кој не одби со образложение кое не држи вода.

Од друга страна Народна банка одбива да ни даде документација која ни е неопходна за покренување на судски спорови пред надлежните  институции во земјава.

Не добивањето на бараната докуметација ни ги врзува рацете во поглед превземање на правни постапки пред институциите во Република Македонија, по основ планираното убиство на Еуростандард Банка.

Од трета страна нашата тужба пред Управниот суд беше отфрлена со образложение дека не сме правен субјект – а што сме?

Почитувани, не се сомневајте дека правдата е на моја страна, во основа се поставува прашањето како да ја докажам? Дали вам ви изгледа нормално. Се однесе банката во стечај без утврдени со закон процедури кои Народната банка мораше да ги користи. Молкот или народно кажано затворените врати на сите институции на системот сами по себе говорат дека во позадината постои нешто матно. Дали треба да се прашам себеси, а и вас, да излезам во јавноста и да кажам дека ова сусдство во Република Македонија не го признавам! Оваа реченица е многу позната од познатиот прв Бугарски Претседател Ѓорѓи Димитров, по Втората Светска Војна, кој на судењето во нацистичка Германија ги кажа точно горе наведените зборови.

Во натамошниот текст ќе наведам неколку факти, кој сами по себе говорат за тендиенциозноста за носење на Еуростандард банка во стечај.

Повеќе не сум убеден, туку сигурен сум дека зад овој безумен стечај стојат високо етаблирани интереси на поединци и групи.

Дали ви паѓа во очи дека зад бруталноста на полицијата во изминатите 10-тина дена над недолжното население, излегоа веднаш Премиерот Зоран Заев и Министерот за Внатрешни Работи, Оливер Спасовски за осуда на овој чин, додека за стечајот на Еуростандард банка каде се погодени неколку илјадници судбини имаме тотален молк, вклучувајќи ги и горенаведените два функционери.

Чудно е со која леснотија Премиерот Зоран Заев во неговото интервју во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, укажа на фактот дека во вториот квартал евидентиран е пад од 12,5% на бруто планираниот производ во РМ. Ова со други зборови е оправдување пред јавноста дека поради пандемијата од Ковид-19 имаме пад на бруто планираниот производ, каде недвосмислено за овој пад причината ја посочува кон пандемијата и вонредната ситуација која траеше во тој период.

Ова практично значи дека пандемијата Ковид-19 е реалност, која дирекно го нагризува економскиот развој, ама тоа важи за тие кои се на власт и ја имаат диригентската палка во свои раце.

За мене, како еден од акционерите на Еуростандард банка вонредната состојба од 97 дена не важеше, додека за сите правни и физички лица важеше.

Каде е правдата? Каде е човечката правда? Каде се моралот, етиката, професионалноста? Зошто дозволивте сите погоре наведени човечки доблести и добри особини длабоко да ги закопаме?

Почитувани, на крајот сакам да ве информирам дека деновиве доставив официјален допис до Собранието на Република Македонија, со кое што барам од Собранието како највисок законодавен орган и ЕДИНСТВЕН НАДЛЕЖЕН ОРГАН за контрола на работењето на Народна банка, на дневен ред на своите седници да го постави прашањето за стечај на Еуростандард банка.

Инсистирав да се направи длабока експертска анализа за процедурите кои не беа употребени од страна на Народната банка и по утврдувањето на тие пропусти да даде налог до Владата на РМ да се вклучат сите институции во борбата против криминалот и корупцијата. Најискрено народните избраници треба да преминат од зборови на дела. Криминалот и корупцијата ни се пред нос.

Дописот е доставен до сите пратеници преку  нивните координатори на пратенички групи и посебно до пратениците кои не се дел од пратеничките групи.

Почитувани, поривот на Че Гевара кај мене тлее, посебно поривот кон континуирана борба за докажување на правдата. Вие и јавното мислење во дадениов момент сте моја единствена поддршка која ја чувствувам во моето секојдневие, и ве сметам за вистински сојузник. За мене оваа борба нема да има крај, а на крајот ви  предлагам да ја прочитате песната на Славко Јаневски, ТОА СЕ ТИЕ ПОРОТНИЦИ, која денес мене ме засега, а утре можеби и вас.

 

ТОА СЕ ТИЕ ПОРОТНИЦИ

Тоа се тие поротници

грозд од зачадени глави

 

Очите си ги покриле

со сол од три мориња.

Полесно им е да не те гледаат.

 

Ушите си ги затнале

со бронза од закопани Ѕвона.

Полесно им е да не те слушаат.

 

Пуштиле нокти.

Ќе ти ја откорнат од гради

птицата на утрешната песна.

 

Ќе ја легнат птицата на оган.

Со птицата и срцето.

Со срцето и песните.

Со песните и животот.

 

Ќе си повечераат.

Сити,

ќе донесат пресуда.

Каква-

да не ви кажувам.

Share:

Остави коментар