Вообичаено Македонија во последните две декади поминува период на многу изборни циклуси, кои редовни, а кои вонредни. Длабоко по мене, изборите се важен и пресуден чин за потврдата на едно демократско општество, во соочекување дека ќе се изнедрат стамени луѓе во склоп на своите партии и ќе започне суштественото системско градење и втемелување на општеството. Гледајќи ја актуелната политичка сцена, и политичарите кои ќе бидат носители на овие избори, сакам да верувам дека новата влада ќе успее да создаде вистински тим кој ќе го забрза процесот на нашето придвижување и влегување во НАТО и ЕУ. Не сакам да бидам погрешно сфатен, но сметам дека изборите многумина од нас ги доживуваат само како безочно освојување на моќта, а не благородно вложување за еманципаторската и современа иднина на нашата земја.
Сакам секогаш да останам умерен оптимист дека еден ден оваа промена во политичката култура ќе се случи. Најавените предвемени парламентарни избори за април, ги покренаа веќе машинериите на сите државни и политички субјекти, и оние значајните и оние безначајните. Што ќе се изнедри после овој циклус, не знам, но навистина сакам да верувам дека конечно ќе го најдеме нашиот пат во градењето на сопствената држава, каде ќе владеат правото и законите за секој поединец независно од неговиот статус и функција. Пред законите и уставот на Република Македонија сите сме еднакви. На повидок е финализирање на голготата која веќе две децении ја посакуваме и се застапуваме за нејзиниот позитивен исход – влегувањето во НАТО алијансата.
Влегувањето во НАТО треба да биде од круцијално значење најнапред за безбедноста на нашата држава. Но, едновремено, тоа ќе нѐ натера повеќе да размислуваме за забрзувањето на процесот, кој ќе нѐ направи рамноправни административни членки на Европската унија. НАТО не е само воена организација, туку таа е организација која инсистира на владеењето на правото во секоја земја членка. Лично сметам дека со влегувањето во НАТО структурата, Македонија сакала или не ќе мора да биде проактивна во имплементирањето на вредностите кои денес го оплеменуваат современиот свет. Тоа е пред сѐ независното судство, кое, всушност, е или основа за функционирање на вистинска и достоинствена правна држава или основа за коруптивниот модел на државата.
Денес во Македонското собрание се кршат копја меѓу власта и опозицијата со цел да се донесе законот за обвинители. Морам да признаам дека се чувствувам непријатно кога се развиваат секакви тези, блокади или избрзани донесувања за ваквата одлука. Лично сум убеден дека ако пратениците во нашето собрание смогнат сили да се договорат и да го изгласаат овој закон, нештата ќе се променат на подобро. Меѓутоа, од друга страна, и нереализирањето на оваа одлука во парламентот, за мене не значи голем проблем, бидејќи минатото нѐ учи дека факторот време за нас не е најбитната алатка во остварување на нашата цел. Дали со овој закон ќе станеме вистински правна држава во која ќе се почитува владеењето на правото, не сум сигурен, затоа што сите влади од осамостојувањето до денес, овој клучен сегмент на нашето општество сакале да го контролираат. Затоа имаме корумпирано општество.
Дали имаме сили да сфатиме дека стабилно општество не може да постои без независно судство. Или можеби сите знаат но не им одговара тоа да го имплементираат.
Патот кој ни претстои во Европската унија после влегувањето во НАТО алијансата, ќе ни биде многу потежок, бидејќи сите ние, граѓаните во Република Македонија, а особено политичарите од највисок маштаб, мора да настојуваме тој пат да го изодиме стамено и со побрзи чекори. Минаа времињата кога Европската унија се ширеше со многу пониски критериуми и со леснотија. Свесни сме дека и таа има свои недостатоци и дека се соочува со разни турбуленции меѓу кои и Брегзит. Општиот впечаток кај граѓаните во Македонија е дека ЕУ поставувајќи ги барањата кои треба да ги имплементираме, е своевидно поигрување со нас. Македонија ниту како содржина ниту како бројност на население не е товар за ЕУ. Но, сепак, тоа е единствената заедница во Европа која е во моментов опција за нашата стабилност.
Мојата порака е и Брисел, сепак, да биде пофлексибилен, бидејќи ние сме млдао и кревко демократско општество, а зборот демократија се применува едвај три децении. Заедно со нив ќе можеме да ја разбереме и да почнеме да ја практикуваме вистинската демократија и ќе можеме да се вклопиме многу поедноставно во модерните текови на развиениот Европски континент.
Се разбира, и јас сум погоден од ваквиот однос на Европската Унија кон Македонија. Бидејќи многу земји членки на Унијата денес, меѓу кои Бугарија, Румaнија, Прибалтичките земји, беа далеку помалку спремни, и политички и економски, да влезат во Европската унија.
Од искуството втемелено во мене, Македонија нема друга алтернатива освен членство во Европската унија. Затоа, секој поединец во нашата земја, треба да се труди што поскоро да пристигнеме до оваа посакувана дестинација, што во основа не значи дека веднаш во Македонија ќе почне да тече мед и млеко, туку ќе ни даде шанса за побрз, динамичен и вистински напредок за стопанството во рамки на Унијата, каде што не постојат бариери во поглед на движењето на стоки, услуги и луѓе. Би завршил со пораката до лидерите на водечките партии во македонскиот и албанскиот блок: нужно во својот вокабулар да ја искоренат омразата и непочитувањето. Не станува збор за партикуларни интереси за освојување на полето на моќта, туку станува збор за иднината на сите граѓани на ова парче земја кои ја делат истата судбина.
Не случајно ќе ја споделам поговорката дека со договор и куќа ќе изградиме, а тоа значи дека со договор и државата можеме да ја изградиме и да ја претвориме во дом благороден, прегрнувачки и солидарен за сите граѓани.