ЗА ПРИЈАТЕЛСТВАТА

Мислам дека ова е вистинскиот миг кога треба да се ослободиме од притисокот кој влегува во нашите домови предизвикан од предвремените парламентарни избори. За мене има нешто што е многу побитно од тоа, бидејќи не можеме да градиме стабилна општествена заедница ако не знаеме да градиме мали пријателски заедници.

Повод за ова беше една моја куса средба со Данило Коцевски, кој е еден од ретките хроничари на историјата на Скопје, па следствено и на пријателските приказни кои се развивале низ Скопската историја. Пријателите кои ги стекнав во моето најрано детство се моето најголемо богатство. Бидејќи, да се негува пријателството, па дури и со оние со кои неретко ни се разидуваат мислењата, со кои имаме различни професии и интереси, па дури и политички ставови, е најважно од сѐ. Бидејќи проникнувањето со луѓето се одвива врз други односи, а се темели врз единство на различности.

Со моите пријатели повеќе од 60 години ги делиме световите, и слични и различни. Темите кои ги споделуваме еволуираат и се менуваат со годините кои ги минуваме. Во најраните детски, а потоа адолесцентни денови, љубовта, или скриените надежи за љубовта се основните теми кои ги разменувавме. Во времето кога оформувавме семејства, темите секако беа поврзани со семејните предизвици, со радостите, славењата, рожбите. Потоа, децата ни пораснаа, и почнаа да одат по нашите животни врвици – самите почнаа да создаваат семејства, и темите на разговор полека се менуваа. Денешните разговори со моите најблиски пријатели, како одминуваат годините, се поврзани со сопственото здравје, здравјето во семејството. Ова се темите кои меѓусебно пријателите ги споделуваат.

Во меѓувреме многу нешта практикувавме кои дополнително ни даваа социјализирачка и комуникативна вредност: двапати во неделата задолжителни взаемни фудбалски мечеви, и уште поздолжителните постфудбалски дружби во кафеана. Заеднички ги прославувавме сите успеси на Кометал Ѓорче Петров. Нѐ красеа дружбите за време на летните одмори, кои ги поминувавме во прекрасни разговори, но и спортски и социјални игри. Ниту една Нова Година не бевме одвоени. Секогаш заедно ја испраќавме старата и ја дочекувавме Новата Година.

Тоа се нештата кои со текот на времето толку длабоко нѐ поврзаа, што нашата комуникација и ден денеска е многу силна, а взаемната грижа е приоритетна. Другарувањето имаше бесконечно многу незаборавни мигови. Тие секако припаѓаат во сферата на интимноста, но би сакал да извлечам една општа констататција.

Пријателството не е прашање на пазарна размена. Тоа се стекнува со макотрпна посветеност и се гради низ целиот животен пат. Пријателството е подвиг. Бидејќи пријателите не ни се дадени по крв туку по избор. И затоа имаме уште поголема одговорност за нашиот избор.

Зошто сакам парадигмата на пријателството да ја ставам наспроти парламентарните избори кои ни се на прагот. Јасно е дека кај нас, особено во предизборните кампањи, до бестијалност се разјарува омразата кај политичарите, не бирајќи погрдни зборови на омраза за противникот. Би сакал да упатам молба до политичарите да бидат повнимателни со формулациите и со вокабуларот. Демократијата подразбира аргументирана и култивирана дебата, а не навреди. Навредите ме погодуваат дури и кога не се кон мене упатени. Едноставно, ме вознемируваат и кога ги слушам како си ги упатуваат луѓето взаемно со огромна неодговорност кон јазикот, кон културата, кон граѓаните.

Мојата природа, моите императиви подразбира почит кон секој, па и кон противникот, и култура на дијалог која ќе доведе до јакнење на заедницата што ќе почива врз она кое го нагласив на самиот почеток, а што е суштина на секоја слободна, демократска и квалитетна заедница –  принципите на единство на различности.

Share:

Остави коментар