Деновиве, сметам дека е нужно да се проговори за актуелните и тензични одсноси со нашиот сосед Република Бугарија, особено по прашањето за нашиот национален идентитет, нашата национална самобитност, јазикот, историјата, а сето тоа во свелото на нашата можност да станеме дел од Европската унија. Сметам дека е моја, но и заедничка одговорност да ги промислуваме и артикулираме овие прашања, кои со децении се надвиснати врз односот со нашиот сосед.
Јас го почитувам правото на секој поединец својата национална припадност и определба да ја верификува според своето чувство. Убеден сум дека во Македонија постојат граѓани кои се декларираат отворено како бугари. Повторувам, тоа мене воопшто не ми смета, меѓутоа многу ми смета кога припадниците на бугарската националност мене ме идентификуваат како брат или сестра, или одземајќи ми го правото на своја идентитетска и национална самобитност.
Повод повторно да се навратам на ова прашање е неодамнешната изјава на Денко Малески дека Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков се бугари. Колку што ми е мене познато господинот Малески е правник и верувам дека како научник имал можност да проучува архивски документи од крајот на 19 век и со тоа да носи заклучоци за делата и нивната национална припадност. Отворени прашања за господинот Малески….колку за вас значи зборот PANTA REI и што за вас значи зборот ЕВОЛУЦИЈА, дали постои ЕВОЛУЦИЈА во процесот на создавање на македонскиот национален идентитет и на крајот, кои биле државите кон крајот на 19 и почетокот на 20 век на Балканот? Македонската држава не постоела, исто и македонската националност не постоела. Да повторам, јас имам завршено економски факултет и сум стопанственик, но чувството на Македонец ми е толку длабоко вкоренето што не постои сила која мене или моите најблиски ќе може да ги преименува во Бугари, Грци или Срби.
Господине Малески дали можете да претпоставите дека Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев не можеле да се идентификуваат на друг начин, бидејќи немале сопствена држава. Повеќе од јасно е дека тој период бил поприлично конфузен. Нашите интелектуалци се школувале во Русија, Бугарија, Швајцарија. Јазикот, како идентитетска одредница преку која се прават разликите помеѓу нациите, се уште не бил до крај кодификуван, но нашите просветители посветено се застапувале да се направи таа разлика. Таа разлика, која и тие ја чувствувале, не била само територијална туку и културна.
Според мене, Крсте Петков Мисирков е столбот во идното кодификување на современиот македонски јазик, кое го дообличи Блаже Конески, во веќе ослободената и правно востановената држава после Втората светска војна. А за делата на Гоце Делчев, како најистакнат револуционер во Внатрешната македонска револуционерна организација – ВМРО, и кој бил образуван и културно и политички од врвните швајцарски интелектуални струи помеѓу социјалистичките и анархистичките кругови, не треба многу да се зборува, бидејќи тоа го знаат и првооделнците. Тој се бори за македонците кои до тогаш не постоеле. ВМРО како такво не е ВБРО- Внатрешна бугарска револуционерна организација, туку македонска.
Комисијата формирана од македонска страна во поглед толкување на македонската историја заедно со бугарските историчари не треба да отстапува ниту педа од фактите за нашата историја. Луѓето како Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков, Јордан Хаџи Константинов-Џинот и останатите, доколку не ги почитуваме како наши, значи и самите се негираме како нација. Тогаш ќе бидеме како дрво засадено во песок, без вода и корени, кое ќе биде веднаш уништено. Не гледам причина бугарите да ги слават овие личности, но нека ни дозволат и ние да ги славиме, со цел да го зајакнеме нашето национално битие. Нашиот јазик е признат како посебен во Обединетите нации, кодифициран, го зборуваме, пишуваме, создаваме историја токму на јазикот македонски, а јазикот македонски е столбот на нашата национална самобитност.
Бугарите кои што не сметаат за браќа и сестри, ја покажаа својата „добронамерност“ кон нас за време на Втората светска војна, кога го застапуваа фашистичкиот фронт и кога беа крвнички ориентирани кон нашиот народ, а особено кон Евреите во Македонија, по број над 7000, кои беа депортирани од страна на бугарските власти во логорите на нацистичка Германија, додека Евреите кои живееа во Бугарија останаа фала му на бога нечепнати.
Сакам да заклучам господине Малески македонското национално чувство не го разнебитувајте. Доколку можете да помогнете во неговиот развој, а верувам дека можете, тоа би било многу корисно.
Не би сакал да ни се повторува историјата дека ние македонците страдаме сами од себе, особено од интелектуалниот дел на моите сонародници.
Историчарите кои работат во комисијата за преговори со бугарите околу нашата историја, нека го земат предвид ставот на господинот Малески, но нека го земат и мојот став како орудие за напад и одбрана на нашата историја.
Не би сакал да се чувствувам како туѓинец на своето огниште бидејќи сум и ќе останам МАКЕДОНЕЦ.