МАКЕДОНСКАТА САМОБИТНОСТ, ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ И КОВИД 19

  • Home
  • Колумни
  • МАКЕДОНСКАТА САМОБИТНОСТ, ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ И КОВИД 19

Во последните неколку колумни пишував за Македонско – Бугарските односи, особено за некои историски личности поврзани со македонската самобитност и со развојот на националната свест.  Чувствувам дека ова прашање станува сѐ погорливо. Токму затоа, чувствувавм должност, да додадам некои нешта кои можеби ќе разјаснат некои дилеми околу моите гледишта за втемелувањето на македонскиот идентитет.

Би сакал да се осврнам на улогата на Јосип Броз Тито во нашата поблиска историја. Неговата улога, и покрај тоа што одредени антисоцијалистички и антикомунистички стојалишта сакаат да ја прикажат како авторитарна и диктатрорска во историската перспектива, несомнено е дека за нас, за Македонија, тој ја одигра клуната роља во процесот на стекнување на автономија на Македонската држава. Благодарение на него, после Втората светска војна, нашите  политички водци добија зелена карта конечно да ја формираат посебната држава (во тоа време република, в рамки на Федерацијата), која ги определи своите граници и го кодификуваше својот јазик и својата култура како посебна во однос на останатите култури. Ќе ми дозволите да кажам дека ние би требало да го чевствуваме тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, како еден од основоположниците на македонската држава. Повеќе од јасно е дека да не беше тој, македонската држава немаше да постои. Имам впечаток дека длабоко во себе ја има почувствувано нашата македонска самобитност и посебност, и токму затоа се застапи да имаме своја држава во рамките на бившата федерација СФРЈ.

На сите нас ни е јасно дека современиот македонски литературен јазик, кодифициран по сите стандарди е создаден од Блаже Конески, во соработка на многу други еминентни македонисти во тоа време, меѓу кои и Трајко Стаматоски, Крум Кепески, и тоа токму во моментот кога сме имале самостојна држава.

Болна е помислата што сѐ има претрпено македонскиот народ посебно пред Балканските војни, за време на Балканските војни, како и за време на Првата и Втората светска војна.

Историографски, во старата Отоманска империја, било прашање на време кога Македонија, говориме како географски поим, во која преовладува македонската националност ќе добие автономија и ќе го изоди патот како сите претходно создадени автономни држави, Бугарија, Грција и Србија.

Балканските војни не се ништо друго, туку обид за потиснување на македонската национална светст, култура и нејзино територијално распарчување, во кој процес делови од територијата на Македонија стануваат нераскинлив дел од Бугарија (Пиринскиот регион), од Грција (Егејскиот регион), и од Србија (Вардарскиот регион).

Како заклучок од сето ова може да извлечам дека ниту соседите, а ниту и големите европски сили мислеле дека македонското прашање треба да биде решено.

Но, со голема упорност и среќа, а и со сплет на историски и политички околности, ние таа цел ја исполнивме.

Не можам да разберам зошто од трите окупаторски сили на територијата на Македонија двете држави Бугарија и Грција, продолжуваат со силна негација на нашето постоење, и зошто не се обидат да се огледаат на Србија, која е најстара држава на Балканот и која ги призна нашите државност, јазик и националност.

Кога сме на оваа тема би истакнал две нешта.

Прво, македонските револуционери кои ние ги чествуваме, а ги чествува и Република Бугарија, ќе бидат камен на сопнување за нашето идно пријателство. Ако сакаме да градиме иднина, мора да имаме многу поширок видокруг, хоризонт, за тоа каде сакаме да се движиме и која ни е главната цел.

Нека не остават Бугарите да ги чествуваме нашите револуционери, онака како ние ги доживуваме. Тоа би бил современ политички гест од нивна страна. Воедно, во тие комплицирани времиња, кога и границите не биле толку прецизно раздвоени ниту, пак, националните идентитети толку децидно артикулирани, јасно е дека многумина македонски дејци се школувале и живееле во Бугарија. Иако тоа никако не ги прави бугари, сепак тие дејствувале и на таа територија, и во тоа интелектуално и општествено миље оставиле трага. Затоа, нема никаков проблем и во Бугарија да се чевствуваат. Но, нека не ни го одземаат нашето право, како што се обидуваат да го направат со децении а и подолго.

Уште една тема која би сакал да ја покренам е онаа која се однесува на македонското население кое живее на територијата на Бугарија и Грција, а кое е замолчено и непризнаено.

Како е можно во годините по Втората светска војна од официјалните власти на Република Бугарија да биде признато македонското малцинство, каде што на првите пописи се појавува бројка од преку 100 000 македонци, кои денес со политичка гума се избришани. Па токму тоа беше и повод што бившата ФНРЈ одби да наплати репарации од Бугарија за злосторствата што ги имаа направено за време на Втората светска војна, бидејќи сметавме дека дефинитвно се појавува правото на слобода, јазик и национална припадност. Одбивањето на репарациите  беше клучниот елемент за признавање на Македонија и македонската национална самобитност.

На крајот би додал дека нашата Академија на науките и уметностите, до пред три години имаше прекрасни односи со Бугарската академија на науките, во времето кога претседатели беа академиците Таки Фити на МАНУ и Стефан Воденичаров на БАН. Во една официјална средба господинот Воденичаров изјави дека кога го слуша македонскиот јазик, му звучи како најромантичен славјански јазик. Ова го говорам во контекст на сарказмот кога господинот Борисов на Самитот во Загреб рече дека „сигурно не очекувате дека јас ќе зборувам на македонски“.

Господине Борисов, ве познавам лично и имам висок респект за вас, но во македонскиот покрај официјалниот македонски литературен јазик постојат многу дијалекти, па без желба да ве повредам би рекол дека вашиот литературен бугарски јазик мене ми наликува можеби на подалечен, но во основа на македонски дијалект.

Во последниот дел од мојот запис би сакал да се осврнам на епидемијата која е непредвидлива, а е непредвидлива бидејќи ништо не знаеме за вирусот кој е многу опасен, напаѓа луѓе со нарушен имунитет и бара нужно одржување дистанца.

Мојот став е дека карантинот мора да биде дел од нашето секојдневие, а парламентарните избори се исто така неопходност, бидејќи нашата држава бара функционалност на сите институции. Токму затоа мојот предлог е доколку се организираат предвремени парламентарни избори, тие избори да траат неколку дена, со цел секој граѓанин да има можност и да ја изрази својата волја почитувајќи ги и препораките на Светската здравствена организација.

Доколку уставот на Република Македонија тоа не го дозволува, тогаш неминовно е прво да се справиме со овој подмолен и опасен вирус, па потоа да излеземе на избори. Меѓутоа ваквата лимбо состојба во која не демне опасен вирус по животот на граѓаните, која ја детерминира економијата да оди удолу, со несогледиви последици и згора на тоа имаме само техничка влада, што народот би рекол  рогови во вреќа, од лошо полошо неможе да биде.

Ги молам сите учесници во јавниот живот на Република Македонија да дадат свој придонес, а уште повеќе да покажат разбирање за ситуацијата во која се наоѓаме.

Не можам да ја завршам колумната со позитивна порака, бидејќи во моментов не гледам излез од ова црнило. Оставам времето, а со него и луѓето, повеќе да проникнат во реалните потреби на секој поединец и на зедницата во целост и да се изнајде разумно и безбедно решение кое ќе ја вообличи нашата понатамошна иднина.

И на крајот би завршил со песната од Блаже Конески:

До кај што сум ја пренесол

својата љубов

до таму е мојата Татковина

А вие, Еј!

на што сте мислеле

да ја сведете

Share:

Остави коментар