ПАТОТ НА ЈАГУЛАТА

Можеби за многумина невообичаено, меѓутоа би ја започнал оваа колумна со обид да ги поврзам општествените и политичките динамики со биодиверзитетот, бидејќи општествените системи треба да учат од биолошките системи и структури. Акцентот би го ставил на еден чудесен наратив поврзан со биодиверзитетот во Охридскиот регион, со флората и фауната во Охридското езеро и во кратки црти би го раскажал патот на јагулата која е вдомена во Охридското езеро. Размислувајќи за „синдромот на јагулата“ ми се наметнува прашањето до кој степен општеството, па и цивилизациите ќе можат да бидат во хармонија со нештата кои се парадигма за суштината на нашиот живот во релација со природата.

Јагулата е една од ретките риби кои живеаат и во слатките и во солените води. Нејзиниот пат започнува во извориштето на Дрим, а оттаму продолжува низ Јадранското море, Јонското море, Средоземното море, го минува Атлантикот и се вгнездува во Саргасовото море каде што ги вкотвува своите икри, по цена на својот живот. Со раѓањето на своите наследници таа умира. Од икрата се изнедруваат младунчиња на јагули кои во одреден период стануваат доволно силни за да го врват патот по кој дошле нивните родители, враќајќи се во Охридското езеро. Ќе се согласите, верувам, дека ова е чудесна приказна за одредени мемориски траги, наследни инстикнтивни карактеристики на рибите, кои би сакал да ги пресликам во нашето општествено постоење.

Ние граѓаните, на Република Македонија, сме насекаде присутни низ светот. Заминувањето, напуштањето на татковината е од егзистенцијални причини, од порив за поширока промоција во светот. Но, впечатокот е дека сѐ помалку го имаме инстинктот на јагулата за враќање. Не би сакал да имам арбитрарна позиција, никого да навредам ниту да осудам. Но би сакал да укажам дека кај одредени народи на земјината топка е поразвиен „синдромот на јагулата“, отколку кај нас.

Многумина денес, почнувајќи од студенти или други струкови кадри, си заминуваат со патен билет во еден правец, барајќи ја својата иднина, безбедност и егзистенција во земјите што тоа го нудат. Најболното од сето тоа не е самото заминување, туку фактот дека веќе втората или третата генерација го губат чувството за национална припадност и за родољубие. Ваквото сознание е многу вознемирувачко бидејќи сме мала нација, а катадневно се втолпуваме себеси во глобалните динамики низ кои го забораваме нашиот коренит идентит.

Антипод на оваа наша реалност е прашањето на Евреите. Кај нив далбоко е вкоренет инстинктот на јагулата. Повеќе од 2000 години, избркани и раселени од своите огништа талкаа низ светот, бидувајќи изложени на посилни или помали погроми. А, сепак, успеаа да ја сочуваат својата култура, својата вера, својот милениумски идентитет. Најголемиот парадокс по прашањето на Евреите е тоа што најголем дел од нив емигрираат во Европските држави, а токму во Европа ги доживеаа најголемите погроми и прогони. Релативно ново оформената држава Израел е, всушност, решение да се стави крај на таа Голгота и и да се создаде дом, после 2000 години талкање и страдање. Тоа враќање кон домот ги чинеше многу крв, многу жртви… Но нивната детерминираност успеа.

За мене е парадоксално прашањето зошто денес Израел е спротиставена на целиот арапски свет, вклучувајќи го и Иран. Не сум експерт во однос на историските и гео-политичките динамики помеѓу блискиот исток и Израел, но чувствувавм некаков парадокс и апсурд. Колку што ми е мене познато, од историска перспектива, немало некои поголеми раздори помеѓу Евреите и Арапскиот свет . Токму затоа е уште почудна и понеприфатлива оваа нова игра на моќ помеѓу Арапскиот свет и Израел.

Позната е старата Римска парабола: „раздели па владеј“. Можеби тоа е одговорот на сите овие несакани меѓучовечки и политички динамики кои владеат на Блискиот исток.

Факт е дека големите империјалистички сили и постоклонијални центри на моќ ги креираат мапите на поделби и омраза помеѓу народите, особено помеѓу оние кои се блиски и по културата и по политичката историја. А тоа е мотивирано од интересите на моќните. Јасно е дека Блискиот исток има во изобилие витални ресурси како нафта, гас. Се разбира дека некои од големите центри на моќ сакаат да ги поседуваат и контролираат. Но се прашувам, нужно ли е да се стане бестијален и заради интересот и моќта да се жртвуваат илјадници невини животи. Тоа укажува дека личниот интерес станува поважен од човечкиот живот.

На крајот би сакал да се навратам на „синдромот на јагулата“, без да навлегувам во геостратешките интереси на оние центри на моќ. После 2000 години талкање и прогон, Евреите успеаа да го остварат копнежот на јагулата за враќање во својот дом. Се прашувам, дали ние, од Македонија, кои толку многу говориме за важноста на идентитетот, сепак ќе покажеме на дело, како и јагулата, дека ни е важно да го препознаеме и градиме заедничкиот дом.

Заминувањето од Македонија е и нужност, но и линија на помал отпор. Се разбира дека клучен причинител на масовното иселување е политичкиот систем и недоветното владеење и водење на државата. Оваа „независна Македонија“ го украде и избриша „инстинктот на јагулата“.

Share:

Остави коментар